СДСМ: Нема услови за избори на 24 април - можни термини 5 јуни и 5 јули

СДСМ и коалициските партнери нема да учествуваат на еднострано закажаните избори на 24 април. Такви избори без учество на опозицијата нема да се одржат, изјави денеска на прес-конференција лидерот на СДСМ Зоран Заев.

– Основниот елементарен демократски принцип е еден човек еден глас. Не фантомски гласачи, туку вистински. Не фантомска волја, туку слободна изразена волја на граѓаните. Без почитување на овој принцип нарушена е суштинската смисла на демократијата на која се поставени темелите на современа Република Македонија, изјави Заев и подвлече дека без прочистен Избирачки список и слободни медиуми не се можни фер и демократски избори.

Одговарајќи на новинарско прашање дали во Македонија е можно одржување избори без учество на опозицијата рече дека тоа не е можно.

– Избори нема да има на 24 април. СДСМ е доволно силен и моќен да не биде само нем набљудувач на еднострани одлуки на владејачките партии. За да има избори мора да има избор. Не мислам дека постои ниту мала можност за тоа. Фер, демократски и регуларни избори се императивот на договорот од Пржино. Изборите ние ги баравме, рече Заев.

Запрашан дали е сепак можно да се одржат избори доколку се постигне прочистување на Избирачкиот список и регулација на медиумите, лидерот на СДСМ дециден дека ДИК е таа која може да го одреди датумот за изборите откако ќе го заврши прочистувањето на Избирачкиот список, како и регулација на медиумите. Според него, согласно законските одредби потребни се најмалку 85 до 90 дена за да се завршат сите подготовки за нивно одржување вклучувајќи и теренско прочистување на Избирачкиот список.

– До 5 март како што е по закон, а тоа е 50 дена пред денот на изборите, има 37 дена. Ако се стигне до 15 април плус 50 дена, 5 јуни би можел да биде проектиран датум за избори. Ако се стигне до 15 мај, 5 јули би можел да биде првиот проектиран датум за избори. Колку и да навлегуваме во аргументите, конечно ако сакаме враќање на демократските институции во државата  треба да престанат и Заев и Груевски и кој било политичар да лицитира со датумот на изборите. Постои методологија, постои закон. ДИК е таа која првпат има тројца независни експерти и токму таа треба да каже точен термин кога ќе го заврши прочистувањето на Избирачкиот список и согласно на тоа можеме да седнеме и да го проектираме датумот за избори односно ДИК да го проектира датумот за избори , рече лидерот на СДСМ Зоран Заев.

 
 
29.01.2016 - 15:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега