Оер: Не се разговара за враќање на визите, туку за заштита на Шенген зоната

Борбата против тероризмот е глобална борба во која сите држави се вклучени и соработуваат. Не се водат некои посебни дискусии во врска со прашањето за визите на државјаните од балканските земји, ниту за преиспитување на можноста за слободно движење, туку се работи за една глобална проблематика за заштита на Шенген-зоната и за нејзината ефективност, пренесе МИА.

Ова го изјави амбасадорката на Франција во Македонија Лоренс Оер во интервју за МИА.  

- Борбата против тероризмот е глобална борба во која сите држави се вклучени и соработуваат. Станува збор за вооружени криминални мрежи чиешто дејствување е насочено кон дестабилизација на демократските општества. Атентатите во Париз претставуваат грозоморен напад и затоа беа преземени исклучителни мерки за пронаоѓање и казнување на виновниците, вели Оер

Амбасадорката Оер нагласи и дека нападите во Париз се рефлектираа и на надворешната политика, особено кога се работи за интензивирањето на воздушните напади против ИСИС која ја презеде одговорноста за смртта на 129 невини луѓе,  како и за меѓународната соработка на тој план.

Во однос на истрагата за нападите од 13 ноември таа посочи дека информациите потврдуваат оти еден од терористите имал лажен сириски пасош и затоа истрагата вклучува интензивна и постојана соработка меѓу нашите држави и нашите полициски служби.

- Дозволете ми да повторам дека патот низ Балканот и приливот на мигранти во Европа кои доаѓаат од Блискиот Исток се висок приоритет на којшто работат европските земји, коишто на тој проблем му посветија три самити на највисоко ниво, на 8 и 25 октомври, а потоа и на 12 ноември, за да се контролира идентитетот на мигрантите и да се спречи приливот на оние кои немаат статус на воени бегалци. Разговорите во врска со тоа прашање продолжуваат во Брисел, вели Оер.

Во однос на тоа дали е можно враќање на визите за македонските државјани по најавите за суспензија на Шенген системот, француската амбасадорка изјави дека засега не се водат некои дискусии за визите на државјаните од балканските земји, туку дека во фокусот е заштита на Шенген - зоната. 

- Во овој момент, вклучително и на влез во Франција, повторно ја воспоставивме граничната контрола, за разлика од пред тоа, кога на пример, можеше слободно и без контрола да се поминува во Шенген-зоната помеѓу Франција и Белгија. Да потсетам дека автомобилот на терористите беше пронајден во Брисел и дека во моментов е приоритет да се дејствува брзо и да се разоткријат сите терористички активности или потенцијално опасни мрежи. Не се водат некои посебни дискусии во врска со прашањето за визите на државјаните од балканските земји, ниту за преиспитување на можноста за слободно движење, туку се работи за една глобална проблематика за заштита на Шенген-зоната и за нејзината ефективност. Повторно ќе речам дека разговорите на оваа тема се во тек, вели во интервјуто за МИА амбасадорката Лоренс Оер.

 
 
19.11.2015 - 14:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега