НБРМ: БДП годинава со раст од 3,5 отсто, а следната четири
Остварувањата во третиот квартал од 2015 година, како и повеќето расположливи високофреквентни податоци за последниот квартал на годината упатуваат на задржување на економијата во зоната на солиден раст, во согласност со октомвриската проекција за раст на БДП од 3,2 проценти во 2015 година, заклучи Советот на Народната банка на Република Македонија на својата прва седница во тековнава година, пренесе МИА.
На седницата беше посочено дека проектираниот раст на БДП за 2016 и 2017 година изнесува 3,5 и 4 проценти при што се очекува дека главен носител на растот ќе претставуваат извозниот сектор и инвестициите, кои ќе дадат позитивни преносни ефекти врз пазарот на труд и дополнително ќе ја поттикнат потрошувачката на домаќинствата.
Советот на Народната банка на денешната седница го разгледа најновиот Квартален извештај, при што беше утврдено дека каматната стапка на аукциите на благајничките записи е задржана на 3,25 отсто, во економски и финансиски услови што покажуваат соодветна тековна монетарна поставеност.
– Клучните макроекономски параметри во домашната економија главно се движеа во согласност со проекциите од октомврискиот циклус. Бруто домашниот производ во третиот квартал оствари годишен раст од 3,5 проценти, што е во согласност со октомвриската проекција, иако стапката на раст е малку повисока од очекуваната. За разлика од претходниот период, клучен поединечен двигател на растот во третиот квартал е личната потрошувачка, при постојани позитивни движења на пазарот на труд и засилување на кредитирањето на домаќинствата. Дополнителен придонес за растот на потрошувачката имаа пониските цени на енергентите, преку нивното позитивно влијание врз домаќинствата, соопшти НБРМ.
Од НБРМ нагласуваат дека во рамки на надворешниот сектор, во третиот квартал од 2015 година на тековната сметка беше забележан суфицит од 142,4 милиони евра, или 1,6 отсто од БДП, што е малку подобра позиција на тековната сметка од очекувањата, при подобро трговско салдо.
– Истовремено, кај финансиската сметка беа остварени нето-одливи од 188,4 милиони евра, или 2,1 отсто од БДП, што првенствено ги одразува зголемените нето-обврски врз основа на трговски кредити. Остварените нето финансиски одливи во третиот квартал беа малку повисоки од планираните и беа во согласност со очекувањата за овој период дека дел од трансакциите во платниот биланс ќе бидат финансирани преку девизните резерви, велат од НБРМ.
Сѐ на сѐ, додаваат, и последните остварувања укажуваат на натамошно одржување на девизните резерви на соодветното ниво, намалени инфлациски притисоци и зајакната кредитна поддршка на економскиот раст од страна на банкарскиот сектор.
– За 2016 и 2017 година повторно се очекува стапка на инфлација од околу 1,5 и 1,6 отсто, а ризиците околу проекцијата се надолни, во услови на постојани надолни корекции на оцените за цените на нафтата и на храната. Сепак, треба да се има предвид дека движењето на цените на примарните производи, покрај условеноста со факторите од привремен карактер, тековно се соочува и со засилените геополитички фактори, со што неизвесноста околу нивната проекција, и во периодот што претстои, ќе биде релативно голема, оценуваат од НБРМ.
Советот на денешната седница ги разгледа и ги усвои Одлуката за критериумите и стандардите за работењето на платните системи и Одлуката за начинот и методологијата на надзор на платните системи со кои се овозможува примена на „Принципите за инфраструктура на финансиските пазари“, вклучително и на „Рамката за обелоденување и методологијата за проценка“, коишто се усвоени од Комитетот за системи за плаќање и порамнување при Банката за меѓународни порамнувања и Одборот на меѓународната организација на комисии за хартии од вредност.
Истовремено, се воведуваат пристапот на Европската централна банка за класификација на платните системи во три категории (системски значајни платни системи, значајни платни системи и други платни системи) и соодветните обврски на поединечно класифицираните платни системи во исполнувањето на принципите и соодветните главни барања.
Класификацијата на одделниот платен систем зависи од неговото финансиско влијание и навлезеноста на пазарот, како и од неговата улога во порамнувањето на трансакциите од други платни системи или системи за порамнување хартии од вредност. Со примената на оваа регулатива, преку теренско и засилено вонтеренско надгледување, се очекува дека ќе се унапреди ефикасноста и сигурноста на платните системи во Република Македонија.
Советот разгледа и други прашања од својата надлежност.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа