Почна да се спроведува одлуката на Иванов - првиот осуденик пуштен на слобода
Звонко Костовски од ПУЧ е првиот помилуван од Иванов, веќе е на слобода.
До Основниот суд Скопје 1 – Скопје, во текот на вчерашниот ден, од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија беше доставена одлука за помилување на осудено лице, при што судија за извршување санкции веднаш ја достави одлуката на надлежно постапување на затворската институција, за целосно ослободување од натамошно издржување на казна затвор на осудениот З.К. кој со предлог-спогодба КОК ПП бр. 131/15 од 25 март 2015 година е осуден на единствена казна затвор во траење од 3 години за кривичните дела шпионажа, од членот 316 ст. 4 в.в со член 24 од КЗ, и неовластено прислушување, од членот 151 ст. 4 в.в со ст.1, а во врска со член 45 од КЗ.
Звонко Костовски е првиот кој е пуштен од затвор после одлуката на претседателот Иванов да помилува политичари и нивни приврзаници. Тој беше обвинет во предметот „Пуч“ во кој се вклучени и лидерот на СДСМ Зоран Заев, поранешниот разузнавач Зоран Верушевски, неговата сопруга Соња, службеникото Општина Струмица Бранко Палифров и Ѓорги Лазаревски, вработен во МВР. Но Костовски е единствениот кој се спогоди со судот и доби затворска казна додека останатите иако во неколку наврати седнаа на обвинителна клупа, сепак судењето за нив никако да започне. Се очекува помилувањата да ги опфатат и нив, но за сега од судот велат дека ова е единственото решение од Иванов кое стигнало до нив.
Телма неофицијално дознава дека началникот на 5-та управа Горан Грујовски пуштен од домашен притвор, но за оваа информација се уште нема потврда од судот.
Инаку, со вчерашната одлука на Иванов за општото помилување, ќе треба да се објасни дали ќе биде доставено до сите судови и дали со оваа одлука се помилуваат лица од преметите кои веќе ги презеде Специјалното јавно обвинителство.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа