Во Прилеп се гради нов пешачки мост на Градска река
Во Прилеп почна да се гради нов пешачки мост преку Градска река во централното подрачје. Мостот ќе биде помеѓу постојниот мост „Табаана“ и малиот мост во овој дел на градот и ќе ги спојува зградите од населбата „Табаана“ со основното училиште „Кире Гаврилоски“.
Според градоначалникот Марјан Ристески, инвестицијата е 1,6 милиони денари, пари обезбедени од локалниот буџет.
- Многу има ученици и луѓе кои поминуваат тука и требаше да одат или на едниот или на другиот мост за да ја поминат реката. Сега ќе се олесни комуникацијата со училиштето и со центарот на градот. Овој мост не само што ќе овозможи поголема безбедност на пешаците, туку тој ќе биде и украс во централното градско подрачје, рече Ристески денеска на почетокот на работите на изградбата на мостот.
Мостот ќе биде долг 22 метри, а широк 1,8 метри и ќе биде наменет исклучивтелно за пешаци.
- Овој мост ќе биде исклучиво за сообраќај на пешаци, а не за автомобили. Ќе биде една урбана содржина која беше потребна за овој дел на градот, вели Илија Карески, сектор за урбанизам Прилеп.
Проектот за мостот го изработи фирмата „Факом“. Оттаму велат дека проектот е за 30 дена.
- Челичната конструкција е веќе изведена, планиираме градежните работи да се изведат за 15 дена, а вкупниот проект да биде за 30 дена, истакна Никола Георгиев, директор на производство во „Факом“.
Од прилепската локална самоуправа најавуваат дека наскоро ќе започнат градежните активности на мостот „Табаана“, кој треба да прерасне во современ и голем кружен тек. Освен тоа предвидена е и изградба на уште два нови пешачки моста на Градската река, едниот кај Музичкото училиште „Ордан Михајлоски-Оцка“, а другиот на Дабнички канал за да се олесни пешачкиот и возниот сообраќај во централното градско подрачје на Прилеп.
01.04.2016 - 16:53
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа