ГОЛЕМ ПРАЗНИК: Еве зошто денеска сите садови треба да ги држите затворени
Нашиот народ два пати го празнува споменот на свети Атанасиј Велики. На 31/18 јануари се празнува празникот Танасовден ‒ зимен, а на 15/2 мај Танасовден ‒ летен. Свети Атанасиј, наречен Велики е роден во Александрија во 295 година. Едно време минал во пустина заедно со свети Антониј Велики. По враќањето во Александрија станал архиѓакон во александриската црква.
Свети Атанасиј е домашен празник на многу семејства, но и на цели села. М. С. Филиповиќ забележал дека „на местото каде што е сега црквата на Св. Атанасиј во с. Луково порано имало само гробишта и вакавски дабје. Местото се викало „Танасовден“ и тука луѓето се собирале на панаѓур. Подоцна кога виделе знаци, пламен од земјата, на тоа место изградиле црква. За црквата „Св. Атанасиј“ во с. Модрич, вели Филиповиќ, има многу преданија. На пр. ако чуварот заборавел да го запали кандилото тоа само се палело. Кога за време на окупацијата по наредба на бугарските власти била симната плочата со грчки напис од црквата настанала силна провала од која настрадало соседното маало. Кога плочата била вратена на местото провалата престанала. Се раскажувало и тоа дека некои Турци што ги навредувале иконите во црквата ослепеле. Според друго предание, во турско време вратата од црквата секогаш била отворена. Некогаш некој сејмен влегол и украл 300 гроша. Но кога се обидел да излезе вратата била затворена. Се отворила дури откако ги вратил парите на истото место. Потоа ги советувал своите нека работат што сакаат, но во вакуф да не чепкаат. И сега, пишува Филиповиќ, таа црква не е заклучена.
М. Цепенков забележал дека во Прилеп Св. Атанасија бил празник што го служеле кантарџискиот и ковачкиот еснаф.
Во Радовиш, пак, Св. Атанас се сметал за овчарски празник. Многу го почитувале куќите коишто имале овци и на тој ден не работеле за волци да не им ги изедат овците. И овде овој празник го сметале за „средзимо“, овчарите што знаеле да го прогнозираат времето гледале какво ќе биде тоа од празникот натаму. И овде е позната пословицата: „Атанас фрли кожи ја врз нас ја врз рас“, што значи дека од времето зависи дали луѓето ќе ја симнат зимската облека.
Сепак, се верува дека времето оди на лето, дека поминале зимата и големите студови карактеристични за јануари. Освен зимскиот празник Танасовден нашиот народ празнува уште еден празник посветен на овој светител. Тоа е Танасовден – летен, што се празнува на 15/2 мај денот кога е упокоен св. Атанасиј Велики.
Останало верувањето на овој ден дека ѓаволот го искушувал овој светец преправајќи се во најубавата девојка, која го молела да биде со неа и да се одрече од Бога. Тој ја замолил да му ја докаже љубовта со тоа што ќе влезе во мал сад, па го затворил и фрлил во море. Затоа денеска е важно сите садови да се држат затворени, за ѓаволот да не излезе од нив.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа