За македонските компании 40 милиони евра од Регионалниот фонд за иновации

 

Вкупно 40 милиони евра ќе им бидат достапни на македонските компании преку Регионалниот фонд за иновации чија канцеларија во Скопје од денеска и официјално почнува со работа.

Како што соопшти вицепремиерот Владимир Пешевски на заедничката прес-конференција со директорот на Канцеларијата Татијана Забасу и претставникот од Делегацијата на ЕУ Мартин Клауке, средствата се пред се наменети за старт-ап бизнисите, малите и средните претпријатија.

Македонија е прва земја потписничка на Договорот за основање на Регионалниот фонд кој освен во Скопје канцеларии има и во Белград и Загреб.

- Владата го препозна значењето на основањето на Регионалниот фонд како комплементарно на Програмата за унапредување на иновациите, за подобрување на конкурентноста на економијата и на деловната клима, и веднаш се приклучи кон оваа иницијатива. Веруваме дека преку канцеларијата на Фондот на македонските компании финансиските средства ќе им бидат многу подостапни, а ќе се олеснат и административните процедури, рече Пешевски.

Регионалниот фонд за иновации финансиски ќе партиципира со висина на средства од 25 до 49 отсто од сопственоста на компаниите при што ќе бидат инвестирани 500 илјади до два милионa евра по компанија.

Преку Фондот, истакна вицепремиерот Пешевски, претпријатијата ќе имаат можност да добијат директни финансиски средства кои би ги инвестирале во развој на технологии, подигнување на квалитетот на производите и услугите, со што ќе се подобри нивната конкурентност на локално, регионално и европско ниво.

- Сакаме да инвестираме тука, во Македонија, зашто наидовме на многу талент и иновации кои може да се развијат во голема конкурентност. Сакаме да ги слушнеме идеите и предлозите на компаниите, тие во секое време може да дојдат кај нас, но за поголема нивна информираност и ние постојано ќе организираме соодветни средби, напомена Забасу.

Регионалниот фонд за иновации е резултат на заложбите на Европската комисија и Европскиот инвестициски фонд, а е проектиран на вкупно 140 милиони евра со кои се опфатени и Србија, Црна Гора, Хрватска, БиХ, Албанија и Косово.

 
 
12.11.2015 - 12:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега