Советниците до Жерновски: Престанете со монструозниот однос кон најмладите, вратете го мирот кај наставниците и родителите кои се под притисок на вашите политички игри
Советничката група на ВМРО–ДПМНЕ во општина Центар чувствува одговорност пред јавноста да ја изнесе вистината за тоа, зошто во центарското основно училиште “Кирил и Методиј“ се уште не започнала да се гради училишна спортска сала, иако за истата Владата на Република Македонија изработи проект, обезбеди финансиски средства и избра градежна фирма изведувач на работите, која досега требаше да започне со работа, истакна Томислав Лазаров, координатор на советничка група на ВМРО-ДПМНЕ во општина Центар.
Во продолжение следува интегрален текст од прес-конференцијата на Лазаров.
Чувствуваме одговорност да ја изнесеме вистината, која вообичаено како и во многу други случаеви, градоначалникот и неговата прес служба ја сокриваат или извитоперуваат низ паушални, манипулативни соопштенија испратени до медиумите.
Апсолутно неточно е, како што тврди општината, дека градоначалникот го има потпишано договорот со кој се регулираат правата и обврските на Министерството за образование и наука и општина Центар околу изградбата на салата, кој уште на 20.1.2016 година министерството го достави до локалната самоуправа.
Ова е последниот документ кој, на 17.3.2016 година општина Центар го испраќа до Министерството за образование и наука, а со кој, ја прекинува постапката за издавање на одобрение за градба започната од страна на МОН преку апликација во општинскиот е-систем на 24 февруари, поради неколку причини, меѓу кои е наведено и дека во рамки на целокупната доставена документација, министерството има доставено договор за изградба, кој е еднострано потпишан, односно на него нема потпис од Жерновски. Ова е голема иронија и поигрување со здравјето на 560 ученици, кои за жал, поради неговите политички игри сеуште часовите по физичко образование ги изведуваат од место, во своите училници.
Еве го и договорот, кој за жал, Андреј Жерновски 2 месеци го чува во канцелариското биро и не сака да го потпише, а недостигот на неговиот потпис го наведува како причина за прекин на постапката за давање на одобрение за градба.
Министерството за образование и наука во неколку наврати го потсетува градоначалникот да си ја заврши обврската. Последното обраќање до Жерновски е на 25.3.2016 година, во петокот. Но, ниту на ова барање, до министерството, ниту електронски, ниту преку архивата не пристигнал повратен одговор.
А многу е едноставно почитуван градоначалник – земете пенкало и потпишете го овој документ, потпишете го овој договор. Престанете со монструозниот однос кон најмладите и не држете ги повеќе во заложништво! Вратете го и мирот кај наставниците и родителите, кои долго време се под притисок на вашите политички игри и партиски приоритети.
Кога веќе вие не можете да обезбедите средства, дозволете Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ да се погрижи за учениците и да им изгради спортска сала. Најстарото училиште во земјата, заслужува повторно да има спортска сала, која била урната во некој друг систем на општествено уредување.
Овој договор до петокот, остана празен на местото каде што вие требаше да се потпишете! Но, нема да бидеме изненадени доколку по оваа прес конференција излезете и мафтате со потпишан договор. Нема да бидеме изненадени од промената на датумот во официјален документ. Вие сте познат политички блефер, а истовремено и најголемиот проблем во општина Центар за реализација на капитални проекти во интерес на граѓаните.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа