Македонскиот бизнис сектор на свечен прием во Торонто

 

 

Генералниот конзулат на Република Македонија и „Македонија 2025“ вчера во Торонто организираа свечен прием на кој присуствуваа претставници на македонскиот бизнис сектор, претставници на Одборот на директори на „Македонија 2025“ и голем број угледни канадски бизнисмени. Меѓу присутните беше и успешниот канадски бизнисмен со македонско потекло Џон Битов.

Настанот беше поддржан од Македонската бизнис асоцијација во Канада, а присутните имаа специјална можност да дегустираат дел од асортиманот на македонски вина од Винаријата „Стоби“, како и призводи од македонски производители присутни на канадскиот пазар.

Генералниот конзул на Република Македонија во Торонто, Драган Ѓурчевски во своето обраќање ја потенцираше потребата од постојано негување и зајакнување на дијалогот со бизнис заедницата и приватниот сектор, заради остварување на заедничките цели и постигнување на економски раст и развој на Република Македонија.

Ѓурчевски подарувајќи му македонски штит-симбол на вечноста на претседателот на Одборот на директори на „Македонија 2025“ Мајк Зафировски, му се заблагодари за досегашната посветеност и му посака уште долги години работа во насока на промоција на Македонија ширум светот и помош во градењето посилна нација.

Приемот беше организиран со цел остварување поблиски бизнис контакти помеѓу претставниците на македонскиот бизнис сектор и канадските бизнис претставници, разгледување на можностите за отварање бизнис во Македонија, презентација на „Македонија 2025“ пред македонската дијаспора во Канада, како и промоција на претстојниот Глобален инвестициски самит – 2013 што ќе се одржи во октомври во Охрид.

најчитано сега