Околу 1.500 групни и поединечни маски на карневалот „Прочка 2016“ во Прилеп

Во два карневалски дена, во сабота и недела на 12 и 13 март, околу 1.500 групни и поединечни маски ќе продефилираат во рамки на јубилејниот 15-ти меѓународен карневал „Прочка 2016“ во Прилеп.

Како што соопшти на денешната прес-конференција Снежана Ристеска, советник за култура при прилепската локална самоуправа Прилеп е подготвен за одржување на јубилејниот меѓународен карневал, пренесува МИА.

-Ние, од локалната самоуправа, како организатори, заедно со здружението „Мечкари“ сме горди на реномето што го има карневалот кај нас и надвор од земјава. На карневалските денови, в петок од 12 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков“ им претходи традиционалната изложба на маски што ги прават учениците од основните и средните училишта. Годинава ја реализираме долгогодишната идеја, в сабота, посебно да биде дефилето на детските маски. Парадата на карневалските учесници до 12 години ќе почне од основното училиште „Кочо Рацин“ во центарот на градот. Како придружни настани се: куклена претстава, маѓионичари, жонглери, акробатска претстава на плоштадот „Методија Андонов-Ченто“ и сето тоа да заврши со заедничка забава, појасни Ристеска.

Главен настан е карневалското дефиле, в недела, од 13 часот, во центарот на Прилеп. Со бројни поединечни и групни маски ќе се претстават домашните и странските учесници.

-Очекуваме над 1.500 учесници во групните маски. Освен од Прилеп и повеќе градови од Македонија, имаме најавено учесници од Србија, Хрватска, од Словенија, Грција, од Албанија, Бугарија и од Италија, изјави Ристеска.

Во недела од 19 часот во Центарот за култура ќе има ретроспективна визуелна изложба на спомени за досегашните карневалски случувања низ годините, како и промоција на монографија за Карневалот.

Се очекува на карневалските свечености да присуствува и претседателот на карневалската асоцијација на европските градови, Ван дер Крон.

Од 21 часот, в недела, во хотелот „Липа“ е заедничката карневалска забава со наградените маски од годинашниов меѓународен карневал.

Според градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески карневалот е одраз на вековната традиција на маскирање за верскиот празник „Велики Поклади-Прочка“ и со долгата традиција на Мечкарите, како заштитна маска на карневалот.

-Традициите се вековни, а Прилеп организирано го прави карневалот 15 години, од кои последните десет како членка на Европските карневалски гардови. Ќе имаме многу маски-учесници од земјава, Балканот, од Европа. Угостителските објекти и хителите се веќе организирани, резервирани се капацитетите за гостите. Советот на општина Прилеп, со одлука, за два часа го продолжи работното време на угостителските објекти. На граѓаните и на гостите им останува со себе да понесат само добро расположение и карневалска маска, вели Ристески.

Според процените на организаторите, локалната самоуправа и здружението „Мечкари“ за време на карневалските денови се очекуваат околу 15 000 посетители.

 
 
09.03.2016 - 14:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега