Проверете ги сметките - до крајот на годинава по 8600 денари за секој вработен

 

Регресот за годишен одмор, попознат како К­15, и годинава им следува на вработените во приватните компании од стопанството. Фирмите кои не го исплатиле треба да побрзаат и тоа да го сторат најдоцна до крајот на овој месец, ако не сакаат да се соочат со парични, па и затворски казни, пропишани со нашата законска регулатива. По измената на Општиот колективен договор за стопанството направена кон средината на годинава и нејасното толкување на нејзиното значење од синдикатите и работодавците кои ја договорија, остана дилемата дали сите приватни фирми мораат да го исплатат регресот, но правниците се категорични дека обврската важи и за годинава.

Данијела Јакимовиќ од консалтинг фирмата Про агенс вели дека исто како и лани, и оваа година обврска за исплата на К­15 имаат сите приватни компании, а разликата е во тоа што оваа година не мора да се одвои пропишаната сума, туку и помала од неа, ако за тоа постигнат писмен договор работодавачите и претставниците на работниците. ­

„Според моите сознанија доста фирми досега го исплатиле регресот, но главно одат на варијантата намалување на минималниот износ, а некои исплатуваат и симболични суми само за да ја исполнат обврската и да ги избегнат санкциите. За да го реализираат тоа склучуваат спогодби со претставници на работниците. Тоа е условот, односно таквите спогодби се задолжителни ако сакаат да исплатат помалку“, вели Јакимовиќ.

Таа објаснува дека со измена на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството лани во јануари се утврди не само правото, туку и минималниот износ на регресот за годишен одмор задолжителен за сите субјекти од приватниот сектор опфатени со Договорот, освен за оние за кои важат повисоки износи на регресот врз база на склучени колективни договари на ниво на гранка, оддел, дејност или работодавач. Притоа, како минимален задолжителен износ на К­15 се утврдени 40 проценти од просечната месечна нето­ плата по работник во државата исплатена во последните три месеци. Така пресметана таа сума лани се движеше околу 8.600 денари.

 

За да ја добие, работникот требаше да работи кај истиот работодавач најмалку шест месеци во календарската година. По реакциите на некои фирми дека немаат финансиска моќ да го исплатуваат регресот, Организацијата на работодавачи и претставниците на Сојузот на синдикатите на Македонија на 14 јули годинава договорија измени на Колективниот договр во делот за К­15, со што ги задржаа истите правила за исплата, но како што вели Јакимович, го релативизираа износот што треба да го добијат вработените. ­ Обврската за исплата на регрес продолжува со 14.07.2015 година. Само една и пол година по воведување на регресот за годишен одмор како задолжителен надоместок кој им се исплатува на вработените во приватниот сектор со минимален износ од 40 проценти од просечна месечна нето­плата по работник во РМ исплатена во последните три месеци, на 14.07.2015 година следуваше нова измена на ОКДПС. Во овој дел се внесоа уште две одредби со кои задолжителниот минимален износ на регресот станува незадолжителен за работодавачите кај кои настанале потешкотии во работењето, објаснува Јакимовиќ.

Конкретно, висината на К 15 може да ја намалат работодавачи кај кои настанале потешкотии во работењето, ценејќи ја нивната економско­финансиска состојба, но тие за тоа задолжително треба да се консултираат и да потпишат спогодба со синдикатот. Дадено е и алтернативно решение за фирмите во кои нема формирано синдикат, а тоа е спогодбата да се потпишува со избран претставник од работниците. ­ Новите решенија во однос на регресот ја потврдуваат обврската за исплата на истиот и не го менуваат задолжителниот минимален износ, но го релативизираат условувајќи го со финансиската состојба на работодавачот и спогодбата склучена со претставниците на работниците, прецизира Јакимовиќ, додавајќи дека во праксата се појавуваат дилеми затоа што недостасуваат прецизни критериуми и параметри за евалуирање на економско­финансиската состојба на работодавачот која ќе биде оправдување пред работникот и инспекторот за намалување на регресот. Таа прашува какви аргументи и факти треба да се разгледуваат како оправдување за неможноста да се исплати минималната сума, дали на синдикалецот ќе му треба експерт за да му ја потврди влошената финансиска состојба на работодавецот, дали регрес, макар и минимален, ќе мора да исплатат и фирми кои работат со загуба, дали со потписот од синдикалецот работодавецот ќе биде амнестиран од инспекциска контрола на финансиите... Јоксимовиќ ја отвора и дилемата дали спогодбата, така како што е замислена, може да ја отвори вратата за злоупотреби и да се претвори во средство за условување на работниците. Од Министерството за труд и социјална политика побаравме, но до затворањето на весникот не добивме одговор за тоа како ги толкуваат измените на Колективниот договор и дали инспекторите се подготвени за вршење контрола на исплатата на К­15, која според утврдените правила требаше да почне на 1 јули и да заврши на 31 декември. Со нашите закони за фирмите кои нема да исплатат К­15 е предвидена вкупна казна од 4.000 евра, но со најновите измени на Законот за пректршоци таа се намалува за одреден процент во зависност од големината на фирмата. Со најновите предложени измени на Кривичниот законик, кои се уште не се донесени, предвидени се казни затвор до три години за работодавачите кои на работниците ќе им исплатат регрес, а потоа ќе си ги побараат парите назад

 
 
03.12.2015 - 11:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега