Иванов:Потребни се конкретни активности за надминување на последиците од климатските промени

Декларативноста да се преточи во конкретни мерки за акција за намалување на климатските промени и ублажување со последиците од нив. Неопходен е климатски договор кој ќе биде обврзувачки и применлив за сите земји, порача претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов на состанокот на Националниот совет за одржлив развој, што се одржа денеска во пресрет на претстојниот Климатски самит во Париз.

- Се залагаме за усвојување меѓународен, научно издржан и правно обврзувачки климатски договор што ќе биде амбициозен и ќе биде применлив за сите земји. Воедно, сметаме дека овој договор треба да биде холистички, сеопфатен. Тоа подразбира договорот да содржи конкретни активности за ублажување на последиците од климатските промени, адаптација кон климатските промени, начин на спроведување, и транспарентност на активностите и поддршка. Со други зборови, во Париз треба конечно да го затвориме кругот на одговорност, рече Иванов потенцирајќи кои се очекувањата од претстојниот самит за климатски промени.

Додаде дека е јасно оти во овој момент, по терористичките напади во Париз, безбедносните прашања го преокупираат вниманието на државите, што, како што рече, може да придонесе за посветување помало внимание на одржливиот развој и на климатските промени, но посочи, тоа не значи дека треба да се изгуби од вид дека климатските промени се дел од предизвикот за човечката безбедност.

- Во моментов Европа се соочува со мигрантска и бегалска криза. Но, Обединетите нации најавуваат и климатски бегалци и мигранти, кои можат да бидат и неколкупати побројни. Затоа ни е потребен таков договор, истакна македонскиот претседател. 

Иванов како претседател на Република Македонија ќе ја предводи македонската делегација на Климатскиот самит во Париз, каде на 30 ноември ќе учествува на лидерскиот сегмент.

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, кој е претседавач со Националниот совет за одржлив развој, се согласува дека на претстојниот самит треба да се донесе документ кој ќе преставува глобален водич во оваа област. 

- Последиците од глобалните промени не можат да се ограничат во рамки на границите на една држава. Затоа потребна е координирана заедничка акција како на национално, регионално, така и на мултилатерално ниво, истакна Пешевски 

За претстојниот самит во Париз, истакна вицепремиерот, Македонија веќе ги има подготвено соодветните национални програми за намалување на климатските промени.

- Согласно овој документ предвидено е да се намалат емисиите на јаглероден диоксид од согорување на фосилни горива за 30 проценти односно во поагресивното сценарио за 36 проценти до 2030 година. За реализација на сценариото за ублажување на климатските промени потребни се дополнителни инвестиции проценети над 4 милијарди евра, а за поагресивното сценари од 4,5 милијарди евра, истакна Пешевски. 

Луиза Винтон, резидентен координатор на ОН во Македонија, истакна дека иако Македонија не е голем проидонесувач во емисиите на јаглерод диоксид кои предизвикуваат промена на климата и катастрофи, сепак, како што рече, се соочува со висок ризик од последиците на климатските промени.

Истакна дека и во Македонија, но и на глобално ниво потребата од итна акција е многу јасна. Потребно е, додаде Винтон, да се изнајдат алтернативни начини со помала емисија на јагглерод диоксид за економски раст и просперитет. Смета дека е потребно да се обезбеди и овде, како и секаде во светот, полтиката за спречување на климатски промени да не остане само на хартија туку тие да се спроведуваат за да се сочува планетата од климатските промени. 

Франциската амбасадорка во Македонија Лоренс Оер како и останатите учесници на денешниот состанок на Советот за одржлив развој смета дека мерките треба да се преточат во акции кои треба да се координирани не само на национално, туку и на регионално и глобално ниво, како и  дека договорите треба да бидат обврзувачки за сите.

 
 
18.11.2015 - 14:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега