Објавена листата: Ова се најголемите должници во Македонија
На најновата, четврта по ред листа на должници на Управата за јавни приходи се најдоа имињата на 4.629 компании и граѓани. За разлика од мартовската листа, бројот на должници е намален за 410.
На најновиот список се 3.214 фирми и 1.415 граѓани кои имаат долгови по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини, доспеани до крајот на ноември лани, а неплатени до 19 февруари годинава. Јавно се објавени фирмите кои должат над 300000 денари и физичките лица и самостојни вршители на дејност со долг повисок од 120.000 денари. Меѓу нив има и такви кои должат и по цела деценија, како и фирми, меѓу нив и загубари, кои веќе не се активни, како сите производствени единици на скопски ОХИС, охридски ЕМО и слично. И на оваа листа како должници се повторуваат комуналните претпријатија на повеќе општини, неколку големи јавни претпријатија, но има и познати адвокатски канцеларии, фудбалски клубови, градежни претпријатија, музички продукции, ветеринарни станици, лекарски ординации, аптеки, спортски друштва... и во најголем дел увозно извозни фирми. На списокот има и здружение на одгледувачи на овци, потоа Сојуз на борците од НОВ, а своевиден куриозитет е фирмата даночен должник Капоне, која веројатно го добила името по американскиот гангстер Ал Капоне, кој водел многу нелегални бизниси, но бил уапсен за неплатен данок. Вкупниот долг што го направиле објавените фирми и граѓани изнесува 228,3 милиони евра, На претходната листа објавена пред еден месец вкупниот долг беше поголем за седум милиони евра. Априлскиот список на УЈП може да го видите тука
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа