Евростат ги потврди здравите економски политики во Македонија

 

Нова меѓународна потврда на здравите економски политики во Македонија. Европската служба за статистика пресмета дека нашата земја е четврта најмалку задолжена земја во Европа и со тоа практично стави крај на сите шпекулации и обвинувањата од страна на опозицијата дека земјава е презадолжена и на работ на банкрот, пренесува Лидер.

Според Евростат, Македонија со државен долг од 36% од БДП во третиот квартал била четврта најмалку задолжена во Европа. Пред нас се само Естонија, Луксембург и Бугарија, а ние, четвртото место го делиме со Латвија.

Одговорност кон идините генерации

Македонија навремено ги сервисира обврските, редовно се исплаќаат плати, пензии, социјалните трансфери (нешто што порано не беше случај), капиталните инвестиции се зголемуваат со што се отвора работа за домашниот бизнис, се инвестира во развојот на целата држава. Буџетот е во здрава кондиција. Креаторот на државната каса, вицепремиерот Ставрески, оценува дека послениот извештај на Евростат е потврда на здравите економски политики.

„Овие податоци се најмеродавни за оценка на задолженоста на земјата и според нив, Македонија е четврта најмалку задолжена земја во Европа. Ова покажува дека Владата со сегашните економски политики се однесува многу одговорно кон идните генерации. Важно е Македонија како мала економија да не биде високо задолжена земја, односно да остане во зоната на ниско до умерено задолжена“ – вели Ставрески.

За разлика од другите земји, како на пример Грција, Италија и Португалија, каде долгот се движи околу 130% (во Грција речиси 170%), Македонија успева да го одржува својот долг, па и да го намали за 2,2 процентни поени од крајот на 2014-та година, што покажува дека политиките се добро осмислени и долгорочно поставени.

Транспарентност во објавувањето на податоците

Министерството за финансии ги објавува податоците на јавниот и за државниот долг на крајот од секој квартал, и тие можат да се погледнат на интернет – страницата на оваа институција. Според нив, третиот квартал од годинава сме го завршиле со државен долг од 36% (намален за 5,2 милиона евра во однос на претходниот квартал) и со јавен долг од 43,9% (зголемен за 0,2% во однос на претходниот квартал).

Кредитните агенции ја потврдуваат добрата позиција

И меѓународните кредитини агенции ги потврдуваат здравите економски политики во Македонија, што се гледа и од кредитниот рејтинг на земјава, што е и причина земјава на меѓународните пазари да позајмува пари под исклучително поволни услови.

Во услови кога на речиси сите држави од регионот (Хрватска,Србија, Турција, Бугарија, Словенија) им се намалува кредитниот рејтинг, агенцијата Фич ја потврди стабилноста на Македонија со рејтинг ББ+, што е десетта година по ред.

Нотирано е дека бизнис – климата е исклучително поволна, нешто што постојано го нотира и Светска банка во својот извештај „Дуинг бизнис“, невработеноста се намалува, банкарскиот сектор е ликвиден и добро капитализиран.

Потврда стигна и од „Стандард и Пурс“, Македонија има кредитен рејтинг ББ – , со стабилен изглед, што се толкува како исклучително добар сингал за странските инвеститори. Економскиот раст ќе продолжи, поддржан од капиталните инвестиции, странските директни инвестиции, од растот на извозот.

„Од 2010-та, извозната активност заедно со експанзивната фискална политика ја поддржаа економијата и се помогна во намалување на невработеноста“ – стои во извештајот на Агенцијата, при тоа се додава дека нивото на јавен и на државен долг е умерено, со високо ниво на девизни резерви, што обезбедува силна поддршка за одржување на фиксниот девизен курс, и банкарски сектор кој е стабилен, добро капитализиран и обезбеден со домашни депозити.

„Има евидентен прогрес, сетот мерки и активности кои ги направи Владата се рефлектираа позитивно на привлекувањeто странски инвестиции, на поддршката на домашните инвестиции и компании, а ова на крајот имаше влијание врз динамизирањето и остварувањето прилично добри економски резултати“ – објаснува универзитескиот професор, Дарко Лазаров.

Низок долг во време на инфраструктурен бум!

Македонија успева да одржува ниска до умерена задолженост во време на инфраструктурен бум, кога се градат три нови автопати, се реконстуираат постојни автопатски делници, се градат нови патишта, целосно со модернизира железницата со нови возови и нови пруги, во време кога се реконструираат болници, училишта, студентски домови.

„Овие резултати наидуваат на одобрување од значајните меѓународни институции и затоа Владата ќе продолжи со ваквите политики и во наредниот период“ – вели Ставрески.

Што велат бројките?

Добро поставените економски политики резултираат со позитивни резултати во повеќе сектори. Индустриското производство три месеци по ред регистрира високи стапки на раст (12,7% во август, 8,6% во септември и 13,1% во октомври). Се зголемува извозот од земјава, трговската размена станува поизбалансирана, покриеноста на увозот со извоз достигна 71%. Стапката на невработеност се спушти по 27%,  на историски најниско ниво. И во услови на голема политичка нестабилност и опасноста од грчката криза, земјава има раст на БДП од 3,2% во првиот квартал и од 2,6% во вториот квартал.

Брисел очекува Македонија да биде една од трите водечки држави во Европа кога е во прашање економскиот раст в година. Според прогнозата, растот на македонскиот БДП во 2016-та ќе изнесува 3,5 проценти, а годинава 3,2%.   ЕБОР оди со проекција од 3,5 проценти.

„Тоа е процент што не води некаде меѓу првите три земји,  според планираната стапка на раст во следните две години , после оние на Ирска и на Романија, што секако ќе се должи на одредени активности кои досега беа преземени  или  очекуваме да се преземат ,а кои првенствено се насочени кон  натамошното засилување на инвестициите во јавната инфраструктура, засилената домашна потрошувачка, што е позитивно изненадување, како  и извозот кој што ни доаѓа од страннските инвестиции, односно слободните зони“ – објаснува универзитетскиот професор, Томе Неновски.

 
 
28.11.2015 - 13:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега