Фабриката за шински возила „Велес“ потпиша договор со МЖ за поправка на 75 товарни вагони

 

Фабриката за шински возила од Велес и ЈП „Македонски Железници“ потпишаа договор за поправка на 75 товарни вагони.

Како што информира денеска за МИА Борис Алчев, директор на Фабриката за шински возила „Велес“, договорот значи и добивање сигурна работа и плата за вработените, кои подолго од една година немаат работно ангажирање.

- Тоа ќе значи сигурна работа во наредните три – четири месеци и сигурна и редовна плата за 132 - та вработени. Воедно ова значи дека во рок од 12 месеци ќе можеме да склучиме и други договори за поправка на вагони на ЈП „Македонски Железници, појасни Алчев.

Според директорот Алчев, ваквиот договор е разултат на измените на Законот за сигурност во Железничките системи.

- При што во првата измена на овој Закон, Фабриката за шински возила „Велес“ доби сертификат за одржување на железничките возови, а со втората измена на Законот и можност да склучува договори со непосредна спогодба. Во целата постапка голема е ангажираноста на Министерството за транспорт и врски и на министерот Владо Мисајловски во изминатите три месеци и моја откако сум поставен за директор на оваа велешка фирма, потенцира Алчев.

Тоа што е посебно важно за вработени во Фабриката за шински возила „Велес“ е што овој договор ќе значи и редовна плата.

- Така неделава вработените ќе добијат една до една и пол од неколкуте заостанати плати. Воедно понатаму со активирање на погоните и започнување на работата ќе ги добијат и преостанатите заостанати плати, најави Алчев.

Од особена важност е неодамнешниот заклулчок на Владата при што е усвоен акциски план за започнување на постапка за присоединување на оваа велешка фирма кон ЈП „Македонски Железници“-Транспорт АД Скопје.

- Постапката е забрзана и очекуваме во најскоро време, во наредните месец - два најдоцна во текот на летово, нашата фабрика по 20 години повторно да биде во состав на Македонски Железници, а тоа ќе значи реновирање и усовршување на погоните и набавка на нови машини и алатки за работа, потенцира директорот Алчев.

Како што потсети, Фабриката за шински возила „Велес“ до пред 20 години, поточно до 1 јули 1996 година беше Погон на МЖ, а со одлука на Управниот одбор на МЖ, почна да работи како самостојно правно лице.

Во Фабриката за шински возила „Велес“ годишно се поправаат околу 150 товарни вагони и пет до шест патнички вагони.

Фабриката за шински возила „Велес“, утре ќе наполни точно 100 години од своето постоење. Формирана е на 15 април 1916 година под името „Колска Работилница“ во време на Првата светска војна, а за потребите на германските сили односно за поправка на возовите на Железницата и оттогаш непрекинато работи цел еден век. По војната била една од поуспешните велешки фирми со многу награди и признанија за својот квалитет, а меѓу другото, е добитник на златна статуетка за квалитет-добиена во Париз, Франција, во 2002 година.

 
 
14.04.2016 - 19:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега