Лоши вести за возачите: Нови ценовни движења на нафтата

 

Американската лесна нафта за испорака во март вчера на берзата во Њујорк поевтини за скоро половина долар по благиот раст изминатата недела и тргувањето го затвори на ниво од 32,87 долари за барел.
И северноморската нафта од типот „брент“ која се увезува во Македонија поевтини за 35 центи и тргувањето го заврши на ниво од 32,75 центи.

Благото поевтинување, како што јавува Франс Прес се должи на вестите за растот на американските комерцијални резерви на рекордни ниво и загриженоста од презаситеноста на глобалниот пазар.

Во претходната недела нафтата имаше тренд на благо поскапување и во однос на цената од пред две недели поскапи меѓу еден и два долари по барел, во зависност од типот и испораката.

За Македонија и актуелните цени од последните берзански извештаи се пониски од цените врз основа на кои Регулаторната комисија ги одреди малопродажните цени во понеделникот.  Тогаш регулаторот пресмета дека средната цена на суровата нафта од типот „брент“ на берзата во Лондон изнесувала 35,3 долари за барел а средниот курс на денарот во однос на доларот бил 56,38 денари за долар.
До следната корекција на цените која е закажана за 8 февруари има уште повеќе од една недела, но денешниот курс на доларот во однос на денарот бележи тренд на раст, па еден долар чини 56,52 денари.

Ако се задржи овој тренд, имајќи го предвид малиот простор за маневар на Регулаторот, но и најавите за благ раст на цените на светските берзи, во февруари можеме да очекуваме задржување на актуелните цени или поради евентуални значителни промени на курсот на долар движење на цената меѓу половина и еден дена и тоа во двата правци.

Во моментов малопродажните цени на бензините во Македонија се на рекордно ниско ниво. Во архивата на Регулаторната комисија во која најстариот извештај датира од март 2006 година не можете да најдете одлука со пониски цени.

 

Сега, на бензинските пумпи низ Македонија ЕУРОСУПЕР БС 95 се точи за 57,5  денари по литар, ЕУРОСУПЕР БС 98 за 59,5 денари а литар ЕУРОДИЗЕЛ чини 39 денари.

Ако се има предвид дека повеќе месеци сведочевме на пад на цените на горивата, вестите кои што доаѓаат од светските берзи и не се така поволни, особено за возачите кои сакаат константно поевтинување на горивата. Но светла точка во сето ова е фактот дека би било добро, цените барем да се задржат на ова ниво што ќе отвори простор за поевтинување и на останатите продукти во чие производство нафтата е значаен инпут фактор.

 
 
29.01.2016 - 10:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега