Продолжува растот на пазарот на недвижности: Цената стабилна, продажбата во нагорна линија

 

Продолжува трендот на раст на пазарот на недвижности. Во нагорна линија оди и изградбата и продажбата на станови, пишува Лидер.мк. Експертите велат дека понудата и интересот за купување на станови, но и на градежно земјиште за изградба на куќи ќе продолжи да расте и оваа година, особено ако се земе предвид големиот интерес на граѓаните за проектите на владата „Купи куќа, купи стан“ и „Купи куќа за млади“.

Според последните податоци на Државниот завод за статистика, просечната цена на 1 м2 станбена површина во 2015-та изнесуваше 46.085 денари, што е за 0,9% помалку во однос на 2014-та. Во Скопје, просечната цена на 1м2 во истиот изнесуваше 52.916 денари што е за 1,8% помалку во споредба со 2014-та година, додека во останатите населени места во државата таа изнесуваше 33.243 денари, што е за 0,8% помалку во споредба со претходната година.

Цените на становите остануваат стабилни

Во вториот квартал од 2015-та, цената на становите на ниво на Република Македонија е намалена за 2,7% во однос на првото полугодие, а во Скопје, пак намалувањето изнесува 1,5%. Од ДЗС велат дека наведените просечни цени на 1 м2 станбена површина се без Данок на додадена вредност.

Од друга страна, анализата на пазарот на недвижности што ја направи консултантската компанија „Фортон“ покажува дека во последните шест месеци минатата година понудата на станови е зголемена за 9%, а продажбата за 10%.

„Податоците покажуваат продолжување на претходно регистрираните трендови на пазарот на станови. Просечните пазарни цени остануваат стабилни на нето 979 евра за квадратен метар, што е просек за сите општини на територијата на Скопје и најверојатно ќе останат стабилни и оваа година, особено ако се имаат предвид трендовите на каматните стапки на депозитите и движењата на приносите на другите облици на инвестирање, како разни хартии од вредност“, велат од „Фортон Македонија“.

Пазарот на деловен простор со раст од 13,3%

Истовремено, покажува анализата на „Фортон“, интензивирана е и изградбата на нови канцелариски објекти и на хотелски капацитети. Пазарот на деловен простор на име издадена површина, иако имаше забавена динамика во втората половина од годината, сепак на годишно ниво носи раст од 13,3% во споредба со 2014 година. Цените на закупнините на деловен простор останаа стабилни, движејќи се во распон од 11 до 15 евра како нето – вредност за метар квадратен.

Во наредниот период, според анализата на „Фортон“ се очекува зголемување на понудата на деловни згради од класа „А“. До крајот на 2017 година е предвидено зголемување на понудата на канцелариски простор за нови 32.400 метри квадратни.

И закупнините на дуќани во трговските центри останале стабилни во втората половина од 2015 година. Висината на закупнините на најдобрите локации во Скопје остана на нивото од 39 евра за метар квадратен. Примарните закупнини на главните пешачки зони се исти како и во претходниот период, движејќи се во распон од 26 до 30 евра за метар квадратен. Зголемен слободен простор за закупување е забележан во Градскиот трговски центар, за сметка на зголемената исполнетост на Ramstore Mall и Capitol Mall. Веќе во 2017 година се очекува дополнителна понуда на малопродажен простор со најавените отворања на Emporio Mall и Cevahir Sky City Mall.

Полесно со сопствен дом со „Купи куќа за млади“ и „Купи куќа, купи стан“

Пазарот на недвижности дополнително се раздвижува и преку проектите на владата „Купи куќа за млади“ и „Купи куќа, купи стан“. Интересот на граѓаните за овие проекти постојано расте, а доказ за тоа е и големата посетеност на караванот кој го организира Министерството за финансии.

Досега 7.640 локации во околу 50 општини се наменети за проектот „Купи куќа за млади“. Градоначалниците веќе понудиле парцели наменети за овој проект и ќе градат типски населби. Очекуваат бројката да расте, како и интересот од страна на граѓаните.

Преку првиот модел од овој проект, државата ја субвенционира ратата во период од 11 години. Во првите 8 години, поддршката изнесува 80 проценти од месечната рата, а во следните 3 години државата ќе покрие половина од ратата. Максималниот износ за кредитот е 50 илјади евра. Вториот модел од проектот е наменет за луѓето кои немаат пари за учество, но со своите приходи можат да ја покријат месечната рата. Во овој случај, државата целосно ќе го покрие учеството за станбениот кредит (25% од кредитот). Тоа значи дека за 50 илјади евра, поддршката изнесува 12.500 евра.

Истовремено, преку проектот „Купи куќа, купи стан“, околу 800 лица го решиле своето станбено прашање. Проектот е атрактивен, а тоа се должи на поволните каматни стапки и услови. Предвидени се два модела, првиот се однесува за ратата, вториот за учеството. Заштедите за граѓаните преку овие два проекти се огромни и надминуваат 30 илајди евра.

 

 
 
12.03.2016 - 10:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега