Адеми: Работиме на осовременување на образованието во сите сфери
Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми учествува на Глобалниот образовен самит кој се одржува денеска и утре во Истанбул.
Адеми во своето обраќање, како што е наведено во соопштението од МОН, истакнал дека е неминовно образованието постојано да се модернизира и реформира.
– Денес, можеби побрзо од кога и да е, потребно е да се воведуваат новини во образованието. За да бидеме во тек со развојот на научната мисла, како Министерство за образование и наука и како Влада на Република Македонија, во континуитет работиме на осовременување на образованието и тоа во сите сфери, во основното, средното и високото. Воведените реформи во образовниот систем во нашата земја одговараат на потребите на пазарот на трудот, бидејќи како и на секоја држава и нам ни е потребен образован и стручен кадар, рече Адеми.
Тој зборувал и за дел од реформите кои се направени во образованието во Република Македонија.
Потенцирал дека во тек е изготвувањето нова „Стратегија за образование 2016 – 2020“, преку која ќе се зајакнат сите капацитети во воспитно-образовната политика на нашата земја. – Квалитетното образование овозможува градење на општество базирано на знаење и придонесува целиот овој систем да одговара на потребите на учениците, училиштето, на локалната заедница, бизнис секторот, на целото општествено опкружување, рече Адеми.
Осврнувајќи се на реформите во основното образование, потенцирал дека основците учат по Кембриџ програмите. – Една од најголемите реформи во основното образование е воведувањето наставни програми подготвени од Меѓународниот центар за наставни програми – Кембриџ, најголемиот светски провајдер на меѓународни образовни програми и квалификации за деца на возраст од пет до 19 години. Морам да нагласам дека Република Македонија е прва земја во регионот која воведе наставни програми по Кембриџ. Прво беа воведени од прво до трето одделение, потоа од четврто до шесто, од наредната година математика и предметите од областа на природните науки ќе се воведат во седмо, осмо и деветто одделение. Следен чекор е воведување на светски признатите наставни програми од областа на природните науки во средното образование, рече Адеми.
Пред присутните истакнал дека средното образование е задолжително и дека и во оваа сфера се воведуваат новини, со цел да биде европски усогласено и прилагодено на пазарот на труд.
Министерот за образование на Република Македонија се осврнал и на два капитални проекти кои се наменети за студентите – „Програмата за опремување на лаборатории на државните високообразовни установи и јавни научни установи“ и „Превод на 1000 стручни, научни книги и учебници од кои се учи на врвните, најдобрите и најреномираните универзитети во САД и Англија, а од областа на правото во Франција и Германија“.
На самитот присуствувал и претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа