Повеќе жени во извршната власт и пари за родово сензитивни прашања

На десетгодишнината од носењето на Законот за еднакви можности на жените и мажите, собраниската Комисија одржа расправа на која беше потенцирано дека се потребни повеќе средства за родово сензитивни прашања и оти жените треба да бидат што повеќе вклучени во политиката со цел да се постигне стратегијата на ОН 50:50. Со последните измени на Изборниот законик, предвидено е 40 отсто од кандидатите на листата за пратеници или за советници да бидат жени. 

Пратеничките од сите пратенички групи, како и претставничките на женските невладини организација се согласија дека е потребно да се организира надзорна расправа во Собранието, која треба да покаже колку и како се имплементира Законот во изминатото десетлетие и што треба да се стори во иднина односно следниот парламентарен состав.

Бројот на жени во политиката од независноста до денес во континуитет се зголемува, констатира претседателката на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите Даниела Рангелова. Сега имаме 43 жени парламентарки, четири жени градоначалнички, како и 405 жени советнички. Рангелова, која е исто така претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, изрази надеж дека зголемувањето на квотата од 40 отсто жени на листите уште повеќе ќе зголеми нивниот број во политиката, но исто така и во извршната власт. Смета дека треба да се зголеми бројот на жените градоначалнички. 

- Денес не можам да се пофалам дека Клубот на пратенички функционира во Собранието. Тоа е можеби затоа што е таква политичката состојба во земјата, кога сите прашања кои се поврзани со жените се ставени под тепих заради политичките превирања кои постојат меѓу партиите во нашата држава. Апелирам како претседател на Комисијата и претседател на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ дека е време да почнеме да размислуваме во друга насока, значи политичките несогласувања и ривалството, а кога се работи за жената треба да бидеме единствени, истакна Рангелова.

Поранешната претседателка на Комисијата, пратеничката Лилјана Поповска рече комуникацијата и дебатата се најважни за постигнување договори во политиката, а оваа Комисија е пример за тоа.

Според Поповска, иако е направено многу во последните десет години потребна е поголема едукација, особено кај политичките субјекти, како и зголемување на средствата за родовите прашања.  

Во овие десет години, откако исто така постои и собраниската Комисија за еднакви можности, донесени и усвоени се многу документи поврзани со родовите сензитивни прашања.   

Како една од заслужните организации за носење на Законот за еднакви можности, но и за многу процеси кои придонесоа за зголемување на борјот на жените во политиката се посочу Македонското женско лоби. 

Извршната директорка на организацијата Даниела Димитриевска рече дека од денешен аспект овој Закон, иако неколку пати се менуваше, претставува основа и база за сите понатамошни делувања и законски интервенции а се во врска со родовите прашања. Овој закон, според Димитриевска, придонесе за згоелување на свесноста кај граѓаните за родовите политики на локално ниво.

- Овој закон е основа за сите стратегии и акциски планови што се донесени досега и е пример за заедништво. Со овој закон секогаш се наоѓале начини за надминување на различните иделогии и различните гледања и да дојдат до некое консензуално решение. Овој закон е пример за политичко делување во Собранието, рече Димитриевска.

Пратеничката од СДСМ Лилјана Сиљановска рече дека во изминатите десет години се направени многу работи за политичко јакнење на жените, но треба да се направат уште повеќе. - Во овој состав, иако сме кратко во Собранието, не успеавме да дадеме некој придонес и да ги надминеме политичките несогласувања, рече Сиљановска. 

Во 2006 година беше донесен првиот Закон за еднакви можности на жените и мажите во Македонија, а истата година беше формирана и собраниската комисија која ги третира родово сензитивните прашања.

 
 
04.03.2016 - 14:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега