Владина помош за самовработување на лица со инвалидност
Сите заинтересирани лица со инвалидност кои се работоспособни од денеска ќе можат да аплицираат за грант за самовработување преку отворање сопствен бизнис во висина од 270 илјади денари. Дополнително, тие ќе можат да вработат уште најмногу две лица, за кои ќе добијат по 92 илјади денари. Овие лица може, но не мора, да бидат со инвалидност.
Средствата од грантот се наменети за опрема и материјали. За адаптација на работното место на лицето со инвалидност АВРМ ќе им исплати и дополнителни 100 илјади денари. Девет месеци по отворањето на бизнисот, доколку правното лице уплаќало придонеси и плати ќе може да аплицира за неповратни средства во висина од 20 просечни плати.
- Лицата со инвалидност имаат знаења способности и вештини кои може да ги искористат и за отворање на сопствен бизнис и за самовработување. Преку огласот ќе се обезбедат можности за лична егзистенција и токму поради тоа државата предвиде финансиска поддршка преку која ќе им помогне да се самовработат, рече на денешната прес-конференција заменик министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Појасни дека со оваа мерка на лицата со инвалидност ќе им се обезбеди можност да постуваат обука за меки вештини, за претприемништво и бизнис планирање да добијат потврда, менторство и стручна поддршка во текот на програмата и по регистрацијата на сопствениот бизнис, да се регистрираат како правен субјект и да се самовработат.
Доколку лицето не е регистрирано како активен барател на работа или воопшто не е регистрирано како невработено лице тоа може да го направи во Центрите за вработување, а еден ден потоа да аплицира за добивање на овие средства.
- Ги повикувам сите лица со инвалидност кои се работоспособни, а своето вработување сакаат да го решат со финансиска поддршка од оваа програма да се пријават во центрите за вработување, или на веб страницитеwww.samovrabotuvanje.mk или www.avrm.gov.mk, рече Спасов.
Информира дека за реализација на оваа мерка за 2016 е предвиден буџет од 49 милиони денари.
Директорот на СВРМ Влатко Поповски информира дека ова е втор оглас кој се објавува, а се однесува на самовработување на лицата со инвалидност.
- Во првиот се пријавија над 160 лица. Во тек се обуките, дел се завршени и се пристапува кон определување ментор кој ќе им помогне да го направат бизнис планот, по што тој ќе биде оценет и ќе им бидат доделени средствата, рече Поповски.
Појасни дека аплицирањето на овој оглас стартува од денеска, а како што рече, нема временско ограничување и ќе се аплицира до исполнување на бројката за која има средства.
Задоволство од мерката изразија и претседателите на националните сојузи на здруженијата со инвалидност во Македонија. На ваков начин, сметаат тие, ќе се реши еден голем проблем на овие лица и дел од нив ќе можат да дојдат до вработување.
- Овие мерки кои водат кон можноста за решавање на суштествено егзистенцијално прашање на секој човек, а со тоа и на самите лица со телесен инвалидитет, како што е вработувањето, се мошне корисни и ние ги повикавме нашите членови да се јават на овој повик бидејќи ова е една од можностите да го надминат проблемот и да се вработат, рече претседателот на Националниот сојуз на здруженија на лица со телесен инвалидитет Бранимир Јовановски.
Истиот став го дели и претседателот на Националниот сојуз на слепи и слабовидни лица Жарко Селковски кој ја искористи приликата да ги повика членовите на овој Сојуз да аплицираат за оваа мерка и да се обидат да се осамостојат преку самовработување.
Претседателот на Нациоалниот сојуз на глуви и наглуви лица Васко Марков истакна дека се надева оти и за овој повик како и за претходниот ќе има интерес, бидејќи, како што потенцира, ова е начин како тие да се интегрираат во општествените текови и да обезбедат сопствена егзистенција.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа