Димитриев: Над милион евра за нови инфраструктурни проекти во Крива Паланка
Над милион евра ќе бидат вложени во нови проекти за подобрување на патната инфраструктура во општина Крива Паланка. Меѓу другото е предвидена изградба на втор локален пат за пристап до манастирот „Св. Јоаким Осоговски“, како и изградба на локален пат во најнаселениот дел од селото Жидилово.
На поставувањето на камен темелникот за изградба на патиштата денеска присуствуваше премиерот за спроведување на изборите Емил Димитриев, општинското раководство и митрополитот кумановско-осоговски г. Јосиф.
Изградбата на патот што треба да ги поврзе селото Варовиште и манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ како алтернативен правец, во должина од два километри, ќе чини 17.700.000 денари, средства кои Општината ги обезбеди преку Владата. Толку ќе чини и изградбата на локалниот пат во село Жидилово кој ќе биде во должина од еден километар.
Димитриев истакна дека новите проекти се значајни за подобрување на животот на граѓаните и за развој на регионот. Со асфалтирањето на патот во Жидилово, како што рече, ќе се реши еден од главните потреби и барања на жителите.
- Патот, пак, кон манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ беше една од главните потреби на жителите на Варовиште и на посетителите на манастирот, наведе Димитриев, дополнувајќи дека како втор локален пат за поврзување на манастирот ќе го олесни пристапот на сите кои сакаат да го посетат.
За наредниот период Димитриев и кривопаланечкиот градоначалник Арсенчо Алексовски, најавија и проекти за изградба на канализациски мрежи со пречистителни станици во селата Мождивњак, Дурачка Река и Длабочица. Ќе се градат и патишта до локалитетот Калин Камен, што е значаен за развој на локалниот туризам, од црквата „Св. Теодор Пирон“ преку местото Кула до селото Деловодци и пат од село Конопница до Конопничка рампа.
- Силно фокусирани на решавањето на проблемите на граѓаните од Крива Паланка за кои редовно разговаравме при нашите посети на овој крај изминатиот период само за локални патишта и водоводни и канализациски системи во Крива Паланка и регионот Владата инвестираше околу три милиони евра. Инвестициите од три милиони евра значеа реализација на голем број проекти со кои трајно се решија сериозни проблеми на граѓаните од Крива Паланка и околните населени места, рече Димитриев.
Поддршката од Владата ќе продолжи и во наредниот период, а доказ за тоа, како што рече Димитриев се новите најавени проекти во вредност од над милион евра што ќе значат дополнително подобрување на условите за живот и економски развој на Крива Паланка.
При посетата на Крива Паланка Димитриев оствари средби со локалното население од кои беше информиран за нивните потреби и приоритети. Пред нив ги претстави плановите на Владата и на Општината за проектите што почнаа да се реализираат и што ќе стартуваат во иднина.
Меѓу жителите беа и професионални војници на кои неодамна им беше решен статусот со потпишување договор за вработување. Тие се интересираа за плановите за нивно распоредување на работни места. Димитриев ги информираше дека ќе бидат ангажирани на работа во судската полиција, затворските служби и во Министерството за одбрана. Распоредувањето ќе биде зависно од квалификациите на професионалните војници и согласно местото на живеење.
- Најголем дел ќе бидат распоредени во судска полиција и преку Управата за извршување санкции. Гледавме да бидат распоредени близу за да немаат трошоци при патување, рече Димитриев.
На средбата, пак, со младите во овој град беа поздравени владините мерки и проекти, а беше истакнат неодамна најавениот проект за изградба на затворен базен
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа