Мисајловски: Преку една милијарда евра инвестиции во патната инфраструктура

 

 Преку една милијарда евра инвестиции во патна инфраструктура во земјата, над 20 милиони евра за изградба на 678 станови за ранливи категории граѓани, преку 12 милиони евра за изградба на водоводни и канализациски системи во 30 општини, како и спроведена легализација на 147.000 дивоизградени објекти и намалени комуналии за градба и цена од 1 евро за квадрат за државно неизградено земјиште, рече министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски во отчетот за сработеното од 2006 година во партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ.

- Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Никола Груевски во изминатиот период беше фокусирана на реализација на капитални инфраструктурни проекти се со цел да создадеме квалитетна транспортна мрежа и поквалитетен живот за граѓаните на Македонија. Од 2006 година кога ја добивме довербата од граѓаните започнавме активно да работиме на сите проекти кои ги имавме ветено или ги ветувавме во текот на изминатите години, рече Мисајловски.

Посочи дека досега се изградени и рехабилитирани 85 километри автопатска мрежа, инвестиција од 70 милиони евра, реконструирани се 55 магистрални и регионални патишта со вкупна должина од над 510 километри инвестиција од 93 милиони евра, инвестирани се 65 милиони евра во реконструкција на 404 локални патишта со вкупна должина од околу 750 километри, изградени и санирани се 12 мостови во вредност од пет милиони евра, осветлени се 38 клучки во вредност од 3,5 милиони евра и санирани се 17 свлечишта во вредност од четири милиони евра.

Мисајловски информира дека во тек е изградба и реконструкција на 142 километри автопат во вредност од околу 800 милиони евра, реконструкција на 13 регионални патишта со вкупна должина од 165 километри и инвестиција од 48 милиони евра, додека во наредниот период ќе се инвестираат 373 милиони евра за реконструкција на 11 регионални правци во должина од 200 километри.

- Покрај инвестиции во патната мрежа вложуваме над половина милион евра и во изградба на железница кон Бугарија и уште една пруга кон Грција. Во тек е изградба на пруга од Битола до Кременица во вредност од 19 милиони евра со средства од ИПА фондовите, а завршена е реконструкцијата на железничката станица во Скопје и отпочната е реконструкција на 10 железнички станици на Коридорот 10 во вредност од 4,5 милиони евра, рече Мисајловски.

Оваа Влада предводена од Никола Груевски, посочи Мисајловски, успеа да набави шест нови патнички возови и 150 нови товарни вагони, инвестиција од 40 милиони евра, а мерката  бесплатен превоз со воз за пензионери, млади до 27 години, студенти и ученици ја искористиле преку 185 илјади патници со што нивните семејства заштедиле вкупно 770 илјади евра.

Мисајловски нагласи дека во делот на авиосообраќајот со реконструкција на двата аеродрома во Скопје и Охрид и обезбедување нови 23 евтини летови до европски дестинации минатата година е остварена рекордна бројка од 1,5 милион патници. Тој најави дека од октомври во Македонија влегува и една од најдобрите светски авиокомпании „Катар ервејз“ која ќе лета на релација Скопје – Доха.

- Досега се инвестирани преку 12 милиони евра за изградба на 42 водоводни и канализациски системи во 30 општини, а во фаза на реализација се 24 проекти во 21 општина во вредност од 7 милиони евра. Инвестирани се 20 милиони евра за изградба на 678 станови за згрижување на ранливи категории на граѓани, а во тек е градба на една зграда во Македонски Брод со 10 станови и една зграда во Кочани со 43 станови. Годинава ќе започне и изградба на 163 станови, рече Мисајловски.

Потсети дека досега се легализирани околу 147 илјади дивоизградени објекти и изработено над 5.300 бесплатни елаборати за социјално ранливи граѓани. Исто така, во делот на градежната политика со најновата мерка се овозможува надградба на куќи во максимална висина од 10 метри и 20 сантиметри, бесплатни проекти за изградба на типски куќи, цена од 1 евро за квадрат за продажба на државно земјиште, намалени комуналии за 95 проценти за изградба на хотели, катни гаражи и откупно дистрибутивни центри, како и воспоставување електронски систем за издавање одобрение за градба.

За збогатување на туристичката понуда, Мисајловски посочи дека се изградени 14 километри пешачки патеки во вредност од два милиона евра, а уредени се 600 метри плажи на Дојранско Езеро и уште 600 метри плажи на Преспанско Езеро.

- Ова е отчетноста само за дел од тоа што сме го сработиле, како и најавите за нови инвестиции. Разликата е видлива. Ова е тоа што го работи ВМРО-ДПМНЕ за доброто на граѓаните и просперитет на Македонија, рече министерот Мисајловски. 

 
 
26.03.2016 - 14:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега