Сарачини: Енергетската ефикасност ќе овозможи нови вработувања во градежништвото

 

Од наредната година сите правни субјекти во Македонија што се занимаваат со градежни работи ќе мора да имаат изготвено Елаборат за енергетска ефикасност за да добијат дозвола за градба. Ова го истакна денеска министерот за економија Ваљон Сарачини.

- Согласно Законот за енергетика во иднина нема да може да се изгради каков било објект без да потврдите дека ќе ги имплементирате мерките за енергетска ефикасност. Ова е нова фаза во градежниот сектор во Македонија што ќе отвори нови работни места, изјави министерот Сарачини по презентацијата на Правилникот за енергетска ефикасност во јавните згради и Правилникот за енергетски контроли во Сојузот на стопански комори.

- Согласно препораките од Европската унија Република Македонија има обврска до 2020 година целосно да реновира 1,1 милиони метри квадратни од постоечките објекти или околу 3 проценти од приватниот и 5 проценти од јавниот станбен фонд. Од септември Агенцијата за енергетика ќе го објави јавниот повик за  енергетски контролори, а околу 2.800 работници ќе треба да поминат обука за да се вклучат во изградбата на новите објекти, истакна Сарачини.

- Министерството  за економија веќе направи план за извор на финансирање на овие проекти. Со Светска банка сме во завршни преговори за формирање фонд за енергетска ефикансост и очекувам тој да биде промовиран во текот на наредниот месец, додаде тој.

Прецизира дека задачата на енергетските контролори ќе биде да издаваат енергетски пасоши.

- Согласно Законот за енергетика во рок  од три години сите јавни објекти треба да имаат енергетски пасош кој ќе кажува колку енергија трошат годишно. Тоа е добра основа за да се увиди кои институции трошат најмногу, рече Сарачини.

- Неопходно да се имплементираат мерки за енергетска ефикасност во болниците и училиштата. Ние тоа го направивме со првата фаза на ГЕФ Проектот на Светска банка  преку кој реновиравме и реконструиравме 40 училишни објекти. Тоа се предвидува и со вториот акциски план што треба да се применува од 2014 година и ќе трае седум години. Со него би требало да се инвестираат околу 96 милиони долари за имплементирање на мерки за енергетска ефикасност кои ќе значат заштеда на енергија на државата од 13 милиони евра годишно, заврши министерот за економија. 

Претседателот на градежната комора Сеад Кочан посочи дека со воведувањњето на стандардите за енергетска ефикансост се отвора нова ера во градежништвото.

- Тоа пред се ќе значи нови работни места и зголемување на продажбата на материјалите кои се вградуваат за подобрена енергетска ефикасност. Тоа значи и дека ќе се вградуваат поквалитетни материјали во становите и оти ќе живееме во поздрава животна средина, рече Кочан.

Вградувањето поквалитетни материјали, според него, не значи и вградување поскапи материјали, а подобрувањето на енргетската ефикасност не треба да се гледа како трошок, туку како инвестиција која се враќа назад карткорочно или среднорочно.

најчитано сега