НБРМ: Растот продолжува - ризик се политичките случувања

 

Домашната економија и понатаму расте со солидно темпо. Кредитите во март бележат побрз раст од претходниот месец, главно кај населението. На девизниот пазар се остварени стабилни движења. Ова е заклучокот на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ од вчерашната седница на која беа разгледани состојбите во домашната економија, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

Од НБРМ информираат дека економското закрепнување се одвива без ценовни притисоци и без притисоци во надворешниот сектор. Годишниот раст на БДП за четвртиот квартал изнесува 3,9 отсто, со што за целата 2015 година остварениот раст на БДП изнесува 3,7 отсто и е умерено повисок во однос на проектираниот. Ризиците, според НБРМ, произлегуваат од надворешното, но и од неизвесното домашно окружување. Во однос на надворешните фактори, тие и натаму се поврзани со евентуалните промени во динамиката на заздравување на глобалниот економски раст и движењата на цените на примарните производи на светските берзи. Во однос на домашните ризици, стои во соопштението, и покрај тоа што во досегашниот период нивното влијание беше релативно мало и ограничено, евентуалното оддолжување на неизвесноста поврзана со политичките случувања доведува до можност таа да се прелее во економијата заради поголема воздржаност на домашните и странските субјекти.

Според НБРМ, расположливите податоци за првото тримесечје на 2016 година упатуваат на продолжување на солидниот раст, при поволни движења во клучните сектори на економијата. Сепак, додаваат дека и покрај овие остварувања, неизвесното глобално закрепнување, а особено неповолните услови на глобалниот пазар на метали и неизвесноста заради домашните политички случувања и понатаму се ризиците што може да влијаат врз темпото на идното закрепнување.

НБРМ во соопштението додаваат дека ефектите врз домашната економија, поврзани со домашните политички случувања се оценува дека се ограничени, но оти и понатаму постои неизвесност во окружувањето што создава ризици за следниот период. - Во вакви услови, наведуваат, насоката на монетарната политика во следниот период ќе зависи од стабилизирањето на домашниот политички контекст и нeговите ефекти врз економијата, како и од промените во надворешната позиција и ефектите врз девизните резерви.

Девизните резерви се на соодветно ниво, коешто е доволно за справување со евентуални непредвидени шокови во иднина. Заклучно со март покажуваат умерен раст од почетокот на 2016 година наспроти очекувањата за нивно намалување во рамки на октомвриската проекција. 

Податоците за март покажуваат намалување на општото ценовно ниво во првите три месеци од годината, во просек за 0,1 отсто на годишна основа.  Податоците за трговскиот дефицит во првите два месеца од годината се подобри од очекуваните, додека показателите за приватните трансфери не покажуваат отстапување од проекциите.

Кредитниот раст изнесува 0,9 отсто на месечна основа и е малку побрз во споредба со претходниот месец. Најголемиот дел од кредитите се насочени кон секторот „население“, а умерен раст бележат и корпоративните кредити. Годишната стапка на раст на вкупните кредити во март изнесува 8,4 отсто и е умерено над проекцијата за првиот квартал на 2016 година. Вкупните депозити забележаа раст  над очекувањата за првото тримесечје.

НБРМ наведува дека во домашната економија, автономните фактори придонесоа за умерен пад на ликвидноста на банките, поради што банките го намалија вишокот ликвидни средства пласирани во монетарните инструменти. Воедно, банките ги обезбедија дел од потребните ликвидни средства и на пазарите на пари, каде што покрај со меѓубанкарски заеми, активно се тргуваше и со краткорочни хартии од вредност.

Во соопштението се истакнува дека дел од ризиците се ублажени со мерките на НБРМ кај инструментот задолжителна резерва, коишто имаат за цел понатамошна поддршка на долгорочното штедење во домашна валута и со тоа, поддршка на процесот на „денаризација“ на економијата. Во иста насока се и декемвриските пакет-мерки за забавување на брзиот раст на долгорочни потрошувачки кредити, коишто истовремено овозможуваат и олеснување на условите за финансирање на корпоративниот сектор, вклучително и за малите и за средните претпријатија. Нестандардната мерка кај задолжителната резерва за системски значајните сектори за домашната економија придонесува за натамошна поддршка на кредитирањето на нето-извозниците и домашните производители на електрична енергија.

Од НБРМ посочуваат дека и во следниот период внимателно ќе ги следат движењата и доколку е потребно, ќе се направат соодветни промени во монетарната политика за успешно остварување на целите на монетарната политика.

 
 
13.04.2016 - 13:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега