Сервер и Џозеф: Не може да се предвиди дали може да се реши спорот со името

 

Според американските аналитичари Даниел Сервер и Едвард Џозеф, спорот за името што ја попречува интеграцијата на Македонија во НАТО И ЕУ е комплициран за решавање и тешко е да се предвиди дали и како може да биде надминат.

Во интервју за Гласот на Америка, Даниел Сервер од Катедрата за постдипломски меѓународни студии при Универзитетот Џонс Хопкинс во Вашингтон, вели дека во моментов не гледа решение за спорот со името.

- Македонија би требало да стане членка на НАТО под референцата - поранешна југословенска република Македонија, како што и се наведува во Привремената спогодба и верувам дека треба да биде направено.  Би сакал да можам да ја убедам мојата влада во тоа, која мислам дека истото и би го дозволила, но проблемот е дека треба да стори повеќе од тоа - треба да ги убеди Грците да го дозволат истото.  Би сакал да ја видам Македонија во НАТО, дури и со нерешено прашање за името, а да се приклучи на ЕУ само кога ќе го реши.  Ова јасно го разбираат сите македонски политичари, дека нема влез во ЕУ без решение за името, наведува Сервер, поранешен аналитичар на Американскиот институт за мир.

 Едвард Џозеф од  Центарот за трансатлантски односи при Универзитет Џонс Хопкинс, пак, вели дека членството на Македонија во НАТО е готова работа, но штом ќе се реши спорот со Грција.

- Проблемот е комплициран, како што е секогаш со Атина, затоа што никогаш не е добро време за решение.  Или владата во Атина е силна, или пак земјата е на раб на избори и не треба да се притиска, или - како што е сега - се наоѓа во криза.  Секогаш има изговор, причина.  За жал, тоа ја остава Македонија без добар пат, освен доколку не најде начин со медијаторот за некакво решение, истакнува Џозеф. 

 

најчитано сега