Македонската економија жилава и покрај кризата: Кому му пречи економскиот раст?

 

Македонската економија се покажува како исклучително жилава. И покрај политичката криза, последната проекција на ММФ вели дека растот годинава и во 2017-та ќе изнесува 3,6 проценти, за 0,4 процентни поени повисок во однос на претходното очекување на Фондот, пишува Лидер.

Прогнозата на меѓународните монетарци е многу блиску до онаа на Светска банка од последниот редовен извештај за ЈИЕ. Банката за Македонија очекува раст од 3,7 проценти годинава и 4 проценти во идната година.

-Најбрз раст во 2015 година од земјите во регионот бележи Македонија со 3,7 отсто, а по неа е Косово со 3,6 проценти. Растот се пресликува во создавање нови работни места во приватниот сектор, а тоа и ниската инфлација им помага на приходите во домаќинствата и ја намалува сиромаштијата, соопшти регионалниот директор во Банката, Елен Голдстин.

И покрај оптимистичките прогнози за македонската економија кои доаѓаат од речиси сите релевантни меѓународни финансиски институции, политичката криза претставува сериозна закана за земјава. Постојано се генерираат нови конфликти кои можат да се одразат на економски план.

-Пролонгирањето на политичката несигурност би можело да влијае врз одлуките за инвестирање и намалување на економската активност, се наведува во Извештајот.

Народната банка ја следи ситуацијата

Централната банка на Македонија внимателно го следи развојот на настаните. На последната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика е заклучено дека ефектите од домашните политички случувања се ограничени, но и дека насоката на монетарната политика во идниот период, меѓу другото, ќе зависи и од стабилизирањето на домашниот политички контекст.

-Расположливите податоци за првото тримесечје на 2016-та година упатуваат на продолжување на солидниот раст, при поволни движења во клучните сектори на економијата. Сепак, и покрај овие остварувања, неизвесното глобално закрепнување, а особено неповолните услови на глобалниот пазар на метали и неизвесноста поради домашните политички случувања и понатаму се ризиците коишто може да влијаат врз темпото на идното закрепнување, стои во заклучокот од седницата на НБРМ.

Токму тоа беа стравувањата на гувернерот Богов, да не се повтори ланското сценарио.

-Лани, политичката криза си го зема својот данок. Очекувавме економски раст од над 4%, а завршивме со 3,7% . Оваа година очекувањата се дека тој тренд на раст ќе продолжи, но ќе видиме, ги правиме проекциите, и оваа година ќе имаме одреден данок од таа политичка нестабилност. Овој месец работиме на ревизија на проекциите, официјално ќе ги објавиме на почетокот на мај, вели Богов.

Бизнисот бара да и се стави крај на кризата!

Загриженоста на Богов ја дели и Сојузот на стопански комори. Од ССК велат дека во услови на политичка криза не е можно зголемување на производството, освојување други пазари, склучување договори со нови партнери, преземање развојни или инвестициски активности. За бизнис – заедницата е клучно да се знае кога политичката неизвеснот ќе заврши, за да продолжи кредитната активност на банките, но и активностите на компаниите во насока на нов инвестициски циклус.

-Незивесноста не може да трае до недоглед, треба да има разрешница и да се знае кога таа ќе се случи. Лани остваривме позитивен резултат од 3,7 отсто, иако предвидувањата и проектирањата беа четири, укажува извршниот директор на Сојузот на стопански комори, Митко Алексов.

Со исто мислење е и Стопанската комора на северозападна Македонија. Оттаму велат дека бизнисот трпи големи штети, а особено се погодени малите и средните претпријатија. Странските партнери стравувале од натамошна соработка и инвестирање.

-Сите треба да бидат одговорни, сериозно да се однесуваат и да донесат долгорочни одлуки, вели претседателот на Комората, Неби Хоџа.

Стравуваат и туристичките работници. Пресметките им покажуваат дека бројот на гости годинава ќе се зголеми за 10 до 15 проценти, но ова е оптимистичко сценарио кои ќе остане на сила ако не ескалира состојбата. За нив се проблем и протестите, за кои велат дека можат да ги одвратат гостите.

-Минатата година се организиравме за да нема проблем после протестите. Ние тоа го сработивме како еснаф, но ако се случат поголеми проблеми, за три дена може да се загуби дестинација во наредните пет години, вели претседателот на туристичко – угостителската комора, Аркан Керим.

Иванов со повик до лидерите за договор

Претседателот Иванов ги повика лидерите на партиите, наместо пред странци, пред домашните институции да се постигне договор за државата да излезе од политичката криза.

-Сè е замрзнато, сите бизниси се стопирани, инвеститорите се двоумат дали да дојдат. Сето ова мора да заврши, а ќе заврши ако ги почитуваме Уставот и институциите и ако водиме дијалог што и доликува на земја – кандидат за ЕУ,  порачува претседателот Иванов.

Кризата да се реши на избори за Македонија да тргне напред – повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски.

-За разлика од безидејната и деструктивна политика на СДСМ, ние нудиме реформи, отворање на нови работни места и нови проекти. Затоа го повикувам претседателот на СДСМ да излезе на фер и демократски избори и да се соочи со народот,  порачува Никола Груевски.

Груевски гласно кажа дека нема да го дозволи украинското сценарио на Заев, дотолку повеќе што протестите во оваа земја доведоа до огромен пад на БДП, обезвреднување на валутата, сиромаштија.

 

 
 
15.04.2016 - 08:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега