ЕУ загрижена за потегот на Иванов, изразува поддршка на Специјалното обвинителство
Европската унија пројави сериозна загриженост за денешната одлука на македонскиот претседател Ѓорге Иванов да ги помилува сите лица што се вмешани во незаконското следење на комуникациите што последните две години ја втурна Република Македонија во сериозна политичка криза, јави дописникот на МИА од Брисел.
Европската дипломатска служба на Федерика Могерини, предмалку преку портпаролката Маја Коцијанчиќ, реагираше на одлуката на Иванов, изразувајќи сериозна загриженост за одлуката, повикувајќи ги сите страни да избегнуваат потези со кои ќе ги стават во ризик досега вложените напори за смирување на тензиите во земјата.
- БЈР Македонија се посвети на промовирање на владеењето на правото и борбата против неказнивоста. Наспроти ова, денешната одлука на претседателот Иванов за помилување на голем број на службеници покренува сериозна загриженост. Тоа се случува во време кога сите страни треба да бараат начини за зачувување на Договорот од Пржино. Ние ги повикуваме сите страни да избегнуваат интервенции што носат ризик од поткопување на со години вложените напори во земјата, а со поддршка на меѓународната заедница за зајакнување на владеењето на правото, истакнува портпаролката на Еврокомисијата, Маја Коцијанчиќ.
Таа во име на ЕУ изрази поддршка на работата на Специјалниот обвинител во Македонија.
- Важно е да се поддржи работата на Специјалниот обвинител и нејзиниот тим основана од страна на Парламентот како дел од Договорот за Пржино и да продолжат да ги истражуваат сериозните проблеми што беа изнесени минатата година. Исто така, еднакво важно е да се подготват за веродостојни избори за одржување на земјата на патот на евроатлантската интеграција. Од суштинско значење е сите партии да се вратат на дијалогот и да се најде заеднички договор кој ќе им служи на граѓаните, ја пренесе Коцијанчиќ пораката на Европската унија.
Претходно, еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, истакна дека „денешните потези на претседателот Иванов не се во линија со моето разбирање за владеењето на правото“, притоа изразувајќи сомнеж дека на 5 јуни е можно да се организираат „кредибични избори“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа