Промовирана брошурата „ Мисли на пазар, не само на субвенции“

Земјоделците да мислат на сопственото производство и освојување нови пазари, а не само да се потпираат на државната финансиска помош преку субвенциите, е пораката што треба да им се пренесе на производителите преку брошурата „Мисли на пазар, не само на субвенции“ што ја промовира „Коалицијата за правични и транспаретни политики“ денеска во Струмица.

– Сакаме да укажеме на нашите земјоделски производители дека треба да го пресметаат целото производство, сите трошоци од агротехнички мерки до сите репроматеријали, семенски материјали, а не само на она што го дава државата, субвенциите. Последните пресметки покажуваат дека производството на домат чини 22 до 23 денари. Овие калкулации се направени врз цена на трошоци на 50 тони по хектар или 5 тони по декар, објаснува Ристо Велков, од Регионалниот синдикат на земјоделски производители.

Тој посочува, дека главен проблем на македонскиот аграр е стихијното производство. Земјоделците произведуваат сами по свое убедување, што е погрешно, додаде Велков.

– Земјоделците секоја реколта го произведуваат она што претходната поминало добро. Под добро подразбираме кога цената на продажба е до 20 отсто поголема од трошоците. Треба заедно со откупувачите, ресорните институции да седнеме на заедничка маса за да се организира производството. Нашите податоци покажуваат дека се намалуваат и обработените површини. Во 2013 година од 520 илјади хектари, обработени биле 350 илјади. Истовремено се зголемува и износот на пари за увоз на земјоделски прозиводи, вели Велков.

Проектот од јуни 2015 до јуни 2016 го спроведува УСАИД за граѓанско општество во соработка со Институтот Отворено општество Македонија, во соработка заедно со партнерските организации Агрокултура, Мрежа на млади фармери и Здружението на земјоделски производители Агросојуз.

– Целта е за подобрување на економска конкурентност преку јавно и транспарентно спроведување на земјоделските политики со фокус на пазарот, не на субвенциите. На крајот на проектот ќе потпишеме Платформа со околу 20 здруженија која ќе биде документ преку кој ќе ги браниме интересите на фармерите, рече Ивана Магловска, од Рурална коалиција, Куманово.

 
 
04.03.2016 - 12:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега