Иванов: Македонија во време на глобална економска криза прерасна во привлечна бизнис-дестинација

Предводена од исклучително посветен и успешен економски тим, Македонија во време на глобална економска криза прерасна во привлечна бизнис-дестинација. Со напорни реформи создаде поволна деловна клима за странски инвестиции. За тоа зборуваат и глобалните извештаи. Отворена кон светот, успеа да изгради силна поврзаност и партнерство со бројни развиени и растечки економии и од Западот и од Истокот, рече претседателот Ѓорге Иванов во обраќањето на денешната гала-вечера на Македонскиот економски самит 2015.

Според Иванов, и во периодите на политичка криза Македонија продолжи да биде посакувана дестинација за бројни инвеститори, за десетици илјади странски туристи, но и за илјадници странски студенти.

- На бизнисмените им е потребна држава која има политичка волја и капацитет да ги решава проблемите со кои тие се соочуваат, а Македонија е токму таква. Воедно располага со релативно млада, високообразована работна сила која е талентирана и напорно работи, посочи претседателот.

Тој ги повика присутните стопанственици да ги искористат можностите на Македонија, земјата која, нагласи, е пријателски настроена кон странските инвеститори. Тука, порача, ќе најдат сигурни деловни партнери и лојални работници, а преку успехот во Македонија ќе бидат и нејзини промотори. 

- Во Македонија секој од вас е посакуван партнер, инвеститор и работодавач. За секој еден од вас вратите на институциите на државата се отворени. Како претседател ги упатувам сите наши амбасадори кои ја претставуваат Македонија во странство. Но, зарем постојат подобри амбасадори на Македонија од луѓето кои одлучиле својот капитал да го инвестираат во државата? Сакам да знаете дека за нас, вие не сте само потенцијални инвеститори. Вие сте, пред се, пријатели на Македонија, потенцира Иванов.

Меѓу вас, додаде, има и бизнисмени со македонско потекло.

- Не случајно на почетокот ја спомнав Декларацијата за меѓународно признавање што сведочи дека Македонија се соочи со потешкотии при своето интегрирање во меѓународната заедница. Благодарение на вас, Република Македонија беше во можност да влезе во кабинетите на лидерите во светот, истакна шефот на државата.

Во обраќањето Иванов се осврна и на последните случувања во Париз кои, како што рече, креираа нова реалност. 

- Не можеме да живееме изолирани од свет кој се соочува со големи предизвици. По Париз имаме нова реалност во Европа што зборува дека ниту најбезбедните држави во светот не се доволно безбедни, истакна Иванов, подвлекувајќи дека за да се препознаат бизнис можностите што ги дава Македонија, потребно е одново да се дефинира и концептот на стабилност.

Стабилноста, рече Иванов, не значи атмосфера без политички кризи, туку владеење на правото и принципите дури и во услови на политички кризи. 

Во обраќањето, претседателот повтори дека стратегиската цел на Македонија е членството во НАТО и во Европската унија, но земјата не се откажува од продлабочување на соработката со сите добронамерни држави.

- Моите сонародници во дијаспората често ме прашуваат што треба да направат за Македонија. Мојот одговор е дека треба да бидат интегрирани во нивните втори татковини како врвни бизнисмени, уметници, спортисти, научници. Така ќе придонесат и за успехот на Македонија, заклучи претседателот Ѓорге Иванов.

 
 
19.11.2015 - 20:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега