Димитриев: Изборите на 24-ти април ќе бидат фер, демократски и кредибилни по сите европски стандарди!

 

Има доволно време и услови до 24 април да се организираат фер и демократски избори кои сите партии ќе имаат доверба, истакна премиерот за спроведување на изборите, Емил Димитриев после неговата денешна средба со евроамбасадорот Аиво Орав и со американскиот амбасадор Џес Бејли во неговиот кабинет во Владата.

-Тоа ќе бидат фер, демократски и кредибилни избори по сите европски стандарди. Стандардите се јасни и прецизни, има услови и има и време и ресурси сето тоа да се организира. ДИК има јасен мандат и сите членови на ДИК имаат одговорност пред Уставот, законите и народот на нашата земја да ја исполнат својата обврска на време. Ова е посебно важно откако е јасно дека четирите партии го утврдија Законот за избори каде се решени сите аспекти на изборите. Се договорија и изгласаа заедно во Парламентот закон во кој стои дека изборите ќе бидат на 24-ти април, што значи превзеле обврска за тоа. Дополнително Парламентот донесе одлука за негово распуштање на 24-ти февруари, со што се затворија сите дилеми околу датумот на одржување на изборите. Во нормални околности ДИК требаше да дознае за одлуката за избори дури на 24-ти февруари, со распуштање на Парламентот и требаше да ги организира изборите со тие рокови. Овојпат ДИК има скоро месец и пол повеќе време за тоа да го направи. Секоја опструкција во рамки на ДИК е само обид за пролонгирање на кризата во државата и нејзино продлабочување, што нема да добие поддршка од никој сериозен фактор, истакна Димитриев.

Димитриев потенцира дека ДИК ја утврди предлог методологијата едногласно со согласност од сите членови, но дека тоа некој го користи за опструкции и нови проблеми.

-За избирачкиот список информиран сум дека сите партии освен СДСМ се откажаа од сите амандмани кои ги имаа поднесено, ДИК ја утврди предлог методологијата едногласно со согласност од сите членови од ДИК, со поддршка дури и од оние кои се предложени од страна на СДСМ. Фактот што се бара начин да се тргува методологијата со медиумите како што една од партите тоа деновиве го изјави, само покажува дека методологијата не е воопшто проблем, туку дека е инструмент кој некој сака да го користи за опструкции и нови проблем. Оттука, и оправдано е стравувањето базирано на информациите кои стигнуваат до нас дека една партија раскажува дека нема да има избори. Ја повикувам СДСМ да престане да го блокира донесувањето на методологијата и прочистувањето на избирачкиот список. Ја повикувам денеска да ја извести ДИК како што тоа го направија сите други политички партии, дека ја прифаќа методологијата за прочистување која ДИК едногласно ја донесе после што ДИК веднаш ќе може да започне со прочистувањето на избирачкиот список. Во однос на медиумите сум информиран дека се што е поврзано со организацијата на изборите во април 2016 година е договорено и вградено во последните измени на Изборниот закон усвоен од сите партии во Парламентот. Во тој закон стојат јасно и прецизно сите правила поврзани со изборите кои медиумите мора да ги почитуваат, а правилата се однесуваат на давање на еднаков пристап до јавноста, како и обврски за еднаков пристап до рекламен простор кај радиодифузерите и до простор во информативната програма на јавниот радиодифузен сервис. Тоа стои јасно во Изборниот закон. Оттука, секој понатамошен обид за проблематизирање на медиумите само придонесува во креирање на негативен амбиент и намерно отворање на теми кои немаат врска со слободата на медиумите туку имаат со нечии обиди за укинување на таа слобода, потенцира Димитриев.

emil-dimitriev-orav-bejli

Во Изборниот законик на барање на СДСМ беа внесени следните работи:

–      Забрана медиумите да спонзорираат политичка кампања на било која партија

–      Политичките партии ќе имаат еднакво време за бесплатна презентација на МТВ

–      Обезбедена е законска гаранција за пристап до рекламен простор на секоја партија на сите комерцијални медиуми

–      Медиумите нема да смеат да ги менуваат ценовниците за рекламирање на политичките партии и ценовникот треба да биде ист за сите политички партии

–      Во информативната програма на МТВ законот обезбедува еднаков пристап и тоа по 30% за партиите на власт и 30% за партите од опозиција

–      МТВ е должна да организира дебатни емисии

–     Известувањето за редовните активности на институциите не смее да биде во функција на изборно медиумско претставување на ниту една политичка партија

–      Забрана за политичко рекламирање на сите медиуми која стапи на сила на 20 декември 2015 година

–      Забрана за владино рекламирање.

-Дополнително, охрабрува фактот што ВМРО-ДПМНЕ даде бланко поддршка за било кој европски закон да се имплементира во Македонија. Македонија цели кон Европската Унија и нејзините стандарди, и оттука ја поздравувам одлуката на ВМРО-ДПМНЕ практично да покаже целосна отвореност за прифаќање на било кој закон од било која земја членка на ЕУ. Има 28 земји членки на ЕУ и опозицијата може слободно да одбере кој закон сака да го превземе и за тоа ќе ја има поддршката од другите партии. Значи и за ова топката е кај опозицијата. Дозволете да информирам за да не се заборави дека, постојниот закон за медиум беше донесен со поддршка на Европската Унија и дури и ги доби највисоките оценки. За поздравување е и напорот на 5-те национални медиуми, ТЕЛМА, АЛСАТ, СИТЕЛ, КАНАЛ 5 и АЛФА, да дадат свој придонес во ова дебата, и исто така ги поздравувам и обидите на двете новинарски здруженија МАН и ЗНМ да помогнат. Би сакал да се осврнам и на неколку други поенти од аспект на заплашувања и притисоци, но и за мешањето на партијата и државата. Никој не смее да прави притисок за гласање врз никого и ако постои и се докаже такво нешто таа личност мора да биде и  ќе биде санкционирана. Никој никому не смее да забрани да се појавува во јавност на било какви настани, и мешањето на партијата со државата како флоскула не смее да се вулгаризира до таа мера што сите ќе треба да заборавиме дека генералниот секретар на СДСМ е министер за внатрешни, а генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ е премиер на Владата за организирање на изборите на 24-ти април. Дали некој присуствува на некој настан на отварање на проект или мерка која тој ја предложил и работел на нејзина реализација е право дали тој што го организира настанот ќе го покани и е елементарно право на секого. Јас би бил најсреќен кога би имало многу проекти низ државата на кои заедно би се појавувале и лидерот на најголемата партија и лидерот на опозицијата, затоа што во сета оваа криза и деструкција како да се подзаборави дека основна работа на политичарите е да создаваат дела и проекти за народот, да предлагаат мерки и реформи, да го подобруваат животот, а не да создаваат кризи и да бидат дел од разни завери и да размислуваат само како да наштетат нешто наместо да создадат нешто, заклучи тој.

 
 
29.01.2016 - 19:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега