Три милиони евра од ЕБОР за женско претприемништво

 

Три милиони евра им се достапни на македонските жени претприемачки за да ја реализираат својата бизнис идеја или да го развијат својот бизнис. Средствата се обезбедуваат преку Програмата за жени во бизнисот на Европската банка за обнова и развој, а ќе се пласираат преку Охридска банка, за чија реализација договорот беше потпишан денеска во Скопје. Средствата се обезбедени преку грантови од владите на Италија, Шведска, Луксембург и Специјалниот фонд на акционери на ЕБОР, пренесе МИА.

Ова е прва програма во Македонија која обезбедува покрај финансиски средства и техничка помош. Треба да обезбеди развој на македонската економија и подобрување на конкуреноста на компаниите. Програмата помага на претпријатијата раководтени од жени да обезбедат финансии и практично знаење за да го развијат нивниот бизнис. Преку партнерските финансиски институции комбинира техничка помош за поддршка на жените претприемачи преку обуки, советодавни проекти, менторство и други активности за развој на бизнисот.

– Во Македонија има мал број бизниси кои имаат жени во топ менаџментот и ЕБОР ја зголемува поддршката на Македонија со три милиони евра  преку Охридска банка за заеми за локални компании кои се управувани од жени, рече шефот на канцеларијата на ЕБОР во Скопје Анка Јоана Јонеску.

Таа изрази верување дека поттикнувањето на женското претприемништво и развојот на секторот на мали и средни претпријатија се клучни приоритети на Владата.

– Економското зајакнување на жените повеќе не е само прашање на полова еднаквост, туку клучен предуслов за социјален напредок и одржлив економски раст. Затоа, важна задача на државата и на приватниот сектор е да создадат услови кои ќе го поттикнат развојот на женското претприемништво, рече Јонеску.

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски истакна дека оваа програма ќе им помогне на компаниите побрзо да се развиваат да отвораат нови работни места, да внесуваат иновации во своето работење и да станат уште поконкурентни на домашниот пазар, а во некои случаи и на меѓународни пазари.

Истакна дека Владата особено внимание посветува на поттикнување на женското претприемништво и додаде дека во изминатите осум години за програмите за самовработување на Владата издвоени се околу 47 милиони евра, со кои 11.000 лица основале сопствени компании, при што над 3.600 фирми се основани од страна на жени.

– Трендот на поголема вклученост на жената во општествениот, социјалниот и политичкиот живот како и растечкото женско претприемништво треба постојано да се поттикнува, поддржува и негува, како од стран ана Владата и другите државни институции, така и од страна на граѓанските здруженија, меѓународните финансиски институции од компаниите, рече Пешевски.

Потребата за реализација на ваквата програма, како што истакнаа учесниците произлегува од статистиките кои покажуваат дека жените претприемачи доаѓаат до финансиски средства потешко и кога доаѓаат тоа се во помали износи.

– Во Македонија статистиките се разочарувачки и покажуваат дека 14 проценти од претпријатијата имаат жена сопственик, а седум отсто од претпријатијата се управувани од жени, рече Билјана Џартова Петровска, координатор за економска и трговска соработка во Амбасадата на Шведска, која додаде дека ваквата дисперзија во родовата застапеност од една страна е пропуштена можност, но е и можност за просперитет.

Нина Неданоска, директор за корпоративно и инвестициско банкарство во Охридска банка, истакна дека  уште еднаш ја даде довербата на Банката со потпишување на овој договор.

– Интензивно работиме со меѓуанродни финансиски инститиуции, а со ЕБОР работиме од 2009 година. Досега имаме потпишано осум договори за кредитни линии и со новите три ќе можеме значајно да ја зголемиме поддршката, рече Неданоска.

Таа додаде дека со оваа програма сакаат да ги охрабрат жените да работат напорно, да веруваат во совите соништа и никогаш да не се сомневаат во нивните можности и потенцијали.

Миха Свент, раководител на Регионална програма, советување на мали бизниси во ЕБОР, истакна дека едно истражување на 2000 бизниси во Западен Балкан од кои 500 во Македонија покажало дека жените подобро работат, но додаде дека тие потешко доаѓаат до финансии и оти мал е бројот на банки кои влегуваат во ваков ризик.

Програмата ќе се спроведува во наредните три години. Средствата ќе бидат достапни за инвестиции со рок на отплата до осум години и грејс период до 12 месеци и за обртни средства со рок на отплата од три години и грејс од 6 месеци.

 

 
 
18.12.2015 - 15:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега