Продолжи расправата за буџетот за 2016 година

Пратениците денеска ја продолжија рaсправата по Дополнетиот Предлог буџет за 2016 година. Во фокусот денеска беше здравствениот сектор.

Пратениците од мнозинството посочуваа дека предложениот буџет во здравството се зголемува во континуитет, а опозицијата со забелешки за состојбите во здравството и за тоа дека се гради и се набавува со опрема со кредити.

Момчило Аврамовски од ВМРО-ДПМНЕ оцени дека буџетот за 2016 година е развоен со рекордни средства за капитални инвестиции, а најголемиот дел од дискусијата ја посвети на здравството.

Потеницира дека се обезбедуваат средства за здравствениот систем со цел подобрување на здравствената заштита на граѓаните. Додаде дека се предвиени 1,599 милиони денари наменети за изградба и реконструкција на јавни здравствени установи, меѓу кои позначајна е доизградбата на ПЕТ Центарот, како и за набавка на опрема.

- Тврдам дека е развоен буџетот бидејќи во однос на 2005  капиталните инвестиции се двојно зголемени. Во 2014 година имаше 5,2 проценти реализација на проекти, а во 2005 година биле 3,3 проценти, истакна тој.

Весна Пемова меѓу другото истакна дека значајни средства во предложениот буџет се за здравството. 

- Буџетот за здравството е поголем за 1,334 милијрда денари или гледано историски овој буџет е 10 пати поголем во однос на оној од 2005 година кога на власт беше СДСМ, рече Пемова и ги наброја планираните проекти за реконструкција и изградба на ЈЗУ, 70 милиони евра за Клиничкиот центар во Скопје, Клиничка болница во Штип од 30 милиони евра, реконструкција на Клиниката „Св. Наум Охридски“, реконстукција на специјалната болница „Св. Еразмо“ во Охрид,  нов ургентен центар во Куманово, реконструкција на Клиничка болница - Битола.

Таа истакна дека во континуитет растат средствата за здравството така од 16 милијарди во 2007 сега има 26 милијарди денари.

Потенцира дека потребни се години и многу средства за да се поправи, како што рече, катастрофата што ја наследиле.

Расправата продолжува по редовната пауза на пратениците.

 
 
19.11.2015 - 16:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега