Спасов поднесе кривична пријава за несовесно работење против Ременски

Поднесена е кривична пријава за  случајот со незаконското именување за в.д директор на Заводот за рехабилитација на деца и младинци од Топанско поле разрешница од страна на техничката министерка Фросина Ременски.

Дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика, Диме Спасов  поднесе кривична пријава против Фросина Ташевска – Ременски како службено лице кое врши работи од јавен интерес технички министер во Министерство за труд и социјална политика како јавна установа, која очигледно несовесно постапила во вршење на своите овластувања и должности при раководење со министерството, конкретно за овој случај.

Спасов денес одговори на новинарско прашање во однос разрешувањето на директорите на јавни установи. При тоа истакна дека покрај 15 тужби за незаконско работење и незаконско разрешување на 15 директори на институции кои што се покренати пред одредено време против техничката министерка Ременски до Управниот суд кои што се веќе во судска постапка и за кои што од Управниот суд има решенија за времена мерка, при што е поднесена жалба од техничката министерка до Вишиот Управен суд и за кои што ќе се чека на  одлуката од Вишиот Управен суд па понатаму  ќе се превземат одредени конкретни дејствија согласно одлуката на Вишиот Управен суд.

Дополнителниот заменик министер, Диме Спасов изјави дека  покренува кривична пријава против техничката министерка Ременски за несовесно работење, односно за незаконско именување на вршител на должност, директор на  Завод за рехабилитација на деца и младинци, лице кое што не ги исполнува условите согласно Законот и согласно Статутот на  овој Завод.

Имено, медиумите претходно информираа дека Љупчо Кец Мицковски истакнат активист на СДСМ од Сопиште познат по скандали во јавноста е назначаен како вршител на должност на Заводот за рехабилитација на деца и младинци – Скопје на 11.1.2016 спротивно на член 25 од Статутот на установата. Мицковски е дипломиран агроном-инжинер а според Статутот на Заводот за директор на оваа јавна установата се избира лице кое покрај општите услови предвидени во Закон, треба да исполнува и посебни услови, да има високо образование , 7-1 степен стручна подготовка од образовен профил:Дипл. Дефектолог, Дипл. Педагог, Дипл. Психолог, Дипл. Социјален работник или Дипл. Правник.  Условите за назначување на в.д директор се исти со условите за избор на директор.

Со тоа, Фросина Ременски го прекршила Статутот на јавната установа Завод за рехабилитација на деца и младинци – Скопје и сторила кривично дело кривично дело „Несовесно работење во службата„ од член 353-в ст. 1 од Кривичниот законик на Република Македонија. Исто така со разрешувањето на претходниот директор Анета Стефановска и причинила штета со тоа што била разрешена од директор на Заводот како лице кое ги исполнува условите според законот.

Ременски тврдеше дека именувањето е законски и дека при именување на в.д директор важно е само лицето да е од редот на вработените во установата што не е точно.

Спасов ја повика техничката министерка дека и понатаму ќе се следи нејзината работа и и ја повика да престане да врши притисоци, реваншизам и  закани врз вработените во Министерството  и институциите под Министерството, да престане да ја бара вината кај сите освен кај себе.

Според него таа е веќе неколку месеци  министер во Министерството за труд и социјална политика  и редно време  е да се зафати со реалните потреби на граѓаните и на институциите  кои што се во надлежност под министертсвото.

Како што нагласи Спасов доколу Ременски изминатите неколку месеци ги посветела на проектите кои што се реализираат преку министерството и секојдневно ги следела секторите и институциите и давала конкретни рокови за постапување немало да има задоцнување и немало да има доцнење во јавните набавки во министерството, доцнење на проектите во министерството.

На крај заклучи дека  граѓаните го познаваат овој стил на работа и на 24 април ќе го дадат својот глас за стопирање на ова деструктивно работење на функционерите од СДСМ.

 
 
02.02.2016 - 13:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега