Сашко Димевски: Македонското новинарство од состојба премина во дијагноза
Договор за реформа на медиумската сфера меѓу париите ќе има, верува новинарот Сашко Димевски. Тој во интервју за Прес24, оценува дека најсоодветно решение кое треба да произлезе од преговорите е партиите да бидат што подалеку од уредувачката политика на медиумите.
-Затоа за мене како новинар клучно е партиите да ги тргнат рацете од медиумите, да ги остават слободно да дишат. Да не треперат пред партиските апаратчици на раководни функции, да стравуваат за својата иднина доколку напишаното или кажаното не му се допаднало на некој моќник, политичар, сопственикот на медиумот, вели Димевски во интервјуто за Прес24.
Димевски, кој долги години е дел од македонското новинарство, сега во државната агенција МИА, претходно како новинар во Вечер, Утрински и 12 години во Дојче Веле, смета дека сегашното новинарство е најмногу исполитизирано, потенцирајќи дека и најобичната вест има обоеност на политика
-Медиумите, посебно државните, треба да бидат отворени за сите подеднакво, на сите да им дадат еднаква шанса, без разлика дали станува збор за партии, здруженија, организации или поединци. Затоа што станува збор за јавен интерес. Веста, информацијата, идејата треба да стигне до сите и на начин на кој била кажана, додека коментарите и воведниците се работа на уредниците, и преку нив нека се цени политичката профилираност на медиумот, факт што никој не го спори.....Кај нас сега сето тоа е ставено во еден кош. Кај нас дури и обичната новинарска вест се обојува со политика. Жално е, ама е така, вели Димевски за Прес24.
Таргет интерес на Димевски е надворешната политика и безбедносните прашања, кои се дел и од неговата научно-образовна подготовка. Од тој аспект, тој оценува дека за Македонија осбено важно е да знае во кој правец Европа планира да ја насочува разрешнициата на бегалската крза. Вели дека има многу прашања кои оваа криза ја прават сериозен предизвик за државата.
-Во овој момент сериозен проблем претставува тоа што ние како граѓани и медиуми многу малку знаеме за плановите на ЕУ за менаџирање на кризата со распоредување на бегалците низ европските земји, но и за тоа што Владата и државното раководство преговараат, договараат или одбиваат да го сторат. Светските тикери секојдневно информираат дека Европа е веќе полна или е при крај да ги пополни своите капацитети за прифат на нови бегалци, дека се потребни нови „играчи“, се зборува за нови бедеми и чувари на границите на Шенеген, ама никој, барем во Македонија, официјално не кажува што тоа конкретно значи за нас како обврска. Колку луѓе треба Македонија да прими (ако воопшто прими), каде ќе бидат сместени, во еден или повеќе кампови или центри, каде ќе се градат и кој ќе се грижи за мигрантите - македонската Влада или УНХЦР, ОН, ЕУ, ИОМ..., Колку тоа ќе чини и кој ќе го плати. Сето ова се дилеми за кои барем засега немаме јасен одговор, вели Димевски.
Сирискиот конфликт пак може доплнително да се искомплицира, доколку продолжи мешањето на надворешните сили.
-Доколку турската официјална политика ( претседателот Реџеп Таип Ердоган и премиерот Ахмет Давутоглу) продолжи со своето отворено мешање во внатрешните работи на Сирија, преку секојдневни гранатирања на курдските села долж северната сириска граница, но и ако продолжат конвоите со шверцувана евтина сириска нафта кон Турција за што веќе неколку месеци е обвинувана од руска страна, тогаш нема да биде исклучен и некој посериозен регионален судир, во кој бројката на инволвирани земји и користено оружје драматично ќе се зголемат. И тогаш тоа нема да биде уште една руско-турска војна, туку сериозна регионална војна со импакт врз поширокиот регион, вели новинарот, Сашко Димевски во интервјуто за Прес24.
ПРЕС24: Политичките партии и посредникот Питер Ванхојте се уште не успеваат да го затворат пакетот за медиумските реформи, обврска од договорот од Пржино. Како, Вие како новинар, гледате на овие преговори. Дали е можен договор за ова прашање?
ДИМЕВСКИ : Договор мора да има. И ќе го има за многу кусо време. Без разлика што сега тоа ни изгледа многу далечно, блокирано, дијаметрално спротивставено.... Договор ќе има не затоа што тоа го сакаат сите учесници во овој мачен преговарачки процес, туку затоа што мора да испорачаат некакво решение на евидентниот проблем. Тоа им е обврска, тоа е услов за земјата, и од извештајот на Прибе, но и од договорот од Пржино. Едноставно, тоа е императив за сите политички партии учеснички во овој преговарачки процес и од него никој не смее да ескивира. Може уште малку да се премислуваат и одолговлекуваат , ама на крајот ќе мора да потпишат.
Следејќи ги преговорите од дистанца, а и како што секојдневно гледам од телевизиите, реформите во медиумската сфера се покажаа како можеби најболната тема или точка на сопнување за партиите. Некој треба да се откаже од нешто, за другиот да добие малку или власта треба да се согласи и опозицијата да добие простор во јавниот сервис, во државните медиуми, во регулацијата на јавната сфера. Впечатокот кај многумина мои колеги, но и мој, е дека најголемата партија на власт е подготвена да се откаже од се во овие преговори или да се согласи со се што е на маса, ама од влијанието во медиумите никако.
А за што всушност станува збор? За што се преговара? Се преговара за моќ, за влијание, за дистрибуција на пари, за контрола.... Власта не сака да го загуби своето евидентно влијание, па и чувство на поседување на медиумите, наспроти стандардите или потребата од едно професионално, што значи избалансирано и коректно известување на јавноста. За нешто што со децении и векови е spiritus movens во медиумите во секоја нормална демократска земја. За нешто што го имаше и во Македонија до пред десетина години. Е заради тоа се вкопани во бусии, со завиткани ракави, се тепаат и вербално и под маса, се навредуваат и закануваат, спинуваат и отворено лажат. Се надмудруваат за можноста дали секој треба да добие еднаков третман или шанса да го каже тоа што го мисли, да спротивстави став и за тоа да не биде нагрден, навреден или омаловажен. Медиумите, посебно државните, треба да бидат отворени за сите подеднакво, на сите да им дадат еднаква шанса, без разлика дали станува збор за партии, здруженија, организации или поединци. Затоа што станува збор за јавен интерес. Веста, информацијата, идејата треба да стигне до сите и на начин на кој била кажана, додека коментарите и воведниците се работа на уредниците, и преку нив нека се цени политичката профилираност на медиумот, факт што никој не го спори.....Кај нас сега сето тоа е ставено во еден кош. Кај нас дури и обичната новинарска вест се обојува со политика. Жално е, ама е така.
ПРЕС24: Како и за многу други прашања, од други општествени сфери и за новинарството преговараат политички партии наместо фелата. Дали со закон, или измени на закони може да се регулира новинарството во Македонија?
ДИМЕВСКИ : Веќе три години имаме закон за медиуми, со како што велат европско знаменце, а Македонија и натаму е под 120-то место во светот според слободата на медиумите, измерено од „Freedom House“. Не е добро, секако, партии да преговараат и договараат нешто за што новинарите се поупатени од нив и што директно ги засега. Но, како и за многу други работи за кои постојано има „но“, така и овде на крајот се ќе се сведе на пазар. Како беше можно новинарите во изминатите 60 години да работат добро само според општите законски одредби и да немаат никакви проблеми, а сега мора да се ставаат во рамки и тоа строго контролирани од центрите на моќ. Затоа за мене како новинар клучно е партиите да ги тргнат рацете од медиумите, да ги остават слободно да дишат. Да не треперат пред партиските апаратчици на раководни функции, да стравуваат за својата иднина доколку напишаното или кажаното не му се допаднало на некој моќник, политичар, сопственикот на медиумот.... Партиите мора да ги остават медиумите, пред се, уредувачките колегиуми сами да ја креираат политиката на медиумот, без разлика каква е таа, и да престанат со праксата тоа да го прават од еден центар на моќ. Знам дека ова на многумина ќе им прозвучи наивно, но тоа, за мене, е барем некаков скромен почеток од кој некогаш ќе мора да тргнеме доколку сакаме да си ја повратиме професијата. Ние самите, еснафот, да ги креираме и полниме дневните агенди, со теми од животот, проблеми, убави нешта, со извештаи и коментари , па и афери и скандали, кога навистина ги има, а не тоа да го прават портпаролите или пи-ар експертите на политичките структури.
Зошто инаку партиските преговарачки тимови се уште одолговлекуваат за тоа како да изгледа реформата на Агенцијата за аудио, аудиовизуелни и медиумски услуги, на МРТВ и на МИА. Канџите на политиката треба да се тргнат од медиумите. Доколку се сакаат вистински промени. Примери има колку сакате, пред се, во западните земји, со тимови од кредибилни авторитети од медиумската сфера и новинарските здруженија кои, верувајте, ќе знаат како да го уредат и менаџираат медиумскиот пазар, барем во делот каде се трошат јавните пари, а потоа самиот пазар ќе ги регулира и останатите медиуми.
ПРЕС24: Долго време сте во новинарството со искуство од неколку редакции. Кога би се анализирал развојот на новинарството изминативе триесетина години, како Вие би го дефинирале?
ДИМЕВСКИ : Не треба да сте многу аналитичен за да забележите каква е ситуацијата во новинарството сега, а каква беше пред една, две или три децении, и какви се актуелните тенденции. Ова што ни се случува во последните неколку години, верувам дека никој не можеше да го предвиди ниту во најлошиот сон. Буквално девастирани и обезличени медиуми, и тоа медиуми кои во минатото значеа нешто во македонскиот медиумски простор, медиуми кои зрачеа со квалитет како новинарски така и продукциски. Искрено, можеме ли сега да зборуваме за такво нешто. Понатаму, за да се стекне слика за ситуацијата треба да се каже дека во сегашното милје ние зборуваме за затворени новинари, десетици и десетици кривични пријави и тужби за клевети, унифицирани известувања, забранети луѓе на одредени медиуми, строго забранети теми, недостиг од дуели, јавни дебати... Сето ова е само мал дел од нималку поволната медиумска слика. Да не го споменувам фактот дека медиумите ја загубија релевантноста, кредибилноста, довербата кај слушателите, читателите и гледачите. Весниците имаат се помали тиражи, а телевизиите се помала гледаност. Тоа е така буквално кај сите.. Од медиуми и новинари се претворија во пропагандисти, навивачи, џелати. Се се претвори во борба за пари, за многу пари од медумскиот колач од над 20-25 милиони евра годишно, за добивање на наклонетоста на некој политички центар, слободен пристап кон политичарите или што е уште полошо, политичарот да има право секогаш и секаде да си повикува новинари за некоја своја агенда, нарачани прашања и напишани одговори ...Како може да зборуваме за состојба кога ние како новинари секојдневно се делиме за секое и помалку битно прашање. Имаме две здруженија на новинари, еве сега се подговува и втор синдикат на новинари, веќе имаме поделби на прорежимски и проопозициски медиуми, на измеќари и странски предавници, на соросоидни или провладини платеници. Има ли трети? Има ли новинари? Има, и тоа ги има многу. Е, како тие поминуваат кога ќе кажат дека не се ни со едните, ни со другите, тоа е веќе друго прашање. Тоа веќе не е состојба, тоа е дијагноза.
А беше многу, многу поинаку. Без никаков страв од реперкусии се пишуваше за се што беше актуелно во новоформираната повеќепартиска демократска република, за големите теми - од мноштвото проблеми за ескпертската Влада на тогашниот премиер, Никола Кљусев, за коалицирањата, за ембаргото врз земјата, но и за тоа како во рацете на дузина тогашни политичари и директори за евтини пари завршија првите јапонски возила „Тојота“, што беа увезени во земјата , за партиските и безбедносни афери што во тоа време ги отворија тогаш младите новинари од МРТВ ..... И, морам да потенцирам, сето тоа имаше голем одек во јавноста. Никој од новинарите не беше повикан на одговорност за напишаното или емитуваното, немаше казни, закани или бркање од работа затоа што секогаш беше поткрепено со докази, изјави, документи. Но тоа беше така затоа што имавме уредувачки колегиуми од луѓе со интегритет и кредибилитет, кои не можеа така лесно да се заплашат, или не дај боже да се излажат, а тоа за нас во тоа време плејада млади новинари беше само ветер во грбот. Можете ли сега да го замислите таквото новинарство во медиумите во Македонија. Од погоре кажаното можам само да констатирам дека во македонското новинарство во моментов во сила е еден ретрограден процес на унификација и на евтин клиентелизам.
ПРЕС24: Кој има поголема вина за состојбите во новинарството. Политиката, новинарите или сопствениците?
ДИМЕВСКИ : Политиката отсекогаш сакала да има влијание врз медиумите. Тоа е некако природниот порив на секој политичар, да ги има медиумите и новинарите под свое или барем крај себе. Од квалитетот на материјалот од кој се направени новинарите, а, пред се, сопствениците на медиумите, зависи колку политичарите ќе бидат успешни во своите намисли, колку ќе им се дозволи да се мешаат во уредувачката политика. Според мое скромно мислење со плурализацијата на земјата најголем проблем за македонските медиуми стана тоа што нивните сопственици, барем во најголемиот број, се дел или сакаат да бидат дел од македонската политика. Па така за сопственици на медиуми имавме и се уште имаме лидери на политички партии или нивните деца, бизнисмени со тесни врски во политиката и отворена желба да земат дел од богатиот државен медумски колач. Ретките исклучоци во кои новинарите станаа газди на медиуми, и покрај првичните успеси на пазарот, не го издржаа тестот на времето и нивните медиуми мораа да бидат продадени.
Кога таквите сопственичко лукративни мотиви Ве водат во креирање на политиката на медиумиот, тогаш за новинарите и уредниците останува многу мал простор за работа, докажување и, за жал, држење до принципи и стандарди во професијата. Доаѓање до двете страни во креирањето на новинарскиот производ, или обезбедувањето трета експертска страна, каков што е принципот на работа на странските медиуми, кај нас веќе е мислена именка. Македонското новинарство се сведе на синтагмата - земи или остави. Или преведено, или играш по мои ноти или испаѓаш.
Знам дека многумина можат да кажат – е лесно е да се зборува за други, да се критикува работата на колегите, особено кога во најголем дел од случаите сите работат за таа скромна новинарска плата. Но, веќе споменав, има мал број поинакви примери за кои вреди да се каже -да јас сум новинар и знам што е вистинско новинарство.
ПРЕС24: Надворешната политика Ви е таргет на интерес, а безбедносните прашања дел од Вашата научно-образовна подготовка. Бегалската криза е прашање кое веројатно оваа 2016 година ќе биде најголемиот предизвик за Македонија. Логичното прашање е дали таа кризна може да стане безбедносно прашање за регионот?
ДИМЕВСКИ : Бегалската криза веќе една година тоа и е, и безбедносно и хуманитарно прашање, со силни економски, социјални и правни импликации врз нашиот регион, за добар дел од Југоисточна Европа, но исто така и за огромен дел од остатокот на Европа. Македонија досега оваа криза не ја чувствуваше како реална безбедносна закана, иако низ неа само лани минаа неколку стотици илјади мигранти и бегалци. Ние не бевме таргетот, не бевме ветената земја. Не сме ни сега, иако другите сметаат дека треба поактивно да се вклучиме во зачувувањето на единствената политика на ЕУ.
За мене во овој момент сериозен проблем претставува тоа што ние како граѓани и медиуми многу малку знаеме за плановите на ЕУ за менаџирање на кризата со распоредување на бегалците низ европските земји, но и за тоа што Владата и државното раководство преговараат, договараат или одбиваат да го сторат. Светските тикери секојдневно информираат дека Европа е веќе полна или е при крај да ги пополни своите капацитети за прифат на нови бегалци, дека се потребни нови „играчи“, се зборува за нови бедеми и чувари на границите на Шенеген, ама никој, барем во Македонија, официјално не кажува што тоа конкретно значи за нас како обврска. Колку луѓе треба Македонија да прими (ако воопшто прими), каде ќе бидат сместени, во еден или повеќе кампови или центри, каде ќе се градат и кој ќе се грижи за мигрантите - македонската Влада или УНХЦР, ОН, ЕУ, ИОМ..., Колку тоа ќе чини и кој ќе го плати. Сето ова се дилеми за кои барем засега немаме јасен одговор.
Од сето тоа ние само знаеме дека ЕУ веќе ни додели 10 милиони евра за менаџирање на новиот доток на мигранти, дека истата таа ЕУ има сериозни планови со нас и соседна Србија за, би рекол, „тампонирање“ на оние бегалци што нема да успеат да дојдат до ветените земји во Европа, дека се користат флоскули од типот „Македонија нема да биде паркинг простор за бегалците“...И толку. Официјален став нема и медиумите во моментов само срамежливо навестуваат и нагаѓаат за нешто што најверојатно ќе биде нов силен бегалски бран што треба да го очекуваме за месец до два.
Навистина станува збор за еден огромен хуманитарен проблем, па и ние заедно со соседството, треба и мора на адекватен начин да одговориме на него, но нам како јавност потребно ни е оваа операција да се игра со отворени карти, а не под маса. Граѓаните треба да знаат што ги очекува.
ПРЕС24: Сосема јасно е дека Европската Унија ги поместува границите, со тоа што граничната линија Македонија-Грција веројатно ќе биде првата брана за транзитот на бегалците кон Европа. Македонија таа гранична линија сама нема да може да ја држи во целосна контрола и затоа веројатно ќе добие поддршка од Брисел. Но, клучното прашање е дали Грција ќе помага, или ќе одмага во функционалноста на овој прв „чек поинт Чарли“ за Бегалците?
ДИМЕВСКИ: И Грците досега беа во слична позиција како нас и сите земји од Балканот. Беа транзитот, а не крајната цел. Но, не треба да се заборави дека кај нив има сериозни проблеми со префрлањето од турска територија до островите во Егејско Море и потоа од таму до копното. За нецела една година само во водите на Егејско Море згаснаа неколку стотици животи на бегалци, најмногу жени и деца. Сето тоа се сериозни трауми и проблеми за менаџирањето... И во тој дел треба да се има разбирање за Грција. Згора на тоа, се слуша дека од грчката Влада веќе отворено се бара да изградат камп за 400.000 бегалци. Затоа со право се поставува прашањето дали Грција, со сите свои внатрешни проблеми, ќе може и дали ќе сака да соработува со Фронтекс на новата граница на ЕУ, кај Гевгелија. Алармот не бадијала беше вклучен кај многу европски земји, кои побрзаа да испратат свои полициски и експертски тимови на македонско-грчката граница. Знаат дека најголемиот удар, товар, проблеми ќе ги има токму тука. Од тие причини, верувам дека грчките власти ќе направат се кај нив да останат што помалку бегалци, а товарот на издржување да го преземат земјите северно од неа.
ПРЕС24: Можно ли е растурање на шенген системот и враќање на границите во Европа?
ДИМЕВСКИ: Ако се суди според нефункционалноста на Грција во однос на менаџирањето на протокот на бегалци, тоа секако може да се сфати како веројатна солуција. Сериозни се и заканите што доаѓаат од пет-шест земји кои бараат повторно, засега само привремено воведување на граничните контроли, опасност е и најавата за напуштањето или добивањето специјален статус во ЕУ за Велика Британија... Значи проблеми има и тие во моментов се сериозни. Но, јас не верувам дека ЕУ ќе дозволи да дојде до едно такво радикално решение за систем што се подготувал и разработувал со децении. Европа има многу вложено во еден ваков систем на вредности, за така лесно да се откаже од него. Иако од неколку страни и земји стигнаа најави дека се планира неколкумесечно откажување од принципите на отворени граници на ЕУ, сепак, мислам дека бриселската администрација ги има одговорите за приемот, прифатот и постепеното инкорпорирање на овие несреќни луѓе во нивниот систем.
ПРЕС24: Второто прашање што станува предизвик за овој регион е растот на радикалниот исламски фундаментализам. Многу светски безбедносни структури предупредуваат за ќелии на ИСИЛ на Балканот. Дали државите во регионот сериозно посветуваат внимание на ова прашање и дали имаат капацитети соодветно да одговорат?
ДИМЕВСКИ: Сите европски безбедносни служби во моментов сериозно работат на ова прашање. Токму кај нас се состанаа директорите на полициите од регионот за зголемување на контролата при проверките на бегалците, особено по терористичките напади во Париз. Факт е дека припадници на Исламска држава (ИСИЛ) доаѓаат кон Европа, факт е дека веќе ги има и во регионот. Тоа го покажуваат примерите од нашето соседство каде во изминатите неколку месеци беа уапсени повеќе групи и поединци кои се бореле во редовите на Исламска држава во Сирија. Во соседно Косово беа уапсени повеќе од 40-тина припадници на ИД и нивните локални поддржувачи, најмногу оџи. Во Турција имаше неколку разбиени групи и тоа во моменти пред да изведат напади врз однапред утврдени цели. Слично беше и во БиХ, каде под постојан безбедносен надзор има цели села со вакви радикализирани лица. За жал, факт е и дека во БиХ, како и во Франција и Турција, веќе имаше неколку терористички напади, со многу жртви, изведени од лица кои биле членови на овие радикални џихадистички групи. Дали напорите и капацитетите на безбедносните служби за спречување на префрлањето на терористичките напади на европско тло се доволни не можам да кажам. Несигурноста и стравот од нови напади од овие „новодојденци“ веќе се вгнездени во свеста на жителите на Стариот континент. Хистеријата кај обичните луѓе и бесот на државата при терористичките напади во Париз, убиството на младата медицинска сестра од Шведска, или реакцијата на јавноста по стотината напади со сексуална конотација за Нова година во Келн, се однесуваат токму на тој ст(р)ав на обичниот човек од Европа.
ПРЕС24: Колку во сирискиот конфликт, улогата на Турција, Русија, НАТО, САД... може да биде процес на решение на тој конфликт, а колку можност за негова ескалација до степен на некоја нова глобална војна?
ДИМЕВСКИ: Несомнено станува збор за сериозен глобален, стратешки, безбедносен, политички и особено хуманитарен проблем за меѓународната заедница. Неколкуте резолуции на Советот за безбедност на ОН за Сирија, двете неуспешни мировни конференции во Женева, како и стотиците билатерални и мултилатерални средби на претставниците на големите сили за надминување или завршување на граѓанската војна, веќе се покажа како недоволни за излез од кризата. Позициите на сите инволвирани во кризата се бетонирани. Сирискиот претседател Башар ал-Асад нема да ја предаде власта се додека ја има отворената поддршка од Русија, од Иран, но и од либанската шиитска милиција Хезболах, како и домашните сириски Курди. Од другата страна, пак, има една голема, но многу шаренолика групација на бунтовнички исламистички сили, фракции на Ал Каеда и особено од џихадисти на Исламска држава. Во таква една замрсена ситуација во и онака многу комплицираната етничка карта на Сирија, дополнително масло долеваат соседите, пред се, Турција, која отворено застана зад бунтовничките сили и се чини, има „посебни релации и коридори“ со одредени структури на северот од Сирија. Но, тука се и големите западни сили кои исто така отворено бараат Асад да си замине од власта, но тоа веќе не го бараат од него лично туку од неговиот политички и стратешки ментор, сојузник, пријател - рускиот претседател Владимир Путин.
Дека ситуацијата не е нималку лесна покажува веќе отвореното тропање со оружје меѓу Русија и Турција (читај НАТО) на турско-сириската граница, особено по соборувањето на рускиот авион минатата есен. Барањето на Турција за отпочнување копнена операција во Сирија, со акламативна поддршка од Саудиска Арабија и ОАЕ, наспроти руската закана, поддржана од Иран, дека ќе ги спржи сите странски војници што ќе влезат во Сирија, е доказ повеќе дека за некаков договор е многу рано да се зборува и дека посакуваниот мир или излез од кризата е се уште многу далеку.
Дури можам да кажам дека доколку турската официјална политика ( претседателот Реџеп Таип Ердоган и премиерот Ахмет Давутоглу) продолжи со своето отворено мешање во внатрешните работи на Сирија, преку секојдневни гранатирања на курдските села долж северната сириска граница, но и ако продолжат конвоите со шверцувана евтина сириска нафта кон Турција за што веќе неколку месеци е обвинувана од руска страна, тогаш нема да биде исклучен и некој посериозен регионален судир, во кој бројката на инволвирани земји и користено оружје драматично ќе се зголемат. И тогаш тоа нема да биде уште една руско-турска војна, туку сериозна регионална војна со импакт врз поширокиот регион.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа