Пешевски: Земјоделството било, е и ќе биде наш фокус
Како Влада сме особено горди изминатиот период, а тоа е поради поддршката која им ја дадовме на земјоделците. Се сеќаваме дека земјоделците претходно беа буквално запоставена група, истакна Владимир Пешевски, вицепремиер и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
-Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за периодот 2006-2016 година намени вкупно 1 милијарда и 55 милиони евра за македонските земјоделци. Започнавме со 20 милиони евра во 2006, во 2010 година наменетите средства за субвенции достигнаа 100 милиони евра, за да во 2015 година сумата наменета за субвенции достигне 140 милиони евра, или 7 пати повеќе средства споредено со 2006 година. Повисоки субвенции од претходно во континуитет беа обезбедени за најважните земјоделски култури – тутунот, полјоделските култури, лозовите и овошните насади, градинарските култури, производството на млеко, овчарството, говедарството, свињарството и пчеларството. Истовремено, со дополнителни мерки во овој период се поддржаа градинарите, производителите на ориз, земјоделците кои претрпеа штети од поплави како и поддршка за винариите односно секторите што беа погодени со неповолните временски или пазарни околности, подвлече Пешевски.
Со Програмата за рурален развој, додаде тој, нашиот земјоделец имаше можност да ја обнови старата механизација, тракторот, шталата или да воведе наводнување капка по капка со дури половина од трошоците покриени од страна на државата.
-Во периодот 2008-2015 година од кога се спроведува оваа Програма: понудена е поддршка за инвестициите по принципот „50-50“ и набавени се 2.064 нови трактори, набавени се 7.682 парчиња друга земјоделска механизација, инсталирани се 85 ефикасни системи за наводнување „капка по капка“. Како резултат од континуираните субвенции и другите политики во корист на земјоделците извозот на земјоделските производи ја помина границата од половина милијарда евра и во 2014 година. Во 2014 година извезени се земјоделски производи во количинa од 626 милиони килограми што е зголемување од 2,74% во однос на 2013 година, а вредноста на извозот и понатаму е над половина милијарда евра. Во делот на дирекната финансиска поддршка на земјоделците имавме и проект за кредитната линија на Земјоделски кредитен дисконтен фонд, која се имплементира од 2003 година, заклучно со 31.01.2016 година, одобрени се вкупно 6.028 кредити во износ од 77,9 милиони евра. Поради големиот интерес за користење на оваа кредитната линија, во тек се активности за обезбедување дополнителни поволни средства за земјоделците преку дополнување со средства од меѓународни финансиски институции.
Потенцираше дека е овозможено и директно кредитирање на земјоделството и преработувачката индустрија преку Македонската банка за поддршка на развојот.
-Со зголемување на кредитниот потенцијал и докапитализација од 10,7 милиони евра, МБПР почнувајќи од 2012 година отпочна со директна кредитна поддршка на земјоделството под следните услови: максимален износ на кредитот до 300.000 евра рок на отплата до 1,5 години за обртни средства со вклучени до 3 месеци грејс-период и до 5 години за инвестиции со вклучени до 1 година грејс-период и фиксна годишна каматна стапка од 2%. Заклучно со 31.12.2015 година од оваа кредитна линија се одобрени 135 кредити во износ од 31,75 милиони евра. Преку ИПАРД Програмата, заклучно со 31.12.2015 година финансирани се вкупно 452 проекти со вкупна сума на државна поддршка од 6.405.979 евра. Дополнително од ИПАРД-средствата се поддржани 45 млади земјоделци со повисока поддршка на кофинансирање од државата од 55% Овозможена е Поддршка за приватниот сектор во реализација на инвестициски проекти. Преку ИПАРД-програмата се финансирани 283 проекти и со вредност од 4 милиони и 612 илјади евра за инвестициски проекти во примарното земјоделско производство. Финансиска поддршка преку ИПАРД е овозможена и за преработувачката индустрија и тоа 25 проекти во вредност 2 милиони и 827 илјади евра. Тука спаѓаат проекти за модернизација на преработувачки капацитети за овошје и зеленчук, проекти за модернизација на млекари и проекти за модернизација на откупни центри за овошје и зеленчук.
Пешевски потсети и дека продолжи поволната социјална политика за земјоделците.
-За посигурна старост на земјоделците, месечните придонеси за осигурување на земјоделците од 6.500 денари се намалени на околу 4.000 денари за регистрираните земјоделци, и на само 1.500 денари за земјоделците осигуреници во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Сега над 9.000 земјоделци се регистрирани по двете основи. Персоналниот данок за регистрираните земјоделци не се плаќа за приходи од земјоделска дејност до 300.000 денари, додека за приходи до 1.300.000 денари изнесува само 2%. Во 2012 година се започна со реализација на мерката за поддршка на започнување на земјоделски бизнис на млади земјоделци со обезбедување финансиски стимулации за реализација на предложениот бизнис-проект во висина до 10.000 евра. Досега се склучени договори за финансиска поддршка на 168 млади земјоделци во вкупна вредност од 1.470.000 евра.
Следен важен проект во делот на земјоделството, според Пешевски, е и земјишната политика.
-Државното земјиште е распределено на вистинските земјоделци. Во периодот од 2006 до 2015 година Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство има објавено 70 јавни огласи и 31 јавен повик за доделување на земјоделско земјиште во државна сопственост за закуп на целата територија на Република Македонија, при што доделена е вкупна површина од 62.000 хектари земјоделско земјиште во државна сопственост. За временскиот период 2006 до 2015 година склучено се 8.692 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост. Претходно пред 2006 година земјоделското земјиште беше распределувано на нетранспарентен начин што покажува дека биле склучени само 411 договори за закуп на земјиште, односно 20 пати помалку. Продолжуваме со политиката за распределба на земјоделско земјиште на вистинските земјоделци. И во 2016 година ќе се објавуват огласи за давање на земјоделско земјиште во државна сопственост под закуп на најмалку 5.000 хектари. Нашата цел е обработливата земја да дојде во рацете на оние кои навистина се занимаваат со земјоделие, односно вистинските земјоделци кои ќе обезбедуваат егзистенција со обработување на земјиштето. Во насока на успешни проекти поврзани со земјишната политика би го истакнал праведното регулирање на користењето на државното земјоделско земјиште без договори особено во Тиквешијата и на другите места низ државата, коешто беше децениски проблем. Склучени се договори за 3.706 хектари државно земјиште со 1.650 земјоделци кои претходно користеа државно земјиште со изминат договор или на друг нерегулиран начин.
Пешевски се осврна и на руралниот развој.
-Во насока на подобрување на квалитетот на живот во руралните средини, инвестирани се значителни средства во македонското село кои во следниот период како приоритетни инвестиции ќе продолжат да се зголемуваат. Согласно со Програмите за финансиска поддршка на руралниот развој, поддржани се вкупно 447 проекти, вклучени се и проектите кои се во тек со цел подобрување на квалитетот на животот во руралните средини како и зачувување и унапредување на традиционалните вредности во руралните подрачја, за што е дадена финансиска поддршка од вкупно 65 милиони евра. Со оваа програма изградени се стотици километри улички, атмосферска канализација во руралните средини, изградени се стотици километри водоводна и канализациона мрежа, изградени се десетици мостови, уредени се плотади и паркови, а сето тоа придонесува за подобрување на животот во руралните средини и влијае на тоа жителите да донесат одлука за да останат во своето родно место и таму да ја градат својата иднина. Земјоделството било, е и ќе биде наш фокус. Ќе ги помагаме земјоделците како и до сега, ќе ги стимулираме со субвенции, ќе помагаме во набавката на опрема и механизација, ќе доделуваме државни земјишта на вистинските земјоделци, ќе го помагаме развојот на селата и руралните средини. Само со сеопфатен пристап во кој земјоделството има важно место може да очекуваме да имаме постојан раст и развој на економијата. Ние како партија го криеравме тој пристап и со оглед на досегашните резултати ни следуваат уште подобри денови и поголеми успеси во годините што следат, потенцираше Пешевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа