Опозицијата поднесе иницијатива за импичмент на Иванов
Пратеничката група на СДСМ денеска до Собранието поднесе иницијатива за постапка за утврдување на одговорност за претседателот Ѓорге Иванов кој вчера прогласи аболиција за сите политичари и нивни соработници обвинети и осудени во случаите поврзани со материјалите од прислушуваните разговори.
- Со својата, како што рече тој, општа амнестија на политичарите, Ѓорге Иванов стана заштитник на криминалците, ги погази Уставот, законите и достоинството на граѓаните што е рамно на државен удар. Дополнително му зададе смртоносен удар на договорот од Пржино, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ Горан Сугаревски.
Иницијативата, според него, досега е потпишана од 37 пратеници, а во изјавата дадена пред зградата на Собранието, Сугаревски ги повика сите парламентарни партии да ја поддржат оваа иницијатива и, како што рече, да преземат чекор за враќање на уставниот поредок во Република Македонија.
- Вчера ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека не се согласува со одлуката на Иванов, а ако е тоа така ги повикувам пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да дојдат во Собранието и да го потпишат предлогот. Во спротивно ќе потврдат дека станува збор за договор меѓу нив и Иванов, рече Сугаревски.
Според координаторот на пратеничката група на СДСМ, Иванов создава дискриминација и врши поделба на политичари, недопирливи, кои сака да ги ослободи од одговорност за тешки кривични дела, и останати граѓани, обични смртници кои подлежат на казни за минорни кривични дела.
Сугаревски тврди дека и покрај тоа што Парламентот е веќе распуштен деловнички можности за свикување на седница има и оти за тоа е потребно само да се има политичка волја.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа