Реакција на МИОА на прес-коференцијата на Кирацовски

Министерството за информатичко општество и администрација денеска преку соопштение реагираше и се огради од како што велат оттаму невистинитите наводи искажани на партиските прес-конференции на дополнителниот заменик министер Александар Кирацовски во врска со испитите за инспектори, за чија реализација се користат службени простории, службени технички средства, службени е-маил адреси на Министерството.

Во него се додава дека не е точно дека Инспекцискиот совет одлучува за лиценцата за инспектори, затоа што согласно Законот за инспекциски надзор испитот за инспектор се полагал електронски, при што веднаш се објавувале резултатите од испитот.

– Инспекцискиот совет врз основа на резултатите од испитот ја издава лиценцата за инспектор. Кога е донесен законот во 2013 година никој не планирал дали ќе бидат одржувани избори во 2016 година. Согласно Законот за инспекциски надзор, а со цел за поголема стручност и квалитет во работата на инспекторите предвидено е тие да полагаат испит за да стекнат лиценца за инспектор. При тоа во согласност со законот, сите инспектори ќе имаат можност доколку не положат од прва, уште два пати да полагаат пред да настанат законските последици за неполагање на испитот. Со допис бр. 03-277/1 од 23.02.2016 година од страна на инспекцискиот совет, сите инспекторати се известени дека во првата испитна сесија има обезбедено 1200 термини за полагање, додека пак во втората и третата сесија обезбедени се по 240 термини за оние инспектори кои не положиле, се вели во соопштението.

Во него се додава дека за првата сесија за полагање на испит за инспектор,  која ќе се одржи на 17 март 2016 година, пристигнати се вкупно 1.020 апликации заклучно со вчерашниот ден.

– Тоа се апликации од 900-тини инспектори во Република Македонија и уште 120 други апликанти. Со тоа процесот за издавање лиценци за инспекторите е целосно заокружен и нема никаква потреба од одлагање. Министерството за информатичко општество и администрација во консултација со Инспекцискиот совет ги повикува сите медиуми непосредно да се уверат во транспарентноста на постапката за полагање на испитот, се посочува во реакцијата од МИОА.

Од Министерството посочуваат дека Правилникот за полагање на испитот е донесен на 8 февруари, кога дополнителниот заменик на министер го започнал четвртиот месец од својот мандат.

– Нека каже дополнителниот заменик на министер со што тој придонесе за да се направи поквалитетен текст на правилникот. Нека наведе дополнителниот заменик една активност која претходеше на полагањето, а за која тој придонел, а имаше многу. Се изготвуваа испитни прашања, се држеа обуки, се правеа програми за обуки и многу други активности чиј носител беше Инспекцискиот совет и самите инспекциски служби во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација, а со огромна помош и поддршка на УСАИД и професорите од правниот факултет, се истакнува во реакцијата од Министерството.

Крајно време е, посочуваат оттаму, дополнителниот заменик да разбере дека реформата на администрацијата не се прави со одложувања, со откажувања и со партиски прес конференции. Сите реформи се болни и тешки, велат, но кога ќе почнат, се оди храбро, без откажувања, одлагања, одење по линија на помал отпор.

– Кирацовски наводно се залага за деполитизација на администрацијата, но политизацијата во Министерството започна токму со неговото доаѓање и држењето партиски прес-конференции во рамките на институцијата, во која претходно никогаш такво нешто се нема случено, а за што можете да се уверите и со пристап до веб страната mioa.gov.mk, се вели во соопштението од МИОА.

 
 
03.03.2016 - 20:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега