Кинески инвестициски бум во регионот: Пловен канал Белград-Скопје-Солун
Изградбата на пловниот канал Морава-Вардар повторно се актуелизира. На оваа тема деновиве разговараа српскиот претседател Томислав Николиќ со делегација на кинеската компанија "Bonn Project" и со претставниците на институтот " China Design Group". Кинеските партнери се сериозно заинтересирани за инфраструктурни проекти во Србија и регионот, бидејќи каналот Морава - Вардар како мега проект ќе обезбеди живот за многу генерации, пишува Вечер.
Како што пренесе Танјуг, Николиќ укажал дека проектот Морава - Вардар многу би помогнал во подигнувањето на степенот на заштита на Србија од поплави и други елементарни непогоди. Агенцијата исто така пренесува дека кинеската делегација за каналот разговарала и со македонските парнери.
Идејата за овој проект се возобнови пред три години кога кинеските експерти започнаа да анализираат и потврдија дека пловниот канал Белград-Скопје-Солун е исплатлив. Според тогашните прелиминарните резултати на кинеските експерти студијата пловниот канал Дунав-Морава-Вардар, покажала дека каналот ќе биде економски исплатлив. Според нив изградбата на овој мега проект на векот би чинела околу 17 милијарди долари. Каналот е предвидено да се протега на површина од 10.500 квадратни километри, а за неговата реализација ќе бидат потребни повеќе од десетина години.
Пловниот канал треба да ги спои Дунав, Морава и Вардар, а по него ќе треба да пловат бродови, ќе се реши наводнувањето на земјоделските површини, а ќе има и енергетски објекти за производство на струја.
Директорот на Републичката агенција за просторно планирање на Србија, Драган Дунчиќ тогаш посочи дека експертите од Кина подготвиле детални анализи.
Пловниот канал предвидено е да има излез на Егејското Море преку македонска територија и реката Вардар, а целиот проект, според досегашните најави, ќе биде од големо значење, како системите Рајна-Мајна-Дунав, Одра-Висла или Сена-Рона.
Проектот треба да биде мултифункционален и освен пловидбен систем на патници и стока ќе опфаќа и изградба на пет до седум хидроцентрали, ќе обезбеди заштита од поплави и ерозија, ќе овозможи наводнување на земјоделско земјиште и квалитетно водоснабдување на населението, како и развој на туризмот и наутиката.
Миодраг Јосиќ, кој беше државен секретар на Министерството за градежништво и урбанизам на Србија, укажа дека овој пловен канал целосно ќе го смени ликот на Србија, но и економската, политичката и геостратегиската положба на регионот.
Дел од македонските експерти сметаат дека оваа идеја која е стара повеќе од сто години во денешно време не е така исплатлива, бидејќи во услови кога сообраќајот е толку многу напреднат и развиен тешко дека некој ќе сака да користи поморски.
Целиот текст прочитајте го на Вечер.мк
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа