Постои ли опасност од Зика вирусот во Македонија?
Во моментот ризикот за појава на случаи со зика вирусна инфекција во Македонија е екстремно низок од причини што станува збор за вектор пренослива болест која се пренесува од одреден тип компетентни комарци, изјави директорот на Клиниката за инфективни заболувања Звонко Миленковиќ, додавајќи дека постои можност лица кои патувале во земји каде е присутен зика вирусот да го донесат со нив.
- Можноста за појава на внатрешно генерирани случаи во овој момент е екстремно ниска, но тоа не значи дека во следните месеци тоа нема да се менува, особено во април или летните месеци, кога има повеќе компетентни комарци, па така и опасноста ќе биде значително поголема, нагласи Миленковиќ.
Миленковиќ, кој исто така е претседател и на Комисијата за заразни заболувања, нагласи дека денеска е одржан редовен состанок на кој е разгледана актуелната состојба со вирусот зика на глобално ниво, можностите и ризиците за проширување на заболувањето во други средини и Македонија, како и изработка на насоки за постапувања во овој период.
Јованка Костовска од Министерство за здравство рече дека зика вирусот се пренесува преку комарци, кои се преносители на многу други заразни болести и согласно тоа еден од заклучоците на Комисијата за заразни заболувања е навремено започнување со активности за дезинсекција, односно уништување на комарци и започнување со ларвицидна дезинсекција, која е планирана за март месец.
- На состанокот е заклучено Институтот за јавно здравје веднаш да отпочне со активности за обезбедување на реагенси и тестови за докажување на зика вирусот, рече Костовска, додавајќи дека постојат многу минимални шанси вирусот да се појави во Македонија.
Костовска препорачува сите лица кои патуваат во земјите каде моментално циркулира зика вирусот да се заштитат за време на престојот од убоди на комарци со премачкување и со репеленти, а особено да внимаваат бремените жени и доколку не е неопходно да не патуваат, додавајќи дека Светска здравствена организација (СЗО) не препорачува рестрикција на патување во овие земји.
- Сите кои се враќаат од земјите во кои има зика вирусни инфекции, доколку во рок од три недели почувствуваат симптоми специфични за вирусот како температура, конјуктивитис и болки по тело и мускули да се јават на матичниот лекар и да напоменат дека патувале во една од овие земји, истакна таа.
Специјалистот по епидемиологија Жарко Караџовски, исто така, нагласи дека во овој момент не постојат големи шанси за инфекција со зика вирусот и дека во периодот што следи Македонија ќе ги преземе сите мерки во делот на превенција, едукација и информација на населението.
- На веб страницата на Институтот за јавно здравје ќе бидат објавени препораките за евентуално патување, а дали ќе се развие клиничка слика ќе зависи колку нашите луѓе ќе се придржуваат до превентивните мерки што мора да бидат спроведени, истакна Караџовски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа