Македонија стана земја на познати хотелски брендови
Македонија се најде на мапата на светските познати хотелски брендови. Од година во година се збогатува понудата за пребирливите странски туристи. Мериот Хотел, Ибис се само дел од познатите хотели кои функционираат во градот Скопје. Со овие имиња во хотелскиот бизнис, Скопје рамноправно се носи со земјите од регионот и европските земји, пишува Лидер.
Деновиве Мериот Хотел кој се наоѓа на плоштадот Македонија спроти кафулето тренд, објави оглас за вработување на кој се бараат кандидати за 33 различни работни места. Се бара персонал за практично сите работни места потребни за функционирање на новиот хотел во центарот на Скопје. Огласот е отворен до 27 февруари. Инаку инвестицијата е вредна 37 милиони евра, а хотелот се протега на површина од 20.000 метри квадрати. Во него ќе има 180 соби, 16 луксузни апартмани, еден претседателски апартман, два ланч барови, спа центар и градина на највисокиот кат. Со неговото отворање се очекува да се отворат 700 нови работни места. Хотелот “Мериот” го гради македонската компанија „Дивелоп груп“. Инаку Македонија е прва дестинација за изградба на ваков луксузен хотел од страна на американската компанија “Мериот Интернешнл“ на Балканот. „Мериот“ е водечка компанија за хотелиерство, која поседува повеќе од 3.400 хотели во 70 земји. Седиштето на компанијата се наоѓа во САД и има приближно 140.000 вработени.
Хотел Ибис во центарот на Скопје почна со работа минатата година
Во септември минатата година и официјално беше промовиран влезот на европскиот лидер во хотелиерството, брендот „Ибис“ на македонскиот пазар, со што овој бренд и нашата земја ја впиша на светската мапа на туризмот. Самото присуство на брендот „Ибис“ е позитивен сигнал до странските гости и туристи и создава позитивен ефект врз бројот на посетители во земјава, порача Катерина Илиевска, менаџер на хотелот „Ибис“, кој се наоѓа во строгиот центар на Скопје.
Инвестицијата во „Ибис хотел Скопје сити центер“ вреди 6 милиони евра и се очекува да даде значаен придонес кон афирмација на туризмот во нашата држава.
-Со носењето на брендот ’Ибис‘, нашата цел не беше насочена само кон изградбата на атрактивен објект или пополнување на собите со посетители, туку една стратешка инвестиција која ќе ги охрабри инвеститорите да го следат нашиот пример и заеднички да го подигнеме нивото на угостителските услуги во една современа и европска Македонија. А со тоа и да создадеме услови за подобар раст и конкурентност на пазарот, истакна Илиевска.
„Ибис хотел Скопје“ е дел од групацијата „АКОР хотелс“, синџир кој е присутен во 92 земји ширум светот со повеќе од 3.700 хотели и 480.000 хотелски соби. Хотелот во Скопје располага со 110 целосно опремени соби од кои 86 се еднокреветни – (дабл бед), 22 се двокреветни (твин рум) и 2 соби се наменети за лица со посебни потреби. Во состав на хотелот се наоѓа модерен ресторан, бар отворен 24 часа кој нуди разновидни пијалаци и закуски, веб-корнер и бесплатен безжичен интернет.
Хотел Руссија – новина во угостителскиот сектор
Во скопски Аеродром, во непосредна близина на карабината на Хилтон, се отвори хотелот Русија којшто функционира во рамките на СЦ „Јане Сандански“. Се работи за хотел со 4 ѕвездички, 61 соба, спа и фитнес центар, базен, тениски терени.
Цената варира во зависност од типот на собата, 50 евра е еднокреветна, 80 е „твин“ собата, па сè до 200 евра за луксузниот апартман. Инвестицијата во мултифункционалниот комплекс е 15 милиони евра, а за времетраењето на изградбата од 16 месеци беше даден дополнителен импулс на градежништвото.
-Хотел Руссиа е модерен мултифункционален објект кој ги задоволува сите меѓународни стандарди. Ние постојано ги изненадуваме нашите клиенти со нови содржини и понуди, односно ги следиме трендовските содржини во светот. Веќе сме препознатливи како дом на спортистите и пријател на бизнисот. Новоотворениот скај бар, Спа центарот, фитнес центарот и медицинскиот центар се содржини со кои хотел Руссиа им нуди едно поинакво искуство на посетителите и гостите. Она кое го прави хотел Руссиа различен и уникатен во областа, а со кое посебно се гордееме, е комплетната понуда и асортиман за задоволување на желбите и барањата на современиот посетител, вели Виолета Ангелковска, Генерален менаџер на Хотел Руссија.
Почна да се гради и познатиот Хилтон, но проектот е во мирување, а датумот на отварање ќе биде одложен.
Во 2013 та година во скопската населба Аеродром, почна со градба и познатиот бренд “Хилтон” кој потпиша договор за франшиза со “Стоун бриџ хотел” кој ќе гради хотел “Doible Tree by Hilton”. Новиот хотелски објект ќе се простира на површина од околу 25.000 метри квадратни, а ќе содржи 170 соби, четири конференциски сали, спа-центар, бизнис центар и центар за здравје и голем број други содржини. Инвестицијата за овој хотел изнесува 30 милиони евра, а инвеститор е познатиот турски бизнисмен Ајдован Адемовски. По завршување на изградбата на хотелот во него ќе се отворат и над 100 работни места што и дава дополнителна вредност на оваа инвестиција.
Струга конкурира со х. Дрим и со луксузниот „Изгрев“.
-Се работи за хотел со 5 ѕвезди, над 200 соби, со огромен аква парк и конгресна сала, спа центар, со сите можни содржини. Хотелот Изгрев е бисер на Балканот. Воведивме професионализам што сметам дека ќе се одрази на состојбата во туризмот. Со гордост можеме да кажеме дека воведуваме професионализам во делот на хотелиерството, ја збогатуваме понудата за Македонија како туристичка дестинација, додаваме нови содржини, таргетираме туристи кои што сме ги немале досега, значи тоа се туристи кои бараат повеќе содржини, бараат “All inclusive“, аква паркови, затворени спа центри, семејни луѓе. Инвестицијата е на Фибула и Фибула Анталија, кој што веќе е бренд и кој што има свој хотел во Турција, кој што има искуство во менаџирањето на вакви хотелски комплекси и сигурен сум дека хотел Изгрев ќе почне да функционира во најубаво светло, вели првиот човек на Фибула Ер Травел, Асим Меџедовиќ.
Како до ѕвездички?
Категоризацијата на хотелите е определена со Правилникот од 2013-та година, изготвен во согласност со критериумите на Европската асоцијација на хотелиери. Ѕвездичките ги доделува комисија составена од повеќе министерства, угостители, претставници на локалните власти. Решението е со важност од три години, период за кој хотелиерите се под будното око на Државниот пазарен инспекторат.
Континуиран раст на бројот на туристи.
Последните податоци на Државниот завод за статистика, покажуваат дека бројот на туристи во 2015-та година пораснал за 10,9% во споредба со претходната 2014-та година. Кај домашните туристи има зголемување за 6,5%, а кај странските раст за 14,2%.
Според податоците на ДЗС, бројот на туристите во декември 2015 година изнесува 40.333, а бројот на ноќевањата изнесува 77.423. Во декември 2015-та, во однос на декември 2014-та година, бројот на туристи е зголемен за 24,4%, додека бројот на ноќевањата е зголемен за 19,7%.
Бројот на домашните туристи во декември 2015 година е зголемен за 33,2%, додека бројот на странските туристи е зголемен за 18,9%. Бројот на ноќевањата на домашните туристи во истиот период е зголемен за 27,3%, а бројот на ноќевањата на странските туристи е зголемен за 14%.
Скопје- атрактивна дестинација
Според податоците на ДЗС за декември 2015-та, половина од странските туристи кои дошле во Македонија го посетиле Скопје, а во просек се задржувале по два дена, најчесто во хотели со четири ѕвезди. Најчести странски гости во земјава се туристите од соседството, односно од Бугарија, Грција, Србија, Турција, Косово и Албанија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа