Страв од жени

Аман бе, толку ли се исплашивте од едно “стадо” жени? Та нели се само 10-12,000, жени кои се насила ставани во автобуси, насила однесени во Скопје без сендвичи и топол пијалок, плус дресирани да ракоплескаат на говор кој не го разбираат, според вашите мислења, ...од каде сега таа паника, и потреба за медиумски циркус?

Но, да се разбереме точно се знае од каде и зошто доаѓа стравот. Ама да се разбереме и една друга работа. “Вашите“ жени и “нашите“ жени немаат ништо заедничко. Во вашите очи, срамно е за една жена да не носи “Прада“ или “Луј Витон“,нашата жена нема да ги препознае и под нос да и ги ставиш (страшно?). За “вашата” жена е срамно да биде дома, за “нашата” жена е срамно да не си ги успие децата. “Вашата” жена ги знае сите нијанси кафено од боите за коса, “нашата” жена ги знае цените на производите на пазар (и да, му прави список на мажот кога оди да пазари). “Вашата” жена си е самодоволна, “нашата” жена е потполна во своето семејство. И тука нема лутење. Но, сепак, за вас “нашата” жена е “онаа глупавата, домаќинката“, а “вашата” жена за нас е “кутрата“.“Нашата” жена добро го разбира и сарказмот и дволичноста и ги смета за навреда, посебно кога доаѓа од друга жена, но наместо како “вашата” жена што реагира перфидно и расипано, таа одговара директно и едноставно, за да биде разбрана.

Дали се разбираме? Ние со вас немаме ништо заедничко. Токму затоа и имате проблем да не разберете. Вам веројатно ви е убаво кога сте сами, во таму некој сопствен простор, па имате некои виртуелни пријатели со кои си пишувате на фејсбук и на твитер за тоа како овие “небањатите“ дошле во Скопје да му ракоплескаат на лидерот. Веројатно ви е убаво со часови да размислувате за сопствениот лик, или најновата колекција на Макс Мара, или пак, во налети на интелектуално самозадоволување, односно при потреба да си (до)кажете колку сте паметни, да рециклирате туѓи цитати ама од оние, со осило. Тие другите не се интересни.

Значи, страшното беше тоа што на одбележување на годишница на Унија на жени дојдоа (едвај 10-12,000) на партија на која и припаѓаат? И што на тој настан говореше лидерот на партијата на која и припаѓаат? Да, и што едвај ги спомнал жените во говорот. Дури и лично да се согласам со ова, дека поголем акцент требало да биде ставен на жените (нивните права, слободи и сите бла-бла фрази кои ги знаете наизуст од Сексот и градот, сигурна сум), зарем мислите дека тие жени дошле на тој настан да слушаат излитени фрази, или да ја прошетаат последната модна колекција до Скопје? Не, драги мои сограѓанки. Дошле затоа што се сериозно загрижени за она што ни се случува во државата! Дали ова го разбирате? Овие жени се мајки и сопруги кои се грижат за она што се случува во нивната држава, загрижени се за иднината на нивните деца и сакаат да слушнат конкретни решенија, конкретни политики, конкретни чекори, а не фрази! Ракоплескале кога слушнале дека партијата на која и припаѓаат ќе победи на изборите? А што требаше, да прснат во плач оти ете, заради претстојната победа на владејачката коалиција, на жените од СДСМ ќе им се скрати летото (и прошетките со јахти)?

За момент ми мина мисла како би изгледала една од “вашите“ жени во улога на жена-столб на домаќинството, која ете, по напорниот ден на работа треба да напише домашно со децата, да поразговара со сопругот (да, со сопрузите може да се разговара, замислете!) или да подготви ручек (инаку, ручекот се подготвува, сармите не растат на дрво!). Се уште се смеам при оваа помисла. 

Нејсе, ќе се обидам да ви дадам еден совет, но не сум сигурна дека ќе се разбереме; начинот на кој навредувате, напаѓате, дискредитирате се што е поинакво од вас е премногу машка особина. Несомнено, добри сте во тоа, сте стапиле во контакт со машкото во вас. Но, обидете се малку да бидете и жени. Вистински, силни, храбри жени кои се грижат за она што ни се случува, и кои се подготвени да нудат решенија за излез од кризата. А женските решенија секогаш биле прагматични, објективни и вистински. Бидете вистински жени, и не срамете се од тоа. Може и ќе загубите некој “лајк“ во процесот, но вистинскиот “лајк“ ќе го добиете од онаа од која треба најмногу да вреди. Погледнете во огледало. Можеби ќе ја најдете...

Проф. Д-р Тања Каракамишева-Јовановска

 
 
26.01.2016 - 18:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега