Работодавачите велат- работа има: Кои професии се најбарани во моментов во Македонија

 

Над 8.000 слободни работни места моментално има на пазарот на труд, покажуваат податоците на Агенцијата за вработување на Република Македoнија. Најмногу од нив во преработувачката индустрија, трговијата, градежништвото, угостителските и финансиските дејности, како и во индустријата за информатички технологии, пишува Лидер.

Компаниите велат, се потешко е да се најде квалификуван и стручен кадар. Најтешко се наоѓаат заварувачите, леарите и останатите занаетчии, кои се повеќе недостасуваат на пазарот на труд. Дефицитарни се инженерите, посебно оние градежните, кои заедно со програмерите и работниците во финансиската индустрија остануваат на цена.

. Од оние со завршено високо образование компаниите бараат: програмери, информатичари, градежни инженери, архитекти, машински инженери, електроинженери, технолози, фармацевти, графички дизајнери.

Од луѓето со средно или со вишо образование се бараат: комерцијалисти, техничари, медицински сестри, администратори, леари и слично.

Средното стручно образование, пак, треба да испорача шивачки, бравари, столари, заварувачи, армирачи, лимари, повеќе профили на градежни работници, металостругари, монтери, автомеханичари, електроинсталатери, преработувачи на овошје и на зеленчук за потребите на преработувачката индустрија.

-Заварувачи, водоводџии, буквално занаетчиите се кадрите кои недостасуваат на пазарот на труд. Во последно време повеќе компании се во потрага по соодветни продавачи, обучени и спремни да излезат на пазарот и веднаш да работат. Потоа, во угостителската дејност се барани келнерите и куварите. Од високо образованите кадри, инженерите се многу барани, посебно градежните инженери кои се дефицитарен кадар, особено оние што се лиценцирани. Машинските инженери исто така во делот на надзорот, како проектанти и изведувачи, се исто така барани на пазарот на труд, вели директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Влатко Поповски.

Се намалува невработеноста, мерките даваат резултат

Невработеноста се намалува, а тоа го покажува и статистиката – стапката на невработеност во последниот квартал се намали на историски 24,6%. Проектот „Македонија вработува“, кој е при самиот крај, ги надмина очекувањата. Преку палетата мерки кои ги нуди владата за работодавачите и невработените, досега работно место пронашле над 14 илјади лица.

За пофалба е тоа што забрзано се намалува и стапката на невработеност кај младата популација, нешто што одамна претставува проблем на пазарот на труд. Имено преку мерката за вработување на млади лица до 29 години, во последниве две години се вработени над 12.000 млади луѓе. Последните квартални податоци на државната статистика велат дека стапката на невработеност кај најмладата популација се намалила за речиси 5 проценти на годишно ниво.

Дејности кои најмногу вработуваат (Извор: АВРМ)

Ако се анализира ефектот на мерките за вработување, може да се заклучи дека за само две години со две мерки на владата, работа пронашле над 22 илјади невработени граѓани, од сите категории.

Експертите велат дека проблемот со невработеноста на младите лица постапно се решава. Компаниите се заинтересирани за мерките кои ги нуди државата, пред сѐ поради тоа што им ги намалуваат трошоците, а им ја зголемуваат ефикасноста на работата, а со тоа им оставаат можност да продолжат да инвестираат во развој на сопствениот бизнис.

Продолжуваат позитивните трендови

Клучните сектори од преработувачкат индустрија отвораат најмногу работни места, најмногу како резултат на влезот на странските инвестиции и домашните вложувања.

-Станува збор за синергија, вкрстено делување на повеќе фактори. И домашните инвестиции, но и странските имаат влијание врз економската активност, но и врз отворањето на нови работни места. Од една страна имаме обемни градежни активности на инфраструктурата во повеќе области, а тоа има влијание на побараувачката на работна сила. Од друга страна имаме странски инвестиции кои вложувајќи во земјава отвораат нови работни места и со стамото тоа економската активност добива една забрзана динамика, а вработувањата овозможуваат подобар животен стандард, објаснува универзитетскиот професор Јован Пејковски.

Овие мерки, покрај тоа што ја намалуваат невработеноста, влијаат и врз економските текови. Според професорот Пејковски, позитивните трендови ќе продолжат и оваа година.

-Може да се очекуваат промени во економијата, но трендот е позитивен. Тоа значи дека динамиката која е воспоставена во растот на БДП и на индустриското производство и намалувањето на невработеноста, се позитивни движења, кои ако продолжи макроекономската политика и ако се исклучат екстерните влијанија, кои секако се можни, нормално и со стабилизиацијата на домашните внатрешно политички прашања, може да се очекува дека овие трендови би продолжиле и понамау во 2016-та година, вели Пејковски.

 
 
05.04.2016 - 09:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега