Македонија со свој штанд на Саемот за туризам во Истанбул
Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот со свој штанд ја претставува Македонија на 20. издание на Саемот за туризам ЕМИТТ во Истанбул, Турција. На саемот, што беше отворен вчера и ќе трае до крајот на месецов, својот туристички потенцијал го презентираат 71 држава од светот.
Македонскиот штанд, кој со дизајнот е прилагоден за интересот на Турците, привлече огромен број на посетители уште првиот ден, информираат од Агенцијата.
- Зголемувањето на бројот на ноќи е право пропорционален со растот на бројот на туристи од Турција и за разлика од минатата година е покачен за над 40 отсто. Приватниот сектор на Турција очекува годинава зголемен интерес за Македонија, а со тоа и бројот на туристи од Турција да доживее драстичен пораст, велат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
Оттаму посочуваат дека акцент на саемот во Турција се стави на посетата на Недрет Апајдин, провинциски директор на Истанбул во Министерството за култура и туризам на Република Турција и неговите пофални зборови за соработката меѓу Македонија и Турција и потенцијалот за нејзино продлабочување.
Конструктивни средби на кои се разгледувала можноста за соработка се оствариле и со тур-операторите Анитур и Татилстил, но и со претставници на ТАВ аеродромите и туристичките организации на Црна Гора, Србија и Турција.
На саемот за туризам во Турција присутни се и македонските туристички агенции Бадем Турс, Фибула, Генерал Турист, Вардар Експрес, Бохемиа и Енџој Балкас, но и хотелите Изгрев и Буши.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа