Пензионерите задоволни: Голема искористеност на бесплатниот железнички превоз
Заменик министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, претседателот на Сојузот на здруженија на пензионери Драги Аргировски и директорот на МЖ Транспорт Никола Костов денес со новиот воз патуваа од Скопје кон Велес афирмирајќи ја мерката за бесплатен железнички превоз за пензионери.
Спасов истакна дека проектот за бесплатен превоз во железничкиот сообраќај за еден викенд се реализира од јули 2014 година и е на барање на Сојузот, при што даденото ветување на пензионерите е остварено.
-До сега овој проект го искористија над 4.000 пензионери и самата искористеност на оваа мерка ја покажува важноста на проектот за бесплатен превоз во железничкиот сообраќај. Истиот го олеснува движењето на пензионерите, создава можности за нивна социјализација и го подобрува нивниот стандард бидејќи заштедуваат и средства за превоз. Денес се возиме во новиот воз на македонските пруги и ми претставува задоволство што голем број на пензионери го користат овој проект за бесплатен превоз во железничкиот сообраќај. Да потенцирам дека сите мажи над 64 години и сите жени над 62 години, имаат можност еден викенд, секој втор викенд во месецот да искористат бесплатен превоз во железничкиот сообраќај само со покажување на својата лична карта да добијат беспатен билет, посочи Спасов.
Претседателот на Сојузот на здруженија на пензионери ја поздрави оваа мерка истакнувајќи дека во сите досега спроведени мерки е подобрен стандардот на пензионерите, кои пак се многу задоволни.
-Ова денеска што го гледаме е уште еден потег многу позитивен кои што го прифатија скоро сите пензионери во Македонија посебно оние кои што имаат поврзаност со железничкиот сообраќај. Ова не само што наиде на добар прием кај пензионерите кои што имаат можност еднаш месечно да се возат со овој модерен воз туку и со нивните пријатели, бидејќи придонесува за нивно зближување, социјализација, размена на мисли, да бидат порасположени од држењето кое што ќе го имаат за време на патувањето. Владата ги реализира речиси сите заложби кои што ги имаме, сите проекти по наше барање, еве тие проекти продолжуваат и оваа година, нагласува Аргировски.
Директорот на Македонски железници Транспорт посочува дека со задоволство ја прифатиле акцијата од владината програма за бесплатен превоз како на младите така и на пензионерите, мерки кои според Костов, наидуваат на општо прифаќање и задоволство кај корисниците.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа