Ставрески: Отворивме 33 канцеларии за проектот „Купи куќа за млади“
Во 33 општини низ државата се отворени канцеларии во кои граѓаните поблиску ќе може да се информираат за бенефитите што ги нуди најновиот проект „Купи куќа за млади“.
Канцелариите се наоѓаат во подрачните единици на Управата за имотно-правни работи и на Управата за јавни приходи.
Во 29 општини канцелариите се сместени во подрачните единици на Управата за имотно-правни работи, додека во Демир Хисар, Делчево, Крушево и Неготино во подрачните единици на Управата за јавни приходи.
Покрај за овој проект, граѓаните ќе може да се информираат и за проектот „Купи куќа, купи стан“.
– Проектот „Купи куќа за млади“ наиде на голем интерес кај младите кои имаат до 35 години не само во Скопје, туку и во сите градови во внатрешноста на Република Македонија. За да го приближиме проектот до младите луѓе и да можат на едно место да добијат информација за условите, учеството, банките и плацевите отворивме канцеларии во 33 општини во подрачните единици на Управата за имотно-правни работи и на Управата на јавни приходи, изјави денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
За таа цел се обучени вработените кои работат во овие канцеларии и тие ќе ги даваат потребните информации за младите полесно да се запознаат со условите што ги нуди проектот и да дојдат до сопствен дом.
– Апелирам до сите млади луѓе да се информираат за проектот и да ја искористат можноста што ја даваат овие канцеларии. Во текот на февруари ќе организираме и караван низ повеќе градови во Република Македонија така што на сите начини ќе се обидеме да им го доближиме проектот на младите луѓе, истакна вицепремиерот Ставрески.
Тој нагласи дека се работи за голема поддршка што им ја нуди државата на младите луѓе за да го решат едно од најсуштинските животни прашања.
Поддршката е 80 отсто субвенција на ратата и тоа главнина и камата во текот на осум години и уште три години субвенција од 50 отсто на ратата, или 100 отсто од учеството за кредит.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа