Сашо Клековски: Ако на 15ти јануари се избере Влада нема одлагање на изборите
2016 ќе биде година на исклучителни предизвици и на внатрешен и на надворешен политички план. Политичкиот аналитичар, Сашо Клековски, во интревју за Прес24, вели дека изборите во април и односот кон нив на партиите ќе биде клучен за правецот на расплет на политичката криза на внатрешен план.
-Јасен победник на изборите би можеле да води во побрзо формирање на Влада, а во спротивно би постоел силен притисок за влада на голема коалиција. Новата Влада би се фокусирала на реформите од извештајот на Прибе, како и на решавањето на спорот за името, како чекор кон НАТО-членството и започнување на пристапни преговори со ЕУ. Независно од политичката разврска, ќе треба да се случи и правната разврска на случаите поврзани со прислушувањето, односно Специјалното јавно обвинителство би требало да донесе одлука за најголем дел од 36 предмети, вели Клековски за Прес24, потенцирајќи ги и предизвиците на надворешен план кои се дел од глобалните и регионални состојби.
Клековски смета дека со договорот од Пржино и договорените решенија околу изборниот законик се воспоставени контурите за органзиација на изборите и услови за признавање на изборните резултати од сите партии. Останатите прашања од препораките на Прибе треба да се решаваат, но не и да се поврзуваат со изборите.
-Расправата за Законот за медиуми не треба да се поврзува со изборите и мора да обезбеди вклученост на засегнатите страни, самите медиуми и новинарите. Фокусот треба да биде на владиното рекламирање, односно негово уредување и/или ограничување, како и намалување на можностите извршната власт, вклучувајќи ја Агенцијата за медиуми, преку казнената политика (глобите) или на друг начин да влијае на програмските содржини на медиумите. СДСМ предлагаше поголемо мешање на Агенцијата за медиуми во програмските содржини на медиумите, што е спротивно од заложбата за поголема слобода на медиумите, вели Клековски во интервјуто.
Според него, сапцеијалното јавно обвинителство мора да покаже потготвеност и да ги затвори, со или без обвиненија, сите произлезени предмети, но притоа да оддолее на политичките притисици од една страна и својата амбициозност од друга.
-СЈО не смее да влета во брзи и неподготвени одлуки, бидејќи е клучно одлуките да бидат солидно аргументирани за да не бидат од јавноста перцепирани како политичка пресметка, туку како владеење на правото. СЈО треба да се фокусира на предметите поврзани со наводни изборни нерегуларности, бидејќи правна разврска на тие предмети може да влијае на кредибилитетот на изборите, вели Клековски за Прес24.
Политичкиот аналитичар, оценува дека терминот за изнори ан 24 април тешко може да се промени. Однонсно ако на 15 јануари се избере влада со нов премиер, согласно договорот од Пржини, одлагање на изборите не може да има. Клековски вели дека контурите на кампањите веќе се познати, а тие ќе имаат позитивен и негативен дел.
- За разлика од позитивната, рамките на двете негативни кампањи се гледаат. ВМРО-ДПМНЕ ќе сака да ја демонстрира одроденоста на СДСМ од народот (за разлика од сплотеноста со народот на ВМРО-ДПМНЕ). А СДСМ ќе води кампања за „криминалците во затвор“. Негативната кампања може да се стане пожестока во зависност текот на настаните.
Имаме висок степен на политичка поларизација, кој може да создаде околина за изборни инциденти. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се одговорни за намалување на поларизацијата, за намалување на говорот на омраза, како би се создале подобри услови за мирни избори.
Само едно прашање надвор од веќе набројаните може да ја измести кампањата во друга насока, а тоа е „федерализацијата“ на Македонија, вели во интервјуто за Прес 24, Сашо Клековски, политички аналитичар.
ПРЕС24: На крајот сме од годината, која можеби во последните 10 години беше политички најтурбулентна. Од денешна дистанца, како го оценувате расплетот на политичките настани, во правец на политичка стабилизација следната 2016, или пак во правец нова посериозна дестабилизација?
КЛЕКОВСКИ: Правецот на расплетот во следната 2016 година ќе зависи од спроведувањето на договорот од Пржино, како патоказ до парламентарните избори на 24 април 2016 година, кои треба да бидат легитимирани од клучните политички партии. Доколку ноќта на изборите ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ соберат сили еден на друг да честитаат за победата, тоа може да затвори едно поглавје на политичката криза која започна со непризнавање на резултатите на парламентарните избори во 2014 година од страна на СДСМ. Јасен победник на изборите би можеле да води во побрзо формирање на Влада, а во спротивно би постоел силен притисок за влада на голема коалиција. Новата Влада би се фокусирала на реформите од извештајот на Прибе, како и на решавањето на спорот за името, како чекор кон НАТО-членството и започнување на пристапни преговори со ЕУ. Независно од политичката разврска, ќе треба да се случи и правната разврска на случаите поврзани со прислушувањето, односно Специјалното јавно обвинителство би требало да донесе одлука за најголем дел од 36 предмети.
Македонија не е изолирана од регионот кој во 2016 година ќе биде во период на значајни политички предизвици пред се поради раснење на судирот на Западот и Русија околу влијанието на Балканот, како и можно продолжување на бегалската криза. Политичка дестабилизација има во сите земји во регионот, во БиХ со Република Српска, во Црна Гора, Косово и Албанија со протестите на опозицијата.
Земајќи ги во предвид сите овие работи 2016 година ќе биде година на исклучителни предизвици!
ПРЕС24: Дали договорот меѓу четирите партии со посредство на меѓународната заедница беше единственото решение за излез од оваа криза?
КЛЕКОВСКИ: Политичката криза настаната со непризнавање на резултатите на парламентарните избори во 2014 година од страна на СДСМ, продлабочена со аферата со прислушување, мораше да се разреши низ договор на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Земјата не можеше да продолжи без опозиција во Парламентот, ниту пак беа можни нови избори на кои СДСМ нема да учествува. И секако индициите од аферата со прислушување мора да имаат правна разврска. Соодветно мораше да има договор и тој договор мораше да има мерки и за политичка разврска (избори) и за правна разврска. Тоа беа контурите на решението, а конкретизацијата секако зависеше од преговорите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Договорот од Пржино е можност за обнова на политичкиот дијалог, кој беше целосно прекинат и да се запре поларизацијата и започне процес на премостување на поделбите.
ПРЕС24: Колку решенијата кои што произлегуваат од договорот од Пржино нудат решавање на сомнежите на опозицијата за прашањата кои постојано ги поставуваат во јавноста изминативе месеци. Ве прашувам, заради фактот дека многумина оценуваат дека многу од овие законски измени немаат ништо суштинско со реално подобрување на состојбите. Законот за медиумите на пример. Најголемите телевизии се спротивставуваат на решенијата што се нудат?
КЛЕКОВСКИ: Решенијата на договорот од Пржино првенствено беа насочени кон мерки кои преку решавање на нееднаквиот терен за избори би создал услови резултатите на изборите бидат прифатени од клучните политички партии. Во нееднаквиот терен за избори важни се раздвојување на партијата од државата, како и балансираност на медиумите. Првото прашање за раздвојување на партијата од државата е решено со самиот договор, со изборот на (техничка) влада на 100 дена пред изборите која ќе работи само на прашања на организација на изборите, која ќе биде предводена од ВМРО-ДПМНЕ, но не од Никола Груевски, а ќе учествуваат и министри и заменици од СДСМ. Второто прашење за балансираност на медиумите е решено со изборниот законик со ограничувањата на донациите од медиуми за политички партии, како и ограничување на вкупните донации, со дебати на МРТ, како и еднакви можности за политички маркетинг во приватните телевизии. Овие мерки се дополнети со мерки за дополнителна проверка на списоците, како и ревизија на ДИК. Соодветно овие мерки се насочени кон обезбедување на правила под кои клучните политички партии, вклучувајќи го и СДСМ, ќе ги признаат резултатите од изборите. А тоа е најважното.
Од друга страна, со договорот се преземени обврски за реформи поврзани со извештајот на Прибе, кои се дел од поглавјето 23 за судство и фундаментални права. Во тие рамки се говори за „поголема слобода на медиумите“. При тоа е важно дека ова е поврзано со Законот за медиуми, но не е поврзано со спроведувањето на изборите, бидејќи тие мерки веќе се договорија со изборниот законик. Расправата за Законот за медиуми не треба да се поврзува со изборите и мора да обезбеди вклученост на засегнатите страни, самите медиуми и новинарите. Фокусот треба да биде на владиното рекламирање, односно негово уредување и/или ограничување, како и намалување на можностите извршната власт, вклучувајќи ја Агенцијата за медиуми, преку казнената политика (глобите) или на друг начин да влијае на програмските содржини на медиумите. СДСМ предлагаше поголемо мешање на Агенцијата за медиуми во програмските содржини на медиумите, што е спротивно од заложбата за поголема слобода на медиумите.
ПРЕС24: Изборните регулативи се исто таков пример. Финалниот договор меѓу четирите партии не донесе речиси никакви сериозни реформи, освен за гласањето на дијаспората.
КЛЕКОВСКИ: Политичките партии кога разговараат за избори, најчесто разговараат за нееднаков терен за избори и реферираат на прашањата кои ги споменав, (зло)употребата на јавни ресурси, како и избирачкиот список. Бидејќи овие прашања се битни за нивниот меѓусебен политички натпревар. И прашањето на учество во дијаспората се најде во фокусот само затоа што изборната пракса покажа дека му носи на ВМРО ДПМНЕ стартна предност од три пратеници пред СДСМ и така влијае на нивниот меѓусебен политички натпревар.
„Големата четворка“: ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА не е подготвена да разговара за ослободување или споделување на политичкиот простор и истиот го бранат со елиминација на „заканата“ од непартиски политички чинители – од граѓанското општество, елиминација на конкуренти надвор од големата четворка – помалите или новите политички партии и на крајот со контролата на сопствените партии.
Според препораките на Советот на Европа големи реформи на изборниот систем треба да се направат најмалку една година пред одржувањето на истите. Со самото одредување на датумот на изборите, големата четворка, се откажа од позначајни измени. И тоа поради многу едноставниот факт дека сегашниот изборен систем, генерално е префериран од големата четворка затоа што вака поставен ги фаворизира нив и е брана за независен настап на другите или новите политички партии и овозможува контрола на лидерите врз сопствените партии (со затворените пратенички листи)
ПРЕС24: Специјалното јавно обвинителство почна со работа. Многумина очекуваат резултат од него, но што е она што реално може да се очекува од таа институција?
КЛЕКОВСКИ: Специјалното јавно обвинителство (СЈО) е нужност за правна разврска на аферата со прислушуваните разговори, при што правната разврска значи да формираните 36 предмети бидат затворени, со или без покренување на обвиниение. Постојат два ризици за СЈО: партиските притисоци и сопствената амбициозност.
СЈО ќе се најде под вкрстениот притисок на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. СДСМ е свесен за предноста на ВМРО-ДПМНЕ во партиските рејтинзи и во СЈО, во правната разврска гледа можност за влијание на политичката разврска, на изборите. СДСМ смета дека „брзи“ обвиненија против клучните луѓе на ВМРО-ДПМНЕ и евентуално нивно приведување се клуч за нивниот успех на изборите на 24 април 2016 година. ВМРО-ДПМНЕ свесен за предноста во партиските рејтинзи, во политичката разврска гледа можност за разводнување на правната разврска, посебно таа да не се случи пред изборите. СЈО е одговорно за предмети во кои се опфатени и двата лидери, и на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, што ќе значи партиски притисок тие предмети да имаат еднакво внимание. Од друга страна за СЈО е ризик и сопствената амбициозност. Според планот за работа на СЈО во деновиве кога го правиме ова интервју веќе требаше да има постапки по неколку предмети. СЈО не смее да влета во брзи и неподготвени одлуки, бидејќи е клучно одлуките да бидат солидно аргументирани за да не бидат од јавноста перцепирани како политичка пресметка, туку како владеење на правото. СЈО треба да се фокусира на предметите поврзани со наводни изборни нерегуларности, бидејќи правна разврска на тие предмети може да влијае на кредибилитетот на изборите.
ПРЕС24: Колку овие состојби, и покрај тоа што еве ќе произлезат од договорот во Пржино, подоцна можат повторно да станат предмет на оспорувања и нови сомнежи, за на крај да добиеме избори кои опозицијата повторно не би ги легитимирала?
КЛЕКОВСКИ: Оспорувањето на изборите е главно за нееднаков терен за избори, како и за избирачкиот список. Тие работи треба да бидат расчистени пред изборите. Ако опозицијата излезе на изборите, со што би потврдила дека се остварени условите за избори не гледам како не би го признала резултатот од тие избори. Самиот СДСМ најави не е важно да победи СДСМ туку да се одржат кристално чисти избори.
ПРЕС24: Можно ли е пролонгирање на изборите?
КЛЕКОВСКИ: Со договореното во Пржино партиите „се обврзуваат да се избегнат какви било нови пречки вклучително и во однос на одржувањето на изборите на 24 април 2016 година“. Одлагање на изборите може да се случи само со договор на страните од Договорот во Пржино, но отворање на расправа за одлагање на изборите може да го растури самиот договор. Затоа фокусот мора да биде на спроведување на договореното од Пржино, час поскоро. Правиот тест ќе биде изборот на нова Влада на 15 јануари со нов премиер. Доколку тоа се случи изборите не ќе можат да се одлагаат.
ПРЕС24: Од 15 јануари Владата ќе треба да функционира со технички Премиер. Мислите ли дека во овој период можат да се случат некои покрупни настани?
КЛЕКОВСКИ: Не, во периодот по изборот на Владата до изборите не може да се случат покрупни настани, бидејќи според договореното во Пржино мандатот на таа влада е исклучиво организацијата на изборите.
Во оригиналната англиска верзија на договорот за новата влада се вели „Нејзиниот владин програм треба да биде ограничен на организација на раните парламентарни избори“. За жал преводите на македонски јазик кои беа комуницирани во повеќето медиуми гласеа „Новата влада ќе има мандат до предвремените избори“. Новата влада секако ќе има мандат до изборите и по нив секако ќе има нова влада. Поентата на договорот е како да се формира техничка влада, а да не се употреби тој збор, што резултира во описно именување „влада чија програма е организација на изборите“.
ПРЕС24: Иако предизборната кампања не почната, сепак може да се насети во кој правец ќе биде. Што очекувате да слушнете и видите во оваа предизборна кампања?
КЛЕКОВСКИ: Предизборната кампања е одамна почната. ВМРО-ДПМНЕ практикува тотална кампања, што значи дека кампањата за следните избори започнува првиот ден по завршување на претходните. Кампањите во Македонија се доста американизирани, што значи дека се одвиваат на ТВ и негативните кампањи имаат значаен удел. Во позитивниот дел од кампањите ВМРО-ДПМНЕ ќе игра на картата на резултати, на резултати во вработување и на резултати во економска и социјална инфраструктура. За СДСМ покрај најавата за враќање на средната класа, кампањата ќе биде појасна по конгресот деновиве на кој ќе се одлучи за изборната програма на СДСМ. За разлика од позитивната, рамките на двете негативни кампањи се гледаат. ВМРО-ДПМНЕ ќе сака да ја демонстрира одроденоста на СДСМ од народот (за разлика од сплотеноста со народот на ВМРО-ДПМНЕ). А СДСМ ќе води кампања за „криминалците во затвор“. Негативната кампања може да се стане пожестока во зависност текот на настаните.
Имаме висок степен на политичка поларизација, кој може да создаде околина за изборни инциденти. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се одговорни за намалување на поларизацијата, за намалување на говорот на омраза, како би се создале подобри услови за мирни избори.
Само едно прашање надвор од веќе набројаните може да ја измести кампањата во друга насока, а тоа е „федерализацијата“ на Македонија. Прво ова прашање се спомена во врска со почетната најава на новата партија на Гзим Острени, но набргу партијата декларира граѓански концепт. Потоа и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ го употребуваа ова прашање за меѓусебни пресметки, но по кратка (зло)употреба се изгуби. Отворање на вакво важно прашање во изборната кампања, може да подгрее меѓуетничка нетрпеливост и да ја измести целата кампања во сосема друга насока. Се надевам дека партиите се свесни за тоа и дека нема да играат на карта на меѓуетничка нетрпеливост.
ПРЕС24: Актуелните анкети покажуваат дека власта и покрај се има повторно голема предност пред опозицијата. На што се должи тоа?
КЛЕКОВСКИ: Зошто ВМРО-ДПМНЕ има предноста пред СДСМ може да биде предмет на посебни истражувања. Можни се многу фактори кои влијаат на тоа. Објаснувањето на СДСМ е дека ВМРО-ДПМНЕ ја има заробено државата. Верувам дека ако говориме за заробување на државата добра илустрација за тоа е Венецуела и 16-годишното владеење на Хуго Чавез и чавеститите. Неодамна таму опозицијата не само што победи на изборите за парламентот, туку чавеститите доживеаја катастрофален пораз.
Едно од можните објаснувања зошто нема пресврт во политичкиот натпревар се критериумите за оценка на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ од страна на јавноста, од граѓаните. Во сите овие години највисок општествен предизвик за граѓаните е невработеноста и сиромаштијата, додека корупцијата е во втор план, па понатаму следат другите општествени проблеми. Тоа не значи дека ваквите перцепции одговараат на реалните проблеми и закани, на пример меѓуетничките односи дури и во 2001 година не беа на врвот на општествени проблеми.
За граѓаните клучно е мислењето која партија подобро ќе се справи со невработеноста и сиромаштијата, која партија ќе има повеќе резултати, а во втор план е борбата против корупцијата, а во трет, четврт и така натаму план се сите други општествени проблеми. И нормално е за земја која имаше рекордни 38 проценти невработеност, дека за граѓаните е клучно која партија ќе се справи подобро со овој проблем. И истите анкети кои покажуваат предност на ВМРО-ДПМНЕ, покажуваат дека граѓаните мислат дека ВМРО-ДПМНЕ подобро ќе се справи со невработеноста.
ПРЕС24: Дали уште еден пораз на опозицијата на избори, ќе значи конечно внатреопозициска револуција за нова политичка платформа?
КЛЕКОВСКИ: На страна на идеолошката мешаница во нашите партии, на Македонија и е потребна јака партија лево од центарот. СДСМ во овој момент со исклучок на прашањето на прогресивен данок, не покажува други знаци на јасна лева програмска определба како на пример во однос на националните малцинства, во однос на жените, во однос на маргинализирани групи како ЛБГТ заедницата итн. И сега СДСМ се јавува за заштита на средната класа, а не за заштита на работниците, што остава политички простор на левата страна. Мислам дека партијата во најава „Левица“ ќе се обиде да го пополни овој простор.
Но да бидеме реални што да се очекува. Изборниот систем ја фаворизира големата четворка, и на петта опција (не на трета бидејќи веќе има четири поголеми партии) ќе и треба многу одлучност и ресурси да успее. И на Сириза и требаа повеќе од десетина години за изборен успех.
ПРЕС24: Европската Комисија, која е еден вид гарант на договорот од Пржино, понуди награда од Брисел за негова целосна имплементација. Сепак, во ситуација на незатворено прашање со Грција, што е тоа што Хан го дефинираше како морков за Македонија?
КЛЕКОВСКИ: Македонската страна повеќе пати повторува дека исполнувањето на договорот од Пржино треба да води во прекин на статус квото во кандидатскиот статус на земјава. Хан, по последната средба со министерот Попоски, говореше за силна поддршка од Европската комисија за започнување на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Европската комисија и досега даваше препорака за истото, така да не е јасно што може да значи „силната поддршка“. Една од можностите е да Грција се согласи за започнување на преговорите, како дел од мерките за градење на доверба кои во периодов се усогласуваат меѓу владите во Атина и Скопје.
ПРЕС24: Реално ли е да се очекува во овој вакум политички простор во Македонија, во ситуација на екстремно наелектризирана политичка состојба, да се влезе во финален процес на преговори со Грција за името?
КЛЕКОВСКИ: Секако дека клучен ризик е заробување на спорот со Грција за името, во внатрешно политички пресметки, како во Македонија, така и во Грција. Мислам дека очекувањето на повеќето граѓани е дека по изборите на 24 април 2016 година Македонија мора да направи одлучни чекори за членство во НАТО и започнување на преговорите за членство во ЕУ. Евроатланските интеграции се како велосипед или возиш, или паѓаш, нема стоење во место. И тоа ние го искусуваме овие години. Со застојот во евроатланските интеграции, не само што Македонија стагнира во одредени подрачја, туку има и назадување. Тоа мора да се пресретне, Македонија мора да продолжи со евроатланските интеграции.
Постои простор за завршни преговори со Грција за името, но постојат и разлики во видувањето на процесот од страна на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Разликите се во „големата коалиција“. Премиерот Груевски на митингот на 15 март 2015 година рече дека не е потребен СДСМ во владата за да и го чува стравот, со што Премиерот порача дека и без голема коалиција е спремен на решение. Од друга страна СДСМ гледа потреба од голема коалиција, и можно е да ја условува својата поддршка за решение за името со свое учество во владата. Ова некако претпоставува дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на изборите на 24 април 2016 година. Доколку победи СДСМ ќе биде потребен период за трансфер на власта пред можната нова влада на СДСМ се подготви за преговори со Грција. И СДСМ поради минатото и поради изјавите на раководството, како таа за виткањето кичма, е поранлива во можноста да води ефективни преговори со Грција.
ПРЕС24: Ќе биде ли 2016 година во која во НАТО ќе име место само за Црна Гора?
КЛЕКОВСКИ: Веќе претходно изјавив дека се создаваат услови за финален процес на преговори со Грција за името. Условите се создаваат во триаголникот Грција, Македонија и меѓународната заедница.
Со конфликтот во Украина, јасно се поларизираа односите меѓу Западот и Русија, што ја измени позицијата на Западот во однос на Балканот. Заврши периодот на индиферентност на Западот, пред се на Германија и Франција кон проширувањето на НАТО, воопшто и на Балканот, пред се да не се предизвикува Путин. Поканата на Црна Гора е јасен знак дека Западот се стреми кон намалување на просторот за мешање на Русија на Балканот. Тоа значи и волја на Западот за силна поддршка за решавање на спорот за името, како услов за членство на Македонија во НАТО.
Се сменија и состојбите во Грција. Самарас, поранешниот премиер на Грција, човекот кој направи кариера на спорот за името, замина во политичката историја. Сириза од сите политички партии во Грција има најпозитивен однос кон Македонија. Грција под Самарас одбиваше воопшто да разговара за мерките за градење на доверба, а сега се веќе одржани повеќе средби на работните групи од Атина и Скопје за постигнување договор по нив. Секако и Ципрас и Сириза ќе мора да прават баланс меѓу напредокот во излегувањето од економската криза и покажување на храброст во надворешно политичките прашања како Кипар и Македонија. Можен поголем отпис на долговите на Грција, може да создаде можности за решенија и на кипарскиот и на македонскиот проблем.
Моја претпоставка е дека решавањето на спорот за името ќе се одвива во три фази: мерки за градење на доверба, меморандум за разбирање и на крај договор за добрососедство. Многу важно е во овој контекст Македонија да го склучи, час поскоро, и договорот за добрососедство со Бугарија, кој е во понапредна фаза на преговори и може да создаде поволна средина за нашите евроатлантски интеграции. Самото решение за спорот за името, кое најверојатно би било во форма на Договор за добрососедство, ќе бара одредено време, вклучувајќи и за можен референдум. Решението би било олеснето и ако Грција прифати, со мерките за градење на доверба и евентуално склучен меморандум за разбирање, Македонија да стане членка на НАТО и да започне преговори за членство во ЕУ под привремената референца.
Се надевам дека Македонија во 2016 година ќе направи се што е можно да се употреби овој поволен момент во триаголникот Грција-Македонијан-меѓународна заедница за решение на спорот за името, за членство во НАТО и започнување на преговорите за членство во ЕУ.
Марјан Николовски
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа