Во Кавадарци околу 1.600 нови барања за легализација
По првиот рок даден од владата во Кавадарци има поднесено околу 7.300 барања за легализација на бесправно изградените објекти, изјави денеска градоначалникот на Кавадарци Александар Панов.
– Се покажа правилно што како градоначалници истапивме пред владините институции со барање за пролонгирање на рокот. Имаше кој да не слушне и Владата даде дополнителен рок за аплицирање, рече Панов.
Тој истакна дека до вчера, има околу 1.300 нови барања за легализација на дивоизградени објекти.
– Тоа значи дека имало луѓе кои заборавиле да аплицираат или мислеле дека тоа не се однесува на нивните градби, нагласи градоначалникот.
Според Панов сега има и околу 300 барања за легализирање на електрични, водоводни и канализациони линии.
– Мислам дека сега ја имаме комплетирано целата потреба од легализирање на бесправно изградени објекти и ќе им удоволиме на сите граѓани, рече Панов.
Тој соопшти дека утре кога е последен ден од продолжениот рок, службите на локалната самоуправа ќе работат до 24 часот и ги повика сите граѓани кои имаат дивоградби изградени во временскиот рок опфатен со законот, да побараат легализација. Бидејќи како што рече, тоа е пред се во нивна корист, но и во корист на целото општество.
Досега има 1.610 завршени барања, за 2.939 е прекината постапката, а бројот на предмети кои се во постапка е 2.700.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа