Државна помош од 92.000 денари за отворено работно место

 

Огласот на кој заинтересираните ќе може да аплицираат е актуелен и трае до 22 февруари. Работодавачите од микро и малите претпријатија може да ја искористат можноста која им се нуди со поднесување на пријава во работните клубови на 30-те Центри за вработување на Агенцијата за вработување.

Финансиската поддршка по едно ново отворено работно место, која ја дава Владата во соработка со УНДП, опфаќа исплата на неповратни средства за набавка на опрема и/или материјали во висина од 92.000 денари за секое ново отворено работно место.

Може да се финансираат најмногу 5 отворени работни места, при што максималната поддршка која може да ја добие микро или малото претпријатие во случај на ново отворени 5 работни места изнесува 460.000 денари.

Работодавачот кој би ги добил овие средства има обврска ново вработените лица да ги задржи во работен однос со полно работно време најмалку 1 година од денот на вработувањето, без да го намалат бројот на вработени.

-Оваа програма претставува значајна помош за работодавачите, на оние работодавачи кои што планираат да  отворат нови работни места врз основа на развојот и растот на  нивното претпријатие, потребата да ангажираат нови работници. Овие средства кои ги дава Владата би им дошле како своевиден бонус, гранд средства кои би можеле да ги искористат за купување на опрема и материјали за својата работа. Оние пак работодавачи кои што размислуваат дали да отворат нови работни места, во оваа програма треба да видат дополнителен аргумент да ги отворат тие работни места затоа што ќе добијат средства од страна на државата, ќе заштедат трошоци за ангажман во поглед на опремата и материјалите и тие заштедени средства ќе можат да ги употребат потоа алтернативно за плати на лицата кои ќе ги ангажираат во работен однос, истакна владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Програмата за поддршка се однесува на сите микро и мали претпријатија, со исклучок на оние кои се со регистрирана земјоделска дејност.

Претпријатијата треба да ги исполнуваат следните услови: да се регистрирани најмалку 1 година сметано до денот на објавување на јавниот повик, да ги имаат подмирено сите обврски по основа на даноци и придонеси, да имаат остварено добивка во 2014 година и да не го намалиле бројот на вработени во шесте месеци пред поднесувањето на апликацијата.

Податоците од минатото покажуваат дека како резултат на владината поддршка преку оваа мерка досега биле вработени околу 600 лица. Најголем дел од лицата кои биле ангажирани во работа, го задржале работниот однос и по истек на периодот од 1 година во кој работодавачите имаат обврска да го задржат лицето на работа.

 
 
09.02.2016 - 15:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега