НОВИ 1.000 ВРАБОТУВАЊА: Германска компанија инвестира во Демир Хисар

 

Германската компанија од текстилната индустрија STS Textiles денеска најави браунфилд инвестиција во Демир Хисар. Првичната инвестиција, во капацитетите на поранешна „Застава“ ќе изнесува 4 милиони евра, со отворање 150 работни места. Плановите на компанијата според сопственикот Маркус Туч, се бројот на вработени долгорочно да достигне 1000.

- Ние сме високо технолошка компанија од текстилната индустрија. Македонија е второто место каде ќе имаме производство. Посетивме неколку држави Холандија, Бугарија, Романија и Македонија, но по напорите што ги вложи македонскиот тим одлучивме да инвестираме тука, изјави Туч.

Тој најави регистрација на новата компанија во Македонија во текот на следната недела и почеток на активности за неколку месеци.

- Ќе почнеме со вработување на 150 лица, а во текот на наредните години ќе се вработат над илјада лица. Сакаме да  им понудиме на жителите во Демир Хисар и околината да се пријават за вработување, посочи Туч.

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски посочи дека STS TEXTILES е високо технолошка  компанија која лани од германскиот магазин Менаџер е прогласена за најиновативна компанија во оваа дејност во Германија.

Покрај директните, како што рече Пешевски, се очекуваат и индиректни вработувања во домашни фирми, а бенефит од инвестицијата на STS TEXTILES ќе бидат и новите технологии што ќе ги воведат како и развојот на демирхисарскиот регион и намалување на невработеноста.

На објавувањето на инвестицијата присуствуваа и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, министерот за странски инвестиции Џери Наумов, заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции Климент Шекеровски и градоначалникот на Демир Хисар, Љупчо Блажевски.

 
 
29.02.2016 - 14:13
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега