Нови можности за вработување на глуви и слепи лица

Отворен е јавен повик за четиримесечни обуки за лицата со инвалидност. Невработените глуви и наглуви лица, слепи и оние со оштетен вид ќе можат да се пријавуваат во центрите за вработување на АВРМ и да се пријават за проследување на обуки за побарувани занимања на пазарот на труд.

За лицата со оштетен вид и за слепите лица ќе се организира 4 месечна обука за масер терапевт, ориентација и мобилност во простор, описменување на Брајово писмо, додека за глувите и наглувите лица ќе се организираат обуки за аргон заварувач, водоинсталатер.

Заменик министерот за труд и социјалана политика Диме Спасов истакна дека Владата на Р. Македонија во континуитет превзема мерки за зголемување на бројот на вработувања кај лицата со инвалидност и токму во таа насока се и тие обуки кои сега се организираат.

-Денешната мерка е насочена кон подобрување и зголемување на вештините преку кои ќе стигнат до работа лицата со инвалидност, лицата со оштетен вид и слепите лица и лицата кои што се глуви и наглуви. Станува збор за обуки кои ќе се реализираат заедно со средните стручни училишта кои што веќе сертифицираа обуки за лица со инвалидност, рече Спасов.

Обуките ќе траат 4 месеци од кои што три месечни обуки и едно месечна пракса во реални работни услови. Центрите за обука ќе добијат финансиски надоместок во висина од 30.000 денари за реализација на обуките, додека лицата со инвалидност ќе добијат околу 8.000 денари за надоместување на трошоците за храна, превоз и осигурување во случај на несреќа при работа.

-Ова се првите обуки и со нив започнува процесот на поголема интеграција на лицата со инвалидност за зголемување на нивните вештини и на нивно работно оспособување. Во наредниот период ќе работиме на сертифицирање на вакви повеќемесечни обуки со кои што лицата со инвалидност ќе се стекнат со вештини што се побарувани на пазарот на труд и ќе можат полесно да дојдат до посакуваното работно место, истакна Спасов.

Директорот на АВМР Влатко Поповски изрази надеж дека и компаниите ќе ја видат оваа позитивна мерка и на дел од овие едуцирани лица ќе им понудат работни места, бидејќи, како што рече, дел од овие едукации се вистински барани на пазарот на труд и се дефицитарни занимања.

-Ги поканувам сите компании од домашната сфера и од инвеститорите по завршувањето на четиримесечната обука да дојдат во АВРМ и да им ги понудиме овие обучени лица. Иако имаат инвалидност тие се добри и верни работници во секоја компанија, рече Поповски.

Претседателот на Националниот сојуз на слепи и слабовидни лица Жарко Салкоски смета дека овие обуки ќе им помогнат овиле лица полесно и побрзо да дојдат до работа, а вештините пак ќе им овозможат да имаат подобра мобилност во просторот и посамостојно живеење.

Претседателот на Националниот сојуз на глуви и наглуви лица го дели ставот на Салкоски и додаде дека од лицата кои се членови на здружението веќе има интерес да почнат да ги посетуваат обуките.

 
 
03.02.2016 - 13:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега